Со богата програма и низа активности од едукативен, спортски и културен карактер денеска во Охрид беше одбележан Денот на Охридското Езеро.

Програмата беше реализирана со цел да се истакне важноста на заштитата на овој природен бисер и да се подигне јавната свест за потребата од негово одржливо користење.

Во организација на Регионален зелен центар, на брод во водите на Охридското Езеро се одржа панел-дискусијата на тема „Дали навистина ги заштитуваме водните ресурси од климатските промени?“. На дискусијата се обрати претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

-Денес го одбележуваме Денот на Охридското Езеро, ден посветен на едно од најголемите природни богатства не само на Македонија, туку и на целиот Балкан и Европа. Ова езеро не е само водно пространство, тоа е жив споменик на природата, сведок на милиони години еволуција, длабоко врежан во историјата, културата и секојдневието на охриѓани и сите кои имале среќа да ја почувствуваат неговата магија.

Охридското Езеро е едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, со уникатна ендемична флора и фауна што го прави вистински природен скапоцен камен. Неговата биолошка разновидност е фасцинантна – дом е на видови кои не постојат никаде на друго место во светот, што му носи светска репутација како УНЕСКО светско наследство. Тоа не е само место за капење или рекреација, тоа е жив екосистем кој ни овозможува чист воздух, вода и бројни природни ресурси.

За нас, жителите на Охрид и околината, езерото е многу повеќе. Тоа е извор на живот, инспирација за уметници, поетска муза и столб на нашиот туризам. Илјадници семејства егзистираат благодарение на неговата убавина и атрактивност. Секое изгрејсонце над неговите води, секој залез што ги бои ридовите околу него, се потсетник на неговата непроценлива вредност.

Меѓутоа, со сета оваа убавина и вредност, доаѓа и огромна одговорност. Заштитата и зачувувањето на Охридското Езеро не е само обврска, туку и неопходност за опстанокот на идните генерации. Езерото се соочува со бројни предизвици: загадување, притисок од прекумерен туризам, влијанието на климатските промени и други човечки фактори.

Мораме да бидеме свесни дека секој наш потег, секоја одлука, има директно влијание врз здравјето на езерото. Затоа, денес е ден да ја обновиме нашата посветеност кон неговата заштита. Тоа значи, одговорно однесување како поединци – да не фрламе отпад, да ја почитуваме природата, поддршка на одржливи практики во туризмот, инвестирање во еколошки проекти и особено важно е едукација на младите.

Охридското Езеро е наше наследство и наша иднина. Да го чуваме, негуваме и штитиме заедно, за да може и понатаму да биде извор на убавина, живот и инспирација за сите нас, истакна Божиновски во своето обраќање.

Во рамки на програмата за одбележување на Денот на езерото беа реализирани и низа други активности. Вчера, на плоштадот Долна порта, беше организирана изложба на фотографии од Охридското Езеро, а музички перформанс имаше уметникот Даниел Јовески. Во рамки на  музичкиот настан „Balkan Music Square“ на плоштадот Долна порта денеска настапија музичките уметници Дамјан Пејчиноски, Николче Мицески, Љубојна и гостинката од Албанија Алба Далјани. Утрово кај споменикот „Фаќач на крст“ се одржа презентација на нуркачка опрема, а на плажите „Канео“ и „Лабино“ се одржа еко акција „Супер чистка“. На плажата К’ј Дивоно се одржи регата на едрилици, а на платотот пред градската библиотека имаше поетско читање „Слушни го езерото“ на поети од Охрид, Струга и Поградец.