ЈАВЕН ПОВИК ЗА ИЗРАЗУВАЊЕ ИНТЕРЕС ЗА УЧЕСТВО НА ПРЕТСТАВНИК ОД ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ КАКО НАБЉУДУВАЧ ВО КОМИСИЈАТА ЗА ЕВАЛУАЦИЈА НА ПРЕДЛОГ ПРОЕКТИ ВО РАМКИТЕ НА ReLOaD 2 ПРОЕКТОТ ВО ОПШТИНА ОХРИД
- ноември 24, 2022
- 0
Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2) е продолжение на првата фаза од проектот која се спроведе во периодот (2017-2020). Проектот е финансиран од Европската унија (ЕУ) а се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Основна цела на ReLOaD2 е јакнење на партнерствата меѓу општинските власти и граѓанското општество преку транспарентно финансирање на проекти на граѓански организации од општинските буџети со цел поголемо граѓанско учество и учество на младите во носењето одлуки и подобрена испорака на услуги за граѓаните на општина Охрид. Проектот ReLOaD 2 работи со осум партнерски општини: Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Крива Паланка, Кочани, Куманово и Охрид на усвојување на транспарентен пристап за финансирање на проекти на граѓанските организации, со кој ќе се поттикне поголема граѓанска вклученост и вклученост на младите во процесот на донесување одлуки и ќе се подобрат услугите што се обезбедуваат на локално ниво.
Општина Охрид објави јавен повик во рамките на ReLOaD 2 проектот за предлог проекти од граѓанските организации. Повикот е објавен на 24.11.2022 и ќе трае до 15.12.2022, при што евалуацијата на пристигнатите предлог проекти е планирана да се одржи на крајот на декември 2022 година односно почеток на јануари 2023 година.
За да се обезбеди транспарентен и отворен процес на селекција на предлог проектите од граѓанските организации за доделување на грант во рамките на ReLOaD 2 проектот, општина Охрид во соработка со УНДП објавува Јавен повик за изразување интерес за учество на претставник од граѓанските организации како набљудувач во Комисијата за евалуација на предлог проектите поднесени од граѓанските организации во рамките јавниот повик кој е објавен во општина Охрид.
Претставникот на граѓанските организации во Комисијата за евалуација ќе ги има следниве должности и обврски:
- ќе биде набљудувач во Комисијата за евалуација без право на глас;
- ќе потпише изјава за доверливост и непристрасност и нема да споделува никакви информации околу процесот на евалуација;
- ќе биде присутен за целото времетраење на евалуацијата од почеток до крај;
- во случај на неможност да присуствува, на местото на претставникот на граѓанските организации ќе дојде заменик, при што заменикот ќе ја преземе улогата на набљудувач – претставник на граѓанските организации;
- ќе го потпише извештајот на Комисијата за евалуација, кој ќе ги резимира наодите од евалуацијата на предлог проектите.
Кандидатот за набљудувач во Комисијата за евалуација мора да биде член и/или постојано вработено лице во граѓанска организација што е законски основана согласно со Законот за асоцијации и фондации. Пожелно е кандидатот да има:
- претходно искуство и вештини за спроведување на евалуација на предлог проекти од граѓански организации. Искуство со грантови доделени од ЕУ ќе се смета за предност;
- искуство во подготвување и/или имплементација на проекти финансирани од јавни средства;
Кандидатите мора да ги достават следниве документи по електронски пат на mladi.nevladini@ohrid.gov.mk :
- писмо за искажување интерес со куса биографија – со кое ќе се искаже интерес за учество во Комисијата за евалуација како набљудувач (писмото не треба да е подолго од една страница)
- Изјава на овластеното лице на граѓанската организација, со која се овластува кандидатот да ја претставува таа граѓанска организација во Комисијата за евалуација.
Претставникот на граѓанските организации ќе работи на доброволна основа/без финансиски надомест. Проектот ќе ги надомести основните трошоци, како што се патните трошоци и лесен оброк.
Граѓанската организација во која избраниот кандидат е член и/или постојано вработен НЕ МОЖЕ да аплицира (ниту како носител ниту како партнер на носителот) на јавниот повик за поднесување на предлог проекти во рамките на ReLOaD 2 проектот во општинa Охрид.
Крајниот рок за поднесување на апликациите е 15.12.2022 до 15:00 часот.
Доколку Ви се потребни дополнителни информации, Ве молиме обратете се кај Александра Белевска Танеска и Александар Митрески mladi.nevladini@ohrid.gov.mk).