• ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕ НА СТЕФАН ЈАКИМОВ ДЕДОВ

    На 28 октомври 1869 година во Охрид е роден Стефан Јакимов Дедов – еден од поактивните македонски преродбеници. Како студент на Белградскиот универзитет, во 1902 година е основач на Македонски клуб кој го издава  својот орган „Балкански гласник“ под негова редакција. Но, заради прокламирање на македонската национална програма и македонскиот јазик, како посебен, за кратко време весникот  бил забранет, а Стефан Дедов, заедно со Дијамандија Мишајков, морале да ја напуштат Србија и да заминат за Петроград во Русија. Таму, Дедов е еден од иницијаторите за формирање на Македонско научно-литературно другарство. Во април 1903 година во Софија го издава весникот „Балкан“, а во 1904 година е издавач на третиот весник „Куриер“ како орган на „новото македонско движење“. Дедов е потписник на Меморандумот до Руската влада, што претставува прва комплетна  македонска  национално-ослободителна програма. Убиен е по порачка во Софија, како соработник со тогаш завојуваната Србија.

  • ГОДИШНИНА ОД СМРТТА НА ЈАСНА РИСТЕСКА

    7 ноември 1944 година, во борбата за ослободување на Охрид, загина 17-годишната партизанка Јасна Ристеска. Родена е во 1927 година во селото Рамне, рано останала сираче и како малолетна својот леб го заработувала како слугинка по богатите охридски куќи. Денес, нејзиното име го носи Детска градинка во Охрид, а во селото Рамне е поставена биста.

  • ГОДИШНИНА ОД СМРТТА НА ПОЧИНА МИТРОПОЛИТОТ ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКИ И ПЛАОШКИ, ГОСПОДИН ТИМОТЕЈ

    25 ноември 2024 година, на 73 години, почина митрополитот дебарско-кичевски и Плаошки, господин Тимотеј. На чело на епархијата беше од 1981 година оставајќи силен белег, а до 1995 година раководеше и со Австралиската македонска православна епархија. Владиката Тимотеј ја вршеше и функцијата портпарол на Синодот на Македонската православна црква. Со црковна церемонија беше погребан на Плаошник.