ВО ПОДОБРЕНИ УСЛОВИ ЗА РАБОТА ЗАПОЧНА УЧИЛИШНАТА ГОДИНА ВО ОХРИД
- септември 1, 2021
- 0
- Категорија:
На првиот училишен ден, градоначалникот Константин Георгиевски беше во с. Пештани каде во Општинското Основно Училиште „Св. Наум Охридски“ ги поздрави првоодделенците со желба успешно да запловат во Светот на знаењето, а општината ќе продолжи да ги подобрува условите за реализација на образовниот процес во Охрид и околината.
– Верувајте за мене ова е еден од најубавите денови во годината зошто нема ништо подобро да гледаш „чисти “ детски ликови , кои помалку збунето и уплашено зачекоруваат во животот што е пред нив. За прв пат стапнуваат на прагот од нивниот втор дом и влегуваат во својот клас во кој соучениците стануваат едно ново семејство. Симпатични првачиња, опкружени со љубов и внимание, добре дојдовте во овој неверојатен Свет на знаење и откритија. Најубавиот период од годината- летото заврши со сите безгрижни игри и убави спомени. Не се обесхрабрувајте, пред Вас е едно многу поинтересно време исполнето со учење и игра. Приказните и бајките од волшебни Светови ќе ги заменувате со буквари и читанки во кои ќе читате реални случувања од секојдневието. Од денес ваша преокупација ќе станат буквите и бројките. „Ловете“ знаење и не се разочарувајте, ќе имате доволно време за дружба и игра. Овде во училиште ќе ги запознаете најдобрите другарчиња и првите симпатии. Времето брзо минува , а со тоа и овие најубави школски денови. Затоа бидете добри и хумани, подајте си рачиња едни со други. Делете го вашиот појадок и ужинка, помагајте си меѓу себе. Драги дечиња, денес го преминувате прагот на неверојатниот замок во Кралството на знаењето. Името на овој замок е училиште. Кралот е работата , а кралицата е трпеливоста. Работата и трпеливоста се неопходни за да бидете главни во Кралството на знаењето.Не секој училишен предмет или домашна задача ќе бидат подеднакво привлечни за вас. Тоа е во ред. Но најбитно е максимално да се вложувате и да покажете интерес за знаење. Зошто верувајте, колку повеќе учите и совладувате нови знаења толку повеќе отворате животни врати пред себе и сами градите светла иднина за Вас. Вие учете и совладувајте нови врвови на знаење, а ние како одговорна власт секогаш ќе работиме на подобрување на условите за реализација на образовниот процес. Во ова училиште, каде денес се наоѓаме го променивме кровот и дограмата, а во подрачните училишта во селата Елшани и Коњско ги променивме кровот и подовите. Работевме и работиме на реконструкции и разубавувања и во другите охридски училишта. Драги првачиња ви посакувам училишните денови да ви донесат само радосни моменти, а деновите на учење нека летаат брзо и лесно како птица на небото– рече градоначалникот Георгиески.