• МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА МУЗИКАТА

    Меѓународниот ден на музиката се одбележува на 1 октомври, датум востановен од Меѓународниот музички совет во 1975 година за да се прослават различните изрази и глобалното значење на музиката. Овој ден им оддава почит на музичарите и различните музички стилови што ги уживаат и ги споделуваат луѓе од сите средини, зближувајќи ги преку заедничко чувство.

  • ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕ НА КЛИМЕНТ ЏАМБАЗОВСКИ

    Климент Џамбазоски, историчар, архивист и академик, еден од најголемите познавачи и истражувачи на документацијата за Македонија во архивите во Србија. Во 1959 година, на Историско-филолошкиот факултет во Белград ја одбранил докторската дисертација „Културно-општествените врски на Македонија со Србија во текот на XIX век“. Благодарејќи на богатите истражувања на архивите во Србија и публикуваните трудови, избран е за виш научен соработник на Балканолошкиот институт на САНУ, каде што е и пензиониран во 1985 година. Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во 2006 година. Објавува повеќе студии и поголем број одделни публикации. Најзначајна му е серијата „Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија“ во 5 томови во 14 посебни книги, што го опфаќаат периодот од 1820 до 1891 година.

  • ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕ НА ПАСКО КУЗМАН

    15 октомври 1947 година е роден Паско Кузман, познат охридски и македонски археолог, кој во 2001 година ја откри златната маска кај Горна Порта во охридската тврдина и е иницијатор за востановување на „Златната соба“ во Музејот во Охрид, каде што се изложени артефактите од ова откритие. Како археолог учествувал во бројни археолошки истражувања во охридскиот крај и пошироко и за тоа напишал повеќе научни статии и книги. Бил директор на Заводот за заштита на спомениците и Народен музеј во Охрид и директор на Дирекцијата за заштита на културното наследство на Република Македонија.

  • ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕ НА ХРИСТО УЗУНОВ

    22 октомври 1878 година е роден познатиот македонски револуционер, учител и охридски војвода  Христо Узунов. Во текот на Илинденското востание бил началник на охридскиот револуционерен округ, член на Охридското горско началство и  учесник на Смилевскиот конгрес. На Конгресот го застапувал мислењето дека нема услови да се дига востанието, но морал да ги почитува заклучоците на поголемиот дел од делегатите на Конгресот. Во текот на Илинденското востание раководел со четите во борбата кај Рашанец. По Илинденското востание ја продолжил револуционерната активност со својата чета, но во 1905 година бил предаден и опколен од турскиот аскер во селото Цер. Не сакајќи да се предаде, целата чета извршила колективно самоубиство на 24 април 1905 година. Оставил претсмртно писмо во кое порачува да продолжи борбата до конечно ослободување на Македонија. За својата револуционерна активност водел дневник кој претставува драгоцен извор на податоци околу подготовките и текот на Илинденското востание.

  • ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕ НА ДИМЧЕ ПРОТУЃЕР

    Димче Протуѓер (Охрид, 24 октомври 1920 — Скопје, 30 март 1995 ) — македонски уметник, сликар, резбар и графичар. Во Охрид е роден Димче Протугер, уметник, сликар, резбар и графичар, еден од основоположниците на македонското сликарство по Втората светска војна. Бил директор на резбарската школа во Охрид. Учествувал на групни и самостојни изложби во Македонија и надвор од неа. Се занимавал со сликарство, графика, цртеж, таписерија, зграфито, витраж и извел повеќе монументални композиции во овие техники. Ја добил наградата за животно дело „Бигорски следбеници” од ДЛУПУМ и Орден на Братство и Единство. Починал во Скопје на 30 март 1995 година.

  • ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕ НА ЛЕВ ОГНЕНОВ

    28 октомври 1867 година е роден Лев Огненов, познат охридски учител и револуционер – првиот претседател на охридскиот комитет на ВМРО, од 1894 година. Бил меѓу најучените граѓани во неговото време, со завршен Роберт колеџ во Цариград, 12 години бил секретар на Охридската митрополија, училишен инспектор и директор на Охридската гимназија. Негов татко бил познатиот охридски првенец Симон Кармиш, а потоа бил посинет од неговиот баџанак – познатиот првенец Петре Огнен. Го владеел бугарскиот, англискиот, францускиот и турскиот јазик, а се служел и со грчкиот и латинскиот јазик. Умрел во Охрид во 1953 година, на 86-годишна возраст.