Градоначалникот Константин Георгиески вчера, доцна попладне во Конгресниот центар присуствуваше на промоција на изданието „Книга за Чинго“ од професорите Димитар Пандев и Славе Ѓорго –Димоски, а во издание на Општина Охрид. Настанот беше дел од 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
За значењето на делото „За Чинго“, градоначалникот Константин Георгиески истакна:
– Огромна е честа да се зборува за најпознатиот македонски прозен уметник на сите времиња, а уште поголема е одговорноста на оние литературни дејци кои се нафатиле да создадат дело посветено на нашиот великан Живко Чинго. Професорите Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски на умешен начин на 357 страни поместиле научни трудови, есеи, записи, спомени, осврти и други жанрови и го создале капиталното дело “Книга за Чинго“, кое го издава Општина Охрид, а е посветено на бардот на современата македонска литература Живко Чинго. Во ова дело поместени се бројни прилози на еминентни имиња, низ кои читателот на едно место може да се запознае со величината на делото на Живко Чинго. Застапени се повеќе домашни и странски автори, а книгата е збогатена со поглавја во кои Чинго за повеќе писатели е инспирација: „Чинго во песни“ , „Чинго во раскази“, „Чинго во анегдоти“ , „Чинго во спомените на писателите“. И токму преку овие поглавја кои ја сочинуваат книгата, двајцата мајстори на убавиот збор Пандев и Ѓорго – Димоски успеале да го доловат прозниот израз на Чинго кој е своевиден спој на поетското и хумористичното, на фантастичното и стварното, на конкретното и алегоричното, на поетскиот одблесок и суровиот факт. Единствен во својата оригиналност со прозен говор кој има исклучително врвен дострел Чинго многу ги обврзал прозаистите после него, а уште повеќе оние коишто се одлучиле да творат за неговото дело затоа што и самиот тој сметал дека : – За секогаш ќе остане сиромав оној писател што ќе замиже пред сегашноста, но најголема казна ќе падне врз лицето на најталентираните автори ако рамнодушно се однесат кон своето време – . Прозната уметност на Чинго изразена во збирките раскази „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“ како и романите „Сребрени снегови“ и „Големата вода“ го поставија високо на пијадесталот како великан на македонската уметничка проза со грандиозна хуманистичка и етичка вертикала својствена на големците на светската литература. И што останува уште да се каже, освен дека огромна е честа да се поддржуваат вакви капитални трудови во кои се зборува за делото на маркантни писатели како нашиот Чинго на кој „капа му симнува“ и светската критика – рече Георгиески.