- Телефон : +389 46 262 492
- Работно време : Пон-Пет 08:00 - 16:00
12 септември 1948 година во Охрид е роден познатиот охридски и македонски сликар, Јордан Манасиевски. Дипломирал во 1969 година како ликовен педагог на Педагошката академија, во класата на Вангел Коџоман. Првата самостојна изложба ја отворил во 1991 година во Куќата на Уранија во Охрид, а учествувал во повеќе групни изложби во земјата и странство, како и во повеќе ликовни колонии во Република Македонија. Носител е на светски бројни признанија, како тоа од „Кембриџ“, светскиот храм на знаењата и на постигнувањата, од каде му е доделен медалот „Личност на годината“ за 2013 година, единствен од областа на уметничката дејност . Во последниве години, тој ги освои Париз, Токио, Њујорк и Фиренца и други светските уметнички метрополи и салони, од каде се врати со ласкави признанија и награди. Во 2009 година, Манасиевски ја доби и специјалната награда на Светската галерија за цртеж на „Остен“ во Скопје. Во 2014 година е добитник на највисокото општинско признание „Свети Климент Охридски - патронот на Охрид“. По повод 55-годишнината од неговото творештво, во 2025 година излезе од печат монографијата посветена на овој сликар, од авторот Владимир Величковски.
21 септември 1919 година во Охрид е роден писателот Димче Маленко. Својата писателска кариера ја почна со стихови, за подоцна да се оддаде на прозната и драмската литературна творба. Првата песна „Портрет“ е објавена во 1944 година, на ѕидниот весник на Охридската бригада во селото Велмеј, а неговата прва стихозбирка носи наслов „Мачници“. Првата негова објавена прозна творба е расказот „Крај дибекот за толчење кафе“, а неговото најголемо остварување е романот „Слободољубиви човекољупци“. Има објавено и повеќе фолклористички трудови. Покрај професорската работа, се занимавал и со новинарство, како соработник на Радио Охрид. Почина на 6 април 1990 година.