• ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕ НА ПЕТРЕ ПИРУЗЕ – МАЈСКИ

    5 мај 1907 година е роден познатиот охридски револуционер и адвокат Петре Пирузе – Мајски. По завршувањето на правниот факултет во Белград, пред војната, тој се враќа во родниот Охрид, каде што се вклучил во напредното младинско движење. Во 1941 година, поради својата револуционерна активност, во отсуство е осуден на смрт со бесење, од страна на бугарскиот окупатор, заради што рано се вклучува во партизанската илегала во Дебрца, каде што развил мрежа на партизански организации, за претстојната борба. Бил член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, командант на Втората оперативна зона и потписник на Манифестот на Главниот штаб од 1943 година. За време на Информбирото, во 1950 година бил осуден и испратен на Голи Оток, а во 1966 година е рехабилитиран. Носител е на „Партизанска споменица 1941“. Починал во Охрид на 12 јануари 1980 година. Негова спомен биста е поставена пред Основниот суд во Охрид.

  • ГОДИШНИНА РАЃАЊЕ МЕТОДИЈА ПАТЧЕ

    7 мај 1875 година е роден Методија Патче, охридски учител и револуционер. Пред Илинденското востание бил назначен за војвода на агитационо-организациона чета во Прилепско. Во 1902 година со шестмина соборци дошол во Кадино Село, каде што бил опколен од турскиот аскер и башибозукот. Откако ги потрошиле сите куршуми, на 6 април 1902 година, не сакајќи да се предадат, сите решиле да извршат колективно самоубиство. За овој настан народот испеал песна.

  • ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕ НА ХРИСТО СИЛЈАНОВ

    28 мај 1880 година во Цариград е роден познатиот револуционер и историчар, Христо Силјанов, чие потекло е од Охрид. Во текот на Илинденското востание бил во четата на Михаил Герџиков и заменик на војводата. Во 1907 година дипломирал историски науки на Софискиот универзитет, а потоа докторирал во Швајцарија. За време на Првата светска војна е осуден на доживотен затвор како руски шпион, а потоа ослободен. Живеел во Софија и се занимавал со новинарска и публицистичка дејност и е еден од основачите на Македонскиот научен институт во Софија. Автор е на книгата „Ослободителните борби на Македонија“.

  • ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕ НА КОСТА АБРАШ

    29 мај 1879 година, во Охрид е роден пролетерскиот бунтовник и поет Коста Абраш. Како дете, со семејството,  се преселил во Шабац, каде што дошла до израз неговата творечка кариера на бунтовни песни. Творел на српски јазик, а неговата прва песна  носи наслов „Патот во родниот крај“. Починал во својата рана младост. Една охридска печатница и една улица, денес, го носат неговото име.  

  • ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕ НА ВАНЧО НИКОЛЕСКИ

    10 јуни 1912 е роден Ванчо Николески, таткото на македонската поезија и проза за деца, роден во Црвена Вода, Охридско. Има објавено голем број детски песни, кои и денес се паметат, но најпознат е по неговиот роман „Волшебното самарче“. Неговите соселани во Црвена Вода, во негова чест, изградија спомен-училиште. Од 2018 година, во организација на Друштвото за култура и литература „Мацково“, е воспоставен Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“. Поетско друштво „Ванчо Николески“ постои и во Квинбијан, Австралија.