Ohrid.gov.mk

ОПШТИНА ОХРИД ДОБИТНИК НА НАЦИОНАЛНАТА НАГРАДА „МЛАДИНСКИ ПРИЈАТЕЛСКИ ГРАД“ ЗА 2026 ГОДИНА

ГРАДОНАЧАЛНИК, ЈАВНИ ДЕЈНОСТИ

ОПШТИНА ОХРИД ДОБИТНИК НА НАЦИОНАЛНАТА НАГРАДА „МЛАДИНСКИ ПРИЈАТЕЛСКИ ГРАД“ ЗА 2026 ГОДИНА

Денеска во Младинскиот центар во Охрид свечено беше отворен Четвртиот Национален форум за младинска работа, на кој Општина Охрид официјално ја доби престижната национална награда „Младински пријателски град“ (Youth Friendly Town) за Југозападниот плански регион за 2026 година.

На свеченото отворање на Форумот и доделувањето на наградата, пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

-‎ Ми претставува особена чест и задоволство што денес Охрид е домаќин на овој значаен форум, кој ги обединува институциите, организациите, младинските работници и младите луѓе, со една заедничка цел, а тоа е создавање на подобри услови за младите и унапредување на младинските политики во нашата држава.

Охрид е град со богато културно и историско наследство, но истовремено и град кој својата иднина ја гледа во младите генерации. Затоа, за нас поддршката на младите не е само законска обврска, туку стратешка определба и инвестиција во иднината на локалната заедница.

Општина Охрид во изминатиот период посветено работеше на воспоставување функционален систем за поддршка на младите. Особено сме горди на отворањето на Младинскиот центар во 2022 година. Ова место, денес претставува важен простор за младинско организирање, неформално образование, развој на вештини, волонтерство и активно учество во општествените процеси.

Покрај тоа, Општина Охрид ги воспостави и институционалните механизми за младинско учество, а тоа се Локалниот совет на млади и Локалното младинско собрание. Исто така, донесовме и Локалната стратегија за млади, како основа за системско планирање и спроведување на младинските политики.
‎
‎Но, секако нашата заложба не завршува тука. Следниот значаен чекор е отворање  на Младинскиот културен центар. Во таа насока, веќе е реализиран јавен конкурс за идејно архитектонско решение за адаптација на постојниот објект во поранешната касарна, а избраното решение претставува основа за следните фази на проектот и неговата реализација.
‎
‎Имаме визија да создадеме место кое ќе им припаѓа на младите. Простор во кој ќе се раѓаат нови идеи, ќе се развиваат таленти, ќе се создаваат културни содржини и ќе се поттикнува младинската креативност.
‎
‎Почитувани,
‎
Оваа можност сакам да ја искористам и да искажам голема благодарност што Општина Охрид е добитник на награда „Младински пријателски град“ за Југозападниот плански регион. Ова признание го доживуваме како потврда за досегашната работа, но и како дополнителна одговорност да продолжиме со унапредување на условите за младите.

Mорам да нагласам дека оваа награда им припаѓа и на сите младински организации, младински работници, активисти и пред се на младите охриѓани, кои со својата посветеност придонесуваат Охрид да биде подобро место за живеење.

Ви посакувам успешен форум, конструктивни дискусии и важни заклучоци. Верувам дека Охрид ќе биде место од кое ќе произлезат нови идеи, партнерства и иницијативи за подобра иднина на младите во Македонија, истакна Пецаков во своето обраќање.

Во рамки на Форумот, градоначалникот Пецаков учествуваше и на панел-дискусијата посветена на темата „Од закон до локална реалност: институционална и финансиска поддршка за младинските центри и младинската работа“, заедно со градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски и градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски.

Националниот форум за младинска работа се одржува од 10 до 12 ноември, во организација на Коалицијата на младински организации СЕГА и Младинскиот центар Охрид, во партнерство со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), Фондот за население на Обединетите нации (UNFPA), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Tags :

Споделете: