ИНТЕНЗИВНИ ГРАДЕЖНИ АКТИВНОСТИ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛИЦИТЕ „АБАС ЕМИН“ И „15-ТИ КОРПУС“
- март 19, 2021
- 0
Интензивно се одвиваат градежните активности за реализација на двата најголеми и најзначајни инфраструктурни проекти во Општина Охрид. Тое се реконструкциите на улиците „Абас Емин“ и „15-Корпус“. Градоначалникот Константин Георгиески денеска направи увид и ги посети екипите кои ги изведуваат тековните градежни активности на двете улици.
На улицата „Абас Емин“ се работи на поставување на нови цевководи од главната линија на атмосферската, фекалната и водоводната мрежа и се врши поединечно приклучување на домаќинствата. На потегот каде што се финализирани активностите на подземната инфраструктура, се врши тампонирање на дел од коловозот. Паралелно се реализираат активности за поставување на рабници и уредување на тротоарите. Претходно, на дел од коловозот беше поставен и прв асфалтен слој со цел да се обезбедат услови за непречен сообраќај. Доколку активностите се одвиваат според предвидената динамика, реконструкцијата на оваа важна охридска сообраќајница ќе заврши пред почетокот на годинешната летна сезона.
На улицата „15 Корпус“ во моментот се работи на нови приклучоци на водоводната линија и тековно се одвиваат активностите за поставување на новата атмосферска канализација. Се врши уредување на тротоарите и велосипедските патеки од двете страни на коловозот, а на дел од улицата веќе е поставено ново улично осветлување. Според планираното, проектот за реконструкција на оваа сообраќајница ќе биде финализиран во втората половина на месец мај.
Во текот на наредниот период како дел од програмата за уредување на градежно земјиште ќе започне рализацијата на уште неколку важни инфрструктурни проекти за кои во моментот се изготвуваат потребните документации и се завршуваат превидените законски и административни процедури.