ИНТЕНЗИВНИ ТЕРЕНСКИ АКТИВНОСТИ ПО ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ ОД ДОЖД ВО ОХРИД, ЗАСЕДАВАШЕ И КРИЗНИОТ ШТАБ
Екипите на општинските јавни претпријатија, интензивно работат на терен на повеќе локации во Охрид за надминување на проблемите кои ги предизвикаа обилни врнежи од дожд, што деновиве го зафатија охридскиот регион. Во врска со настанатата состојба, денеска градоначалникот Kирил Пецаков, одржа состанок со Кризниот штаб за заштита и спасување на Општина Охрид, на кој покрај претставници од јавната администрација присуствуваа претставници на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, СВР Охрид, Јавните претпријатија, Противпожарната единица и сите останати надлежни институции. На состанокот беше извршено мапирање на критичните точки и беше направен план за итно дејствување и ангажирање на дополнителни екипи на терен. Од страна на стручните лица беше посочено дека предизвикано е излевање на Коселска Река на неколку критични точки, при што се поплавени објекти за домување, дворови и јавни површини. Најкритична е состојбата на улицата „Гоце Делчев“ во близина на Здружението на возачи и на потегот кај селото Орман, каде е поплавена поголема површина. Поплави се евидентирани и на други локации на улицата „Железничка“, како и на патниот правец Охрид – Свети Наум, во делот кај населбата Рача. На состанкот беше потенцирано дека на располагање се ставени сите капацитети на општинските јавни претпријатија, дека се делува координирано и состојбата постојано се следи. На терен се работи со градежна механизација и пумпи за испумпување на водата, со цел да се намалат штетите и да се спречат дополнителни последици. Општина Охрид упатува апел до граѓаните да се воздржат од движење низ ризични подрачја каде што има зголемено ниво на водата и да пријавуваат критични состојби кај соодветните надлежни служби.
БОЖИЌНА ЧЕСТИТКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ
По повод големиот христијански празник раѓањето Христово- Божиќ, градоначалникот Кирил Пецаков упати честитка до граѓаните од православна вероисповед. – Со искрени желби за мир, здравје и благосостојба Ви го честитам најголемиот христијански празник-раѓањето Христово-Божиќ. Денеска ја славиме надежта, љубовта и човечката блискост. Овој ден не повикува да се свртиме еден кон друг со разбирање и човечност. Божиќ е време кога духовната светлина ја надминува секоја поделба и не охрабрува да гледаме кон иднината со надеж и одговорност. Нека радоста од Христовото раѓање ги исполни вашите домови со топлина, а срцата со вера и спокој. Нека Божиќ биде поттик за заедништво, за добри дела и за подобро утре за сите нас и за нашиот Охрид. Христос се роди! Навистина се роди! Нека е за многу години!, стои во честитката на градоначалникот Пецаков.
БАДНИКОВА ЛИТИЈА ГО НАЈАВИ ХРИСТОВОТО РАЃАЊЕ ВО ОХРИД

Традиционалната Бадникова литија која го најавува Христовото раѓање се одржа и денеска во Охрид и покрај дождливото време. Со своите коледарски песни, најмладите ја најавија радоста на големиот христијански празник и ја пренесоа празничната атмосфера низ охридските улици и Центарот за култура. И покрај дождливото време, литијата помина во духот на заедништво и верата. По традиција, коледарите со коледарски подароци ги даруваа градоначалникот Кирил Пецаков, советниците во Советот на Општина Охрид и пратениците од Македонското Собрание. Настанот уште еднаш ја потврди духовноста на Охрид и неговата длабока поврзаност со христијанските вредности и народните обичаи.
