Аргентинецот Матијас Дијас Хернандес е победник на 35. Охридски пливачки маратон што се одржа денеска на 25 километарската патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Градското пристаниште.
Во конкуренција на седуммина пливачи и една девојка второто место го освои Франческо Гетини од Италија, додека трет беше Македонецот Евгениј Поп Ацев.
Златниот медал и паричната награда на Хернандез во името на градоначалникот Кирил Пецаков му ги врачи охридскиот пливачки херој Марко Пејчиноски. Сребрениот медал го додели претседателот на Националната пливачка федерација Горан Стојановски, а бронзата претседателот на организацискиот одбор на маратонот Ристе Јанкоски.
Општина Охрид во корелација со Пливачката федерација на Македонија, оваа година во целост го организира Охридскиот пливачки маратон и за таа цел одвои 2 милиони денари, додека Агенцијата за млади и спорт го обезбеди наградниот фонд од 10 илјади долари.