ГРБ И ЗНАМЕ

Грбот на Општина Охрид има три варијанти: мал, среден и голем грб. Начинот на употреба на грбот и знамето е регулиран со посебен ПРАВИЛНИК..

Малиот грб претставува основна хералдичка форма на која се наоѓа само штитот со хералдичката композиција. Основната хералдичка композиција се состои од следниве елементи: На сино поле се наоѓа зелен рид на кој е поставена сребрена ѕидина со две кули и со порта. Во подножјето на ридот е претставена вода во која се наоѓа златен едреник со сребрено едро и јарбол на едреникот, кој завршува во тролисен крст. Содржината на малиот грб е основа на сите три претстави. 

Средниот грб претставува поголема хералдичка форма, во која на малиот грб му е додадена рангова бедемска круна. На блазанот на малиот грб се додава: Штитот е крунисан со златна бедемска круна со три кули, средната од нив со порта. Дијадемата е украсена со македонски рубини и охридски бисери

Големиот грб е најсвечената форма, односно претстава на грбот во која на средниот грб е додаден дабов венец со лента. Печатот на општината да се усогласи со грбот на општината. 

Општината има знаме во сина боја. Знамето е изработено по вексилолошки и хералдички принципи. По својата содржина тоа е засновано на дел од композицијата на малиот грб, но никако не претставува целосна негова копија. Знамето претставува стег со сооднос на страните 2 : 3.

Векторски формат на грбот и знамето на Општина Охрид