ГЕОРГИ СТАРДЕЛОВ – ДОБИТНИК НА СВЕТСКАТА НАГРАДА ЗА ХУМАНИЗАМ ЗА 2020 ГОДИНА
- декември 5, 2019
- 0
Добитник на Светската награда за хуманизам за 2020 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани, е академик Георги Старделов, еден од водечките визионери и македонски градители на европската и светската хуманистичка идеја. Професорот Георги Старделов е автор на импозатен опус од доменот на филозофијата, естетиката и критичката мисла, објавен на голем број на јазици на сите пет континенти. Тој е четиринаесеттиот добитник по ред на ова исклучително признание, а прв од Македонија, со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
Во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, академик Георги Старделов истакна: „Исклучително сум почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи моето име на оваа светска награда со огромен престиж што досега била доделена на личности кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот.“
Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 18 јануари 2020 година, наспроти големиот празник Богојавление, во куќата на Уранија на МАНУ. Пригодни беседи за Старделов ќе одржат Јордан Плевнеш и Жан-Патрик Конрад, професор на Ројал колеџ од Лондон, и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, ќе му ја врачи наградата на добитникот Старделов, во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите по покровителство на УНЕСКО. Истата вечер, со посебно признание ќе му биде одадена почит на неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година, автор на спомен обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“, коешто во текот на следната година ќе биде свечено поставено на плоштадот „Долна Порта“.