Денеска на иницијатива на локалната самоуправа и СВР Охрид во просториите на Општина Охрид се одржа состанок на Локалниот совет за превенција и Штабот за заштита и спасување на општина Охрид.
Целта на средбата беше анализа на степенот на загрозеност на шумите од пожари во регионов, поефикасна превенција, рано предупредување и спречување пожари на отворен простор и во шумски предели, зајакнување на комуникациите и координацијата помеѓу надлежните субјекти што стопанисуваат и управуваат со шумите и други мерки за нивна поефикасна заштита од пожари.

Според изнесените податоци, на подрачјево не се регистрирани пожари од пошироки размери во шумските појаси, а според статистиката на претставниците на СВР Охрид во првата половина од 2024 година, пријавени се 20 пожари на отворен простор на нискостеблести предели -стрништа и ниви, случени во општините Охрид и Дебарца.
Ова значи дека е зголемен бројот на пожари бидејќи споредбено со минатата 2023 година, на подрачјето на општина Охрид и Дебарца биле пријавени вкупно 20 пожари на отворен простор.


Оттука, на денешниот состанок беше одлучено да се интензивираат превентивните мерки и да се оформат посебни мобилни тимови составени од членови на надлежните служби кои, ќе вршат патролирање низ шумските појаси во Охрид и Дебрца, ќе се продолжи со мониторинг на теренот и континуирано следење на состојбите, ќе се интензивираат контактите со месните заедници и месното население, со ловните друштва.

Акцент беше ставен на значењето на доброволните противпожарни друштва и нивното значење за првично сузбивање на шумскиот пожар се до доаѓањето на професионалната Територијална противпожарна единица како и на потребата од поголем обука и опременост на членовите на доброволните противпожарните друштва кои ги има на подрачјето.

На состанокот беше заклучено дека е потребно вклучување на сите расположливи капацитети и опрема што може наменски да се користат за контрола, превентива и заштита на шумите од пожари, како и да одговори на потребите во случаи на локализирање на евентуално настанат пожар од поголем обем.  

Денешниот состанок на Локалниот совет за превенција, доаѓа поради зачестените регистрирани пожари на подрачјето во кои е опожарена нискостеблеста вегетација, депонии, стрништа. Претставниците на надлежните субјекти, упатија апел до граѓаните, посебно до земјоделците и другите лица кои работат или се движат на отворен простор, да не палат огнови, од кои лесно и брзо може да избувнат пожари од големи размери и да предизвикаат значителна имотна и материјална штета.


СВР Охрид посебно ги нагласи казнените законски одредби и потсетува дека предизвикувањето пожар, намерно или од невнимание, претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни пријави.
Беше одлучено и поинтензивно актуелизирање на препораките за заштита од пожари, со цел населението да биде подобро информирано за актуелните препораки за заштита од пожари.

На координативниот состанокот покрај претставници на Општина Охрид и СВР Охрид, присутвуваа претставници на Регионалниот центар за гранични работи – Запад, Територијалната противпожарна единица Охрид, НП „Галичица“, ЈП „Национални шуми“- подружница „Галичица“, претставници на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, претставници на Шумската полиција, претставници на Црвен крст, Планинската спасителна служба и Здравствен дом Охрид.