Ohrid.gov.mk

ИЗЛОЖБА НА ДЕЛА ОД ПРВАТА МЕЃУНАРОДНА КОЛОНИЈА „ЛИХНИД– ОХРИД“

ЈАВНИ ДЕЈНОСТИ

ИЗЛОЖБА НА ДЕЛА ОД ПРВАТА МЕЃУНАРОДНА КОЛОНИЈА „ЛИХНИД– ОХРИД“

Во рамки на програмата на Општина Охрид за одбележување на 35 години од независноста на Република Македонија вчеравечер во Музејско – културниот центар „Лапидариум“ беше поставена изложбата на дела создадени во рамки на Првата меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“.

На изложбата беа претставени делата на 17 уметници од Македонија и од повеќе земји од светот, кои својата уметничка инспирација ја пронајдоа во богатото културно, историско и природно наследство на Охрид.

Во име на Општина Охрид, на отворањето се обрати заменик-градоначалничката Ана Крстеска.

– Во предвечерјето на големиот јубилеј – 35 години од независноста на нашата татковина, навистина ми е голема чест и задоволство што имаме можност да присуствуваме на една ваква значајна културна манифестација.

Денеска, овде, во прекрасниот амбиент на Музејко – културниот центар „Лапидариум“, ги претставуваме делата создадени во рамки на Првата меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“.

Оваа изложба е своевиден резултат на една нова културна иницијатива на Општина Охрид, која на едно место ги обедини уметниците од Македонија и светот.

Особено ми е драго што токму униктното културно и историско наследство со кое располага нашиот град, беше инспирација за создавањето на овие дела. Секој уметник на свој начин го доживува и претставува Охрид, неговата природа, архитектура, историја и дух, создавајќи уметнички дела кои ќе останат како трајно сведоштво за идните генерации.

Оваа изложба е повеќе од презентација на уметнички дела. Таа е потврда дека културата поврзува, отвора простор за соработка и создава пријателства кои ги надминуваат границите.

Општина Охрид во континуитет ќе продолжи да вложува во културата и во создавањето нови можности за уметниците.

Во годината во која одбележуваме 35 години независна и суверена Република Македонија, ваквите настани имаат посебно значење. Тие покажуваат дека нашата култура продолжува да создава, да се развива и да се поврзува со светот.

Им благодарам на сите 17 уметници кои беа дел од Првата меѓународна ликовна колонија, за нивното учество, творештво и за тоа што оставија дел од својата уметничка визија во нашиот град.

Почитувани,

Оваа можност ја користам во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков да упатам срдечна честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста. Нека ни биде честит и светол овој голем празник, со желба за мир, благосостојба, напредок и уште многу години во кои заеднички ќе ја градиме и чуваме нашата татковина, истакна Крстеска во своето обрачање.

На првата Меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“ учествуваа Анета Гајос од Полска, Наталија Студенкова од Словачка, Ѓулај Јуксел од Турција, Мајкл Клоуз од Канада, Жужана Ардо од Велика Британија, Меџид Факиќ од Србија, Раџат Субхра Бандопадхјај од Индија, Павлина Копано-Боботанова од Бугарија, како и Славица Танеска, проф. д-р Фехим Хусковиќ, проф. м-р Мирко Вујисиќ, Славко Упевче, Лидија Вујисиќ, Емел Махмуд, Никола Упевче, Андреј Антевски и Тони Попов од Македонија.

Tags :

Споделете: