ПРЕЗЕНТИРАН ПЛАНОТ ЗА ПРОТИВПОЖАРНА ЗАШТИТА НА ОХРИД И ДЕБРЦА ПРЕД СТРУЧНА АВСТРИСКА ДЕЛЕГАЦИЈА
Градоначалникот Кирил Пецаков денеска оствари средба со стручна делегација од областа на противпожарната заштита од Австрија, составена од Петер Логар, проект менаџер на Програмата за поддршка на тиролската противпожарна бригада и Јоханес Пап, Заменик командант на Покраинската противпожарна бригада на Тирол, Сојузна покраина на Австрија. На средбата присуствуваа претставници на Противпожарната единица од Охрид при што беше извршена Презентација на Планот за противпожарна заштита на Општина Охрид и Дебрца. Во рамки на презентацијата беше опфатено подрачјето на делување на противнпожарната единица, противпожарната опрема и капацитетите на возниот парк, како и кадровските потенцијали за делување на терен. Во дискусијата беше потенцирано дека во Општина Охрид има неколку критични точки за делување, а тоа е Стариот град, Централното градско подрачје и крајбрежјето на Охридското Езеро на потегот кон Свети Наум. Беше потенцирано дека Противпожарната служба со 39 вработени, во текот на 2023, 2024 и 2025 година имала вкупно 1280 интевенции од различен карактер и дека има потреба од дополителни кадровски потенцијали особено во периодот на летните месеци. Во тој контекст беше потецирана и потребата од активна волонтерска служба за противпожарна заштита, која треба да биде соодветно опремена за делување при поголеми пожари во Охридскиот регион. Стана збор и за доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ кое брои 25 лица и веќе активно делува во Охрид. Беше разговарано и за донацијата на едно противпожарно возило која е веќе обезбедена за ова противпожарно друштво, како и за можни идни проекти за дополнителна опрема и обуки за волонтерската единица преку Канцеларијата на државните власти од Тирол, Австрија во соработка со Општина Охрид. Градоначалникот изрази големо задоволство од посетата на австриската делегација, со надеж дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина.
ДА СЕ ОТСТРАНАТ ПЛОВНИТЕ ОБЈЕКТИ КАЈ „САРАИШТЕ“, „КАНЕО“ И ПЕШТАНИ
Сопствениците на пловни објекти – кајчиња треба истите во најкраток временски период да ги отстранат од крајбрежниот појас кај локалитетот „Сараиште“, населбата „Канео“ и село Пештани. Во спротивно Општина Охрид и општинските јавни претпријатија ќе започнат акција за отстранување на истите, на товар на сопствениците. Пловните објекти треба да се отстранат поради тековно одржување и чистење на крајбрежјето пред почетокот на летната туристичка сезона.
ОХРИД ДОМАЌИН НА МЕЃУНАРОДЕН ТЕКВОНДО ТУРНИР
Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков го прогласи за отворен Меѓународниот турнир во Олимписко теквондо „Охрид опен 2025“ што денес се одржува во градов. Во своето обраќање во Спортската сала „Билјанини извори“, градоначалникот Пецаков истакна – Чест ми е што присуствувам на отворањето на годинешниот Меѓународен турнир во Олимписко Теквондо „Охрид опен 2025“ што добива традиционален карактер и зазема се поголемо место на охридската спортска мапа затоа што е пример за афирмација и промоција на различни спортски дисциплини кои се негуваат кај нас. Како човек кој активно се занимавал со спорт, па и сега и покрај бројните обврски „крадам“ моменти да се занимавам со спортски активности верувајте уживам во вакви настани кои пред се се значајни за нашето здравје, развој, а со тоа и напредок на нашето општество. Теквондо е водечки индивидуален спорт во државава кој не направи особено горди на меѓународен план со понесениот златен медал на охриѓанката Парулеска. Спортските успеси не се само гордост на спортистите, тие се гордост на земјата која ја претставуваат, на сите нас. Со овој настан испраќаме порака за афирмација на спортот и создавање на уште подобри услови за негов развој. Теквондо е боречка вештина во која со поединечни квалитети сите имаат подеднаква шанса да се покажат и да напредуваат. На овој начин децата учат дека секој успех зависи од нивниот труд и залагања.Тоа им дава дополнителен мотив активно да вежбаат и тренираат . Рангирањето по појаси дава дополнителен мотив и ги тера натпреварувачите постојано да се усовршуваат. Исто така, неподеленоста по полови овозможува вашиот син и ќерка да вежбаат заедно. Една од најголемите предности на боречките вештини, секако, е учење самоодбрана. Секој родител сака неговото дете да биде способно да се заштити себеси и другите доколку дојде до несакани ситуации. Ваквите случувања повлекуваат со себе и повеќе посетители и гости пред почетокот на летната туристичка сезона и развој на спортски туризам. Со незапирливиот спортски дух, нашите спортисти победуваат, освојуваат награди и трофеи, а ние сме тука да ги бодриме и да ги мотивираме за уште поголеми успеси. Верувајте, во ваквите спортски настани не е битно кој ќе победи сите учесници се квалитетни и добри. “Победи ако можеш, изгуби ако мораш, но не се откажувај никогаш. Зошто упорноста може да го претвори падот во неверојатно достигнување.“ Пред официјално да го прогласам турнирот за отворен ќе потенцирам дека ние како Локална власт и во иднина ќе бидеме тука и ќе го поддржуваме овој настан затоа што е добар пример за правилно насочување и градење на нашата младина–подвлече Пецаков.
РЕАЛИЗИРАНА ОБУКА ЗА ГАСЕЊЕ НА ПОЖАРИ НА ОТВОРЕН ПРОСТОР
На иницијатива на Штабот за заштита и спасување на Општина Охрид во текот на вчерашниот ден беше организирана Обука на Просторните сили на локално ниво за гасење пожари на отворен простор. Обуката беше реализирана од страна на тим на Одделението за обука при Дирекцијата за заштита и спасување и овластени лица од Општина Охрид. Покрај теоретски дел, обуката опфати и спроведување на практично показна противпожарна вежба. Со обуката беа опфатени околу сто учесници на Просторните сили на Општина Охрид и тоа: Планинската Спасителна служба при Црвен крст-Охрид; Доброволното противпожарно еколошко и хуманитарно здружение „ЕКО ФАП“ ; Здружението на љубители и подржувачи на НП Галичица; Здружението на планинари„ Великамен“с. Елшани; ДПД „Ентузијаст“ Охрид-Дебрца; ЈП „Охридски комуналец“; ЈП „Градски гробишта“, ЈП Национален Парк „Галичица“; ЈП „Национални шуми и ПШС „Галичица“ Охрид.
ОХРИД ДОМАЌИН НА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА „КРЕАТИВНО УЧИТЕЛСКО ТВОРЕШТВО“
Денеска во Охрид, започна регионалната наставничка конференција „Креативно учителско творештво“ што се одржува по осми пат. На настанот учествуваат просветни работници од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. На свеченото отворање пред присутните се обрати Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски. – Дозволете да го изразам моето огромно задоволство што Охрид е домаќин на 8-та по ред регионална наставничка конференција „Креативното учителско творештво“. Станува збор за исклучително важен настан во кој централна тема е наставникот ,тимската работа и релацијата наставник – дете. Секој оној кој се занимава со просветна дејност или има каков и да е придонес во образовниот процес е мисионер на најблагородната професија во животот – поучувањето и учењето. Велам најблагородна професиja затоа што за да описменуваш и да градиш личности со знаења, умеења, вештини, потребна е најпрвин голема љубов, а потоа волја и трпение. Само образобван човек може да ги менува работите на подобро. Само описменети можеме да ги дофатиме сите висини во Светот, недостижното станува достапно, а далечното, блиско. Токму затоа настани од ваков тип се едни од најважните за сите нас и треба почесто да се организираат затоа што, „сѐ што ќе научите станува ваше богатство, богатство што не може да ви биде одземено, без разлика дали ќе учите во зградата наречена училиште или ќе учите од животниот учител. Учењето нови работи е безвременско задоволство и бесценето богатство.“ Учесници од нашата Македонија, Хрватска, Босна, Црна Гора и Србија, ви посакувам успешна и плодна заедничка работа што ќе вроди добри заклучоци во полза на напредно образование. Верувам дека посетата во воспитни и образовни центри во градов која е предвидена во вашите работни активности ќе ви помогне во истражувачката дејност. Покрај работниот дел, јас знам дека ќе понесете впечатоци со себе од убавините на древниот Охрид. Кристално бистото езеро, природата недопрена од модерното време и чудесниот мир во манастирскиот комплекс Св. Наум, одново и одново ќе ве враќаат во Охрид, градот кој е идеален склоп на традиционалното и модерно време. Неколку милениуми наназад ќе се вратите посетувајќи ја наколната населба кај Градиште, ќе нурнете низ царска Македонија кога ќе бидете на Самоиловите тврдини, на античкиот тетар во старото градско јадро, а влезете и во неколку од бројните цркви и манастири, ги има 365 на број за секој ден во годината. И секако ќе се вратите во современиот свет.На ривиерата долж бистрите езерски води ќе ве дочекаат бројни кафулинја и ресторани кои нудат традиционална храна и прекрасен амбиент зачинет со музика на охридските чалгии. Имајте успешни денови пред вас и понесете убави спомени од нашиот Охрид, јас верувам дека ќе имаме убави поводи за наши наредни средби- истакна Божиновски. Во рамки на конференцијата учесниците ќе имаат тимско учење преку истражување и примена на различчни вештини на повеќе локации низ Охрид меѓу кои и во манастирскиот комплекс Св. Наум и во наколната населба „ Залив на коските“ кај Градиште. Организатор на настанот е АНН ЛР и завршува во недела со доделување сертификати за учесниците .
ОДРЖАНА 56-ТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ОХРИД
Советниците во Советот на Општина Охрид денес ја одржаа 56- та Седница на која беа усвоени Записниците од 54-та и 55-та вонредна седница. На дневен ред беа 28 Предлог одлуки од областа на образование, култура, детска и социјална заштита, туризам и урбанизам. Дневниот ред беше надополнет со 18 точки кои се однесуваат на измени на буџетските програми. Сите предлог одлуки и програми беа усвоени. Меѓу нив беа Предлог-одлука за усвојување на Годишниот извештај за реализација на Програмата за развој на Југозападниот плански регион за 2024 година. Предлог-одлука за прифаќање донација на помагала за деца со посебни потреби на територијата на општина Охрид.Предлог-одлука за пренесување на правото на користење на помагала за деца со посебни потреби, од општина Охрид на Здружението за воспитно-образовна психо-социјална поддршка ВОПС Охрид за децата со посебни потреби.Предлог-одлука за прифаќање донација за изградба на ново спортско фудбалско игралиште.Предлог-одлука за отстапување на користење котел за нафта со горилник-термоген на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ – Охрид.Предлог-одлука за отстапување на користење специјално товарно противпожарно возило на Доброволно противпжарно друштво „ЕНТУЗИЈАСТ Охрид – Дебрца“.Предлог-одлука за давање на времено користење монтажен објект (урбана опрема) со пропратни елементи на ЈП„Билјанини Извори“ – Охрид.Предлог-одлука за усвојување на Физибилити студијата за избор на најповолен модел за поставување на фотоволтаични централи на општински објекти на подрачјето на општина Охрид и отпочнување постапка за изработка на Физибилити студија за воспоставување јавно приватно партнерство.Предлог-одлука за изработка на дигитални алатки за туристичка промоција на Охрид. Предлог-одлука за прифаќање на иницијативата за експропријација на градежно земјиште на Кп.бр.9795/1, Кп.бр.9796/1, Кп.бр.9822/1 и Кп.бр.9822/2 сите во КО Охрид 2 и одземање на корисничко право на Кп.бр.9794/2 КО Охрид.Предлог-одлука за донесувaње детален урбанистички план за УЗ 6, дел од УБ 6.1 – опфат 2, Oпштина Oхрид, плански период 2019-2029.Предлог-одлука за донесувaње детален урбанистички план во УЗ 12, УБ 12.3 – опфат 2, Oпштина Oхрид, плански период 2022-2027.Предлог-програма во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на подрачјето на општина Охрид за 2025 година. Предлог-одлука за донесување Урбанистички проект со план за парцелација за промена на границите на соседни градежни парцели ГП 2.3.41, со основна класа на намена А2-домување во згради и ГП 2.3.42, со основна класа на намена А1-домување во куќи, на повеќе катастарски парцели во КО Охрид 3, во ДУП за УЗ 2, Блок 2.3, опфат 2, Охрид, Општина Охрид. Предлог-одлука за донесување Урбанистички проект со план за парцелација за градежна парцела ГП 12.1.87, ГП 12.1.88, ГП 12.1.95, ГП 12.1.96 и ГП 12.1.97 формирани во ДУП за УЗ 12, Блок 12.1, КО Охрид, Општина Охрид. Предлог-одлука за донесување Урбанистички проект со план за парцелација за градежна парцела ГП 12.42, ГП 12.1.43 и ГП 12.1.44 од ДУП за УЗ 12, УБ 12.1, Општина Охрид.Предлог-одлука за измена и дополнување на одлуката за донесување на урбанистички проект со план за парцелација за ГП 1 и ГП 3 формирани во план за реализација на 4-та станбена единица – општина Охрид. Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект на КП.бр.108 КО Охрид 4, објект 1 и објект 2.Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект на КП.бр.904 КО Сирула, објект 1. Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект на КП.бр.941 КО Косел, објект 1, објект 2 и објект 3. Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект на КП.бр.970/1 КО Оровник, објект 2. Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект на КП.бр.1114/4 КО Оровник, објект 1. Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект на КП.бр.1229 КО Лескоец, објект 1 и објект 2. Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект на КП.бр.1271 КО Куратица, објект 1. Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект на КП.бр.1548 и КП.бр.1576 КО Куратица, објект 1. Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект на КП.бр.874/1 и КП.бр.874/7 КО Љубаништа, објект 1. Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект на КП.бр.1657 КО Лескоец, објект 1 и објект 2. Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект на КП.бр.535/1 КО Охрид 4, објект 1. Беа усвоени и Предлог програми за измени и дополнување на развојната програма за уредување на градежно земјиште за 2025-27 година, за уредување на градежно земјиште, за одржување и заштита на локални патишта, улици и регулирање на режим на сообраќај за 2025година, Предлог програми за урбана опрема , изградба и одржување, за јавно осветлување. Предлог програми кои се однесуваат на активностите во основното и средно образование, надополнување на развојните програми за капитални инвестиции во основното и средно образование. Предлог програми за капитални инвестиции во областа на детската заштита. Предлог програми за измени и дополнување на годишната програма за Млади и невладини организации за спорт и рекреација, за поттикнување и развој на спортот за 2025 година. Предлог програми за измена и дополнување на развојната програма за изработка на урбанистички планов, дополнување на програмата за финансиските потреби на територијалната противпожарна единица за 2025 година. Усвоени беа и Предлог програмата за измени и дополнување на годишната програма за активностите на општина Охрид во областа на културата за 2025 година и Предлок одлука за изменување и дополнување на Буџетот на ЕЛС Охрид за 2025 година.
ИЗВЕСТУВАЊЕ ВО ВРСКА СО ЧЕСТВУВАЊЕТО НА ДЕНОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО
Општина Охрид ја подготвува Програмата за одбележување на 21-ви Јуни-Денот на Охридското Езеро. Со цел навремено организирање на настаните и заедничко одбележување на јубилејот „25 години од потпишувањето на Меморандумот за разбирање за заштита на езерото помеѓу трите езерски општини Охрид, Струга и Поградец“ се повикуваат сите здруженија на граѓани, институции и поединци кои имаат подготвено проекти и настани од значење за Охридското Езеро (изложби, промоции на книги, музички концерти и други форми на културно организирање) со точно наведени часови, датуми и локации да ги достават на електронската адреса на Одделението за култура при Општина Охрид (kultura@ohrid.gov.mk) или на Одделението за протокол (protocol@ohrid.gov.mk) најдоцна до 30.05.2025 година. Сите активности ќе бидат ставени во рамки една програма која ќе се објави најдоцна до 15-ти јуни 2025 година и јавноста ќе биде поканета да присуствува. Целта на ова известување е да нема поклопување на настаните и локациите и сите заедно на ниво на град Охрид да подготвиме заедничка Програма за достојно одбележување на Денот на Охридското Eзеро.
ИЗВЕСТУВАЊЕ !
Се известуваат граѓаните на општина Охрид, дека поради утврдени пропусти, воопштеност и недостаток на критериуми по основ на кои би се разгледувале поднесените апликации, СЕ ПОНИШТУВА Јавниот повик за финансирање проекти од областа на еднаквите можности на жените и мажите. Се известуваат апликантите во периодот од 05.05.2025 година до 09.05.2025 година, да ги подигнат своите поднесени апликации во просториите на општина Охрид (канцеларија за советници) во период од 08.00 до 16.00 часот. Лице за контакт: Магдалена Стојаноска Тел.за контакт:071/561-203
СТАРТУВА СТАРТАП ВИКЕНД ОХРИД 2025
Од денеска до 27-ми април, Охрид повторно ќе биде домаќин на најинспиративниот настан за млади претприемачи – Startup Weekend Ohrid 2025! Во текот на интензивни 54 часа, 12 тимови ќе работат на развој на свои бизнис идеи, ќе креираат стартапи од нула, ќе добијат менторска поддршка од 20 докажани професионалци, и ќе ги презентираат своите решенија пред стручно жири составено од врвни експерти од светот на технологијата, иновациите и бизнисот. Startup Weekend е дел од глобалната Techstars мрежа и претставува уникатна можност за сите кои сакаат да навлезат во светот на иновациите, технологијата и претприемништвото. Настанот е отворен за сите – дизајнери, програмери, маркетери, студенти, фриленсери и сите со креативен дух и желба да направат нешто свое. Годинава, Startup Weekend Ohrid е поддржан од дури 38 спонзори и поддржувачи, кои со својата помош го прават овој настан можен. Покрај натпреварувачкиот дел, настанот ќе биде исполнет со инспиративни сесии, вмрежување, нови пријателства и уникатно искуство што ќе ги охрабри сите учесници да размислуваат храбро, креативно и претприемнички.
ИЗВЕСТУВАЊЕ – ДОБИТНИЦИ НА СТИПЕНДИИ ОД ЈАВНИОТ ПОВИК ЗА ЛИЦА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ И ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ
Се известуваат добитниците на стипендии од Јавниот повик за доделување на ученички, студентски стипендии како и стипендии за лица запишани на магистерски и докторски студии на државните и приватните училишта и универзитети во Република Македонија, а се однесуваат на лица со ретки и посебни потреби на подрачјето на општина Охрид за учебната 2024/2025 година дека од денес 08.04.2025 (вторник) до 11.04.2025 година (петок) во период од 12:00 до 15:00 часот треба да дојдат во Малата сала во Општина Охрид за да ги потпишат договорите. Добитниците на стипендија (малолетни лица) при потпишувањето на договорот, треба да дојдат во придружба на родител или старател.
