ПРОМОВИРАНА ПРОГРАМАТА ЗА ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА OHRID WATER FESTIVAL
- август 8, 2023
- 0
Од 19-ти до 27-ми август 2023 година во Охрид ќе се организира првото издание на големата промотивно-спортска манифестација Ohrid Water Festival.
Фестивалот се организира со целосна поддршка на Локалната самоуправа и неговата основна цел е популаризација на водените спортови на Охридското Езеро и промоција на уникатните потенцијали со кои располага Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија.
Денеска на прес-конференција беше промовирана официјалната програма на фестивалот која вклучува спортски настани и пропратни социјално-забавни содржини.
Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека Ohrid Water Festival e една нова спортска приказна која е симбол на неизмерната љубов кон нашето уникатно Охридско Езеро испреплетена со нашата голема желба за поголем развој и популаризација на водените спортови.
– Долги години наназад слушавме и дебатиравме дека е потребна поголема промоција на водените спортови на Охридското Езеро и дека на Охрид му е потребна масовна манифестација која ќе придонесе за развојот на градот како интересна дестинација за спортски туризам.
Навистина сум среќен и горд што низ заедничка соработка, конечно успеавме од зборови да преминеме на дела и нашите идеи да ги претвориме во реалност. Имам голема чест и задоволство да ви го најавам првото издание на големата спортско-промотивна манифестација Ohrid Water Festival која ќе се одржува од 19 -ти до 27-ми август.
Манифестацијата вклучува натпревари и активности на вода и има за цел да допре до најмладата популација и да им ги промовира сите позитивни аспекти на водените спортови и да придонесе за зголемување на интересот и свеста за здрав начин на живот.
Врз основа на прецизен концепт, посветена работа, подготвивме детална програма со 17 спортски настани кои верувам дека ќе донесат незаборавно доживување за учесниците и ќе го привлечат вниманието на публиката. Покрај сите традиционални натпревари и настани, круна на целата манифестација ќе биде Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржува на 26-ти август и кој од минатата година е под целосна организација на Општина Охрид соработка со Пливачката федерација на Македонија.
Спортскиот дел од фестивалската програма ќе биде надополнет со голем број социјално-забавни настани, музички концерти, промоција на реквизити за водени спортови, промоција на традиционална храна, изложби на фотографии, панел дискусии и други културни и едукативни содржини, рече Пецаков.
Тој упати признание до организациониот тим на фестивалот и сите клубови за водени спортови.
– Знам дека секој чекор од концепцијата до имплементацијата, за сите вас беше преполн со предизвици и неуморен ангажман и затоа во мое лично име и во името на локалната самоуправа искрено ви благодарам. Вашиот тимски дух и координираноста ја направија оваа иницијатива вистински успешна и значајна и затоа сум уверен дека доколку и во иднина ја продолжиме оваа соработка, фестивалот ќе продолжи да расте и да се развива и дека ќе стане препознатлив белег на нашиот град.
Јас како градоначалник и Општина Охрид секогаш ќе бидеме подготвени да ја дадеме сета потребна поддршка на ваквите настани кои ја афирмираат уникатноста и туристичките потенцијали со кои изобилува нашиот регион, потенцираше Пецаков, при што упати покана до сите љубители на природата, спортот и добрата забава да дојдат во Охрид од 19-ти до 27-ми август и да уживаат во првото издание на Ohrid Water Festival и во сите убавини на Охридското крејбрежје.
Освен промоција на фестивалската програма, на прес конференцијата беше промовирана и официјалната веб-страница на фестивалот која е своевиден генератор на сите потребни информации за водените спортови на Охридското Езеро и располага со корисни детали поврзани со клубовите за водени спортови кои функционираат во Охрид.
PROGRAM
https://ohridwaterfestival.mk/