
ОХРИД ДОМАЌИН НА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА „КРЕАТИВНО УЧИТЕЛСКО ТВОРЕШТВО“
- мај 1, 2025
- 0
Денеска во Охрид, започна регионалната наставничка конференција „Креативно учителско творештво“ што се одржува по осми пат. На настанот учествуваат просветни работници од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
На свеченото отворање пред присутните се обрати Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
– Дозволете да го изразам моето огромно задоволство што Охрид е домаќин на 8-та по ред регионална наставничка конференција „Креативното учителско творештво“. Станува збор за исклучително важен настан во кој централна тема е наставникот ,тимската работа и релацијата наставник – дете. Секој оној кој се занимава со просветна дејност или има каков и да е придонес во образовниот процес е мисионер на најблагородната професија во животот – поучувањето и учењето. Велам најблагородна професиja затоа што за да описменуваш и да градиш личности со знаења, умеења, вештини, потребна е најпрвин голема љубов, а потоа волја и трпение. Само образобван човек може да ги менува работите на подобро. Само описменети можеме да ги дофатиме сите висини во Светот, недостижното станува достапно, а далечното, блиско. Токму затоа настани од ваков тип се едни од најважните за сите нас и треба почесто да се организираат затоа што, „сѐ што ќе научите станува ваше богатство, богатство што не може да ви биде одземено, без разлика дали ќе учите во зградата наречена училиште или ќе учите од животниот учител. Учењето нови работи е безвременско задоволство и бесценето богатство.“
Учесници од нашата Македонија, Хрватска, Босна, Црна Гора и Србија, ви посакувам успешна и плодна заедничка работа што ќе вроди добри заклучоци во полза на напредно образование. Верувам дека посетата во воспитни и образовни центри во градов која е предвидена во вашите работни активности ќе ви помогне во истражувачката дејност.
Покрај работниот дел, јас знам дека ќе понесете впечатоци со себе од убавините на древниот Охрид. Кристално бистото езеро, природата недопрена од модерното време и чудесниот мир во манастирскиот комплекс Св. Наум, одново и одново ќе ве враќаат во Охрид, градот кој е идеален склоп на традиционалното и модерно време. Неколку милениуми наназад ќе се вратите посетувајќи ја наколната населба кај Градиште, ќе нурнете низ царска Македонија кога ќе бидете на Самоиловите тврдини, на античкиот тетар во старото градско јадро, а влезете и во неколку од бројните цркви и манастири, ги има 365 на број за секој ден во годината. И секако ќе се вратите во современиот свет.На ривиерата долж бистрите езерски води ќе ве дочекаат бројни кафулинја и ресторани кои нудат традиционална храна и прекрасен амбиент зачинет со музика на охридските чалгии.
Имајте успешни денови пред вас и понесете убави спомени од нашиот Охрид, јас верувам дека ќе имаме убави поводи за наши наредни средби- истакна Божиновски.
Во рамки на конференцијата учесниците ќе имаат тимско учење преку истражување и примена на различчни вештини на повеќе локации низ Охрид меѓу кои и во манастирскиот комплекс Св. Наум и во наколната населба „ Залив на коските“ кај Градиште.
Организатор на настанот е АНН ЛР и завршува во недела со доделување сертификати за учесниците .