Денес во просториите на некогашната касарна, со пригодна свеченост беше отворен Младинскиот Центар – Охрид. Пред пристутните граѓани се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.
– Денешниот ден ме исполнува со искрена радост, затоа што успеавме по подолго време, конечно да го отвориме Младинскиот Културен Центар во Охрид. Ова покажува дека како локална власт, покрај законските обврски, ние искрено сме посветени да го подобриме животот на младите.
Верувам дека младите од Охрид со нивната енергија и елан, овде ќе имаат оптимални услови за развивање на креативни идеи и реализација на проекти од најразлични области, а со тоа ќе имаат лична и професионална сатисфакција за својот ангажман.
Дозволете ми во името на Општина Охрид, да упатам искрена благодарност до ЈУ ЕС ЕЈД, за несебичната помош и поддршка за реализација на овој проект и до Младинската организација СЕГА за нејзиниот ангажман.
Почитувани присутни ве уверувам дека во Општина Охрид, Младинскиот Центар, секогаш ќе има доверлив партнер и поддржувач на сите активности – истакна Пецаков.
Во името на Коалицијата на младински организации СЕГА, која во наредниот тригодишен период ќе раководи со центарот, зборуваше извршниот директор Зоран Илиески.
– Денес во Охрид, го отвораме Младинскиот Центар кој што е во согласност со стандардите на европските центри за млади. Центарот ќе овозможи место каде младите квалитетно ќе го искористуваат слободното време, но и ќе ги надоградуваат своите знаења и способности, притоа придонесувајќи кон подобрување на квалитетот на животот на младите во Охрид – истакна Илиески.
Во Младинскиот Центар Охрид ќе се подготвуваат и спроведуваат програми кои ќе ја подобруваат благосостојбата и развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите охриѓани.
Свеченоста беше збогатена со музички перфоманс на Арбен Бајрам и Христијан Томевски и изложба на фотографии од Анастасија Стојаноска, Никола Ставрески, Ива Јовановиќ, Ана Марија Момировска и Христијан Јанкуловски.