• ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕ НА ВАНЧО НИКОЛЕСКИ

    10 јуни 1912 е роден Ванчо Николески, таткото на македонската поезија и проза за деца, роден во Црвена Вода, Охридско. Има објавено голем број детски песни, кои и денес се паметат, но најпознат е по неговиот роман „Волшебното самарче“. Неговите соселани во Црвена Вода, во негова чест, изградија спомен-училиште. Од 2018 година, во организација на Друштвото за култура и литература „Мацково“, е воспоставен Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“. Поетско друштво „Ванчо Николески“ постои и во Квинбијан, Австралија.

  • ГОДИШНИНА ОД СМРТТА НА КЛИМЕ САДИЛО

    21 јуни 1965 година згасна животот на најпопуларниот охридски трубадур и виртуоз на виолина, Климе Садило. Основач е на популарната тајфа на охридски староградски песни, во која влегувале: Наум Курте, Паско Пепелко, Кирил Кузманоски – Катилот, Димче Карче, Ѓоре Чочег и Мехмед Утчи. Немало свадба или друга веселба во Охрид и околината, без Садиловци. Песните за Деспина, Фросина, Антица, за Фанче, за Катуше, за Осман бегот и други, останале длабоко во меморијата на Охриѓани и денеска со посебен восхит се пеат на разни веселби, свадби и седенки. Дел од нивното богато музичко наследство останало забележано на повеќе грамофонски плочи. Како наследник на Садиловци и натамошен носител на трубадурската традиција се смета ансамблот „Билјана“ предводен од Кузман поп Стефанија, а неговото дело го продолжува нова генерација од млади, талентирани музичари.

  • ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕТО НА СЕКУЛА ПУПИНОСКИ

    11 јули 1955 година е роден Секула Пупиноски, естраден уметник, пејач на македонски народни песни. Пупиноски е познат по песните: Врати се бела Марија, За една Кристина, Моја Наде, После долги години и други. Ненадејно почина во Охрид во 2011 година.

  • 80 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ИВАН КАРАДАК

    16 јули 1946 година во Охрид е роден Иван Карадак, македонски писател, драматург, афорист и сатиричар, нарекуван „таткото на современата македонска сатира“. Најпознат бил по емисијата „Хихирику“ што секоја недела беше емитувана на првата програма на македонското радио. Автор е на повеќе хумористични записи, сценарија, радио-драми, афоризми и сл. Добитник е на државната награда „Св. Климент Охридски“. Почина во Скопје во 2017 година.

  • ГОДИШНИНА РАЃАЊЕ ВЕРА БИТРАКОВА- ГРОЗДАНОВА

    19 јули 1939 година во Охрид е родена Вера Битракова-Грозданова, македонски професор и научник од областа на археологијата и историјата на уметноста, член на МАНУ. Автор е на повеќе од 100 научни трудови од областа на археологијата и древната македонска историја, а учествувала  во повеќе археолошки истражувања, претежно во Охридско-струшкиот регион. Добитник е на врвни македонски награди од областа на културата, меѓу кои и републичката награда „Свети Климент Охридски“.

  • ГОДИШНИНА ОД СМРТТА НА ЖИВКО ЧИНГО

    На 11 август 1987 година, на 51-годишна возраст, во Охрид почина Живко Чинго, охридски и македонски раскажувач, романописец и драмски писател. Својот раскажувачки талент го најави со издавањето на првата збирка раскази под наслов „Пасквелија“, а потоа следува „Нова Пасквелија“ со која Живко Чинго ја освои „Октомвриската награда“ во 1966 година. Автор е на романите „Сребрени снегови“ и „Големата вода“, според кој е снимен истоимениот филм. Автор е уште на петнаесетина раскази, драмски текстови и романи, кои се преведувани на повеќе светски јазици. Од 1988 година, по иницијатива на Центарот за печат и радио Охрид се одржува културната манифестација „Вечер на Чинго“, посветени на кусиот расказ.