МЕЃУНАРОДЕН МУЗИЧКИ НАТПРЕВАР „ОХРИДСКИ БИСЕРИ“
- јуни 15, 2022
- 0
- Категорија:
Со пригодна музичка програма која се одржа во катедралната црква „Света Софија“ вчеравачер беше означен почетокот на овогодинешното издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“.
Како покровител на настанот, свое обраќање пред присутните имаше градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
– „Музиката ѝ дава душа на вселената, крилја на умот, лет на мечтата и на животот сето она што постои“, оваа позната мисла на филозофот Платон ја отсликува моќта на мелодијата, преку која магично се искажува сето она што не може да се долови со зборови.
Огромно е задоволството да се биде дел од овој прекрасен настан, со кој се одбележуваат 20 години од меѓународниот музички натпревар „Охридски Бисери“ и да се означи почетокот на уште едно негово успешно издание.
Горди сме што Охрид продолжува да биде центар на музичката уметност и тоа што сме домаќини на вакви културни случувања. „Охридски бисери“ е најзначајниот меѓународен натпревар во областа на класичната музика во нашата држава, кој привлекува квалитетни млади уметници од целиот свет. Тоа се должи на високите стандарди на целокупниот програмски концепт но и во строгата селекција на наградени учесници.
Среќни сме што наши гости ќе бидат седумдесетина млади музичари од 16 држави, кои ќе се натпреваруваат во три музички дисциплини. Верувам дека овогодинешната програма ќе ја оствари својата главна цел, а тоа е откривање и стимулирање на исклучително талентирани музичари и верификација на нивниот напредок во образованието.
Искрено се надевам дека овој музички натпревар ќе продолжи да се организира уште многу години и дека ќе доживее уште многу значајни јубилеи. Јас како градоначалник и нашата Локална самоуправа ќе продолжиме и понатаму да ја даваме потребната поддршка на ваквите културни настани, кои ја збогатуваат разгледницата на нашиот туристички бисер.
Почитувани, Охрид има уникатна природна убавина и непроценлива историска и културна вредност. Со се што поседува овој град претставува вистинска инспирација за уметност и совршено место за творење и креативно усовршување. Ви посакувам да имате пријатни натреварувачки денови и да остварите високи лични успеси, кои ќе бидат ваша водилка во понатамшната музичка кариера.
Оваа можност ја користам да упатам покана до сите љубители на музиката да ги проследат отворените музички концерти и да уживаат во извонредни композиции, истакна Пецаков во своето обраќање.
На концертот по повод свеченото отворање на натпреварот настапија македонската виолиниска Софија Никоска и српскиот пијанист Александар Сердар. Во рамки на програмата беше презентиран и документарен филм по -20 години Меѓународен натпревар за млади музичари „Охридски бисери“.