ИЗВЕСТУВАЊЕ – ДОБИТНИЦИ НА СТИПЕНДИИ
Се известуваат добитниците на стипендии дека од 08.04.2025 (вторник) до 11.04.2025 година (петок) во период од 12:00 до 15:00 часот треба да дојдат во просториите на советничката канцеларија во Општина Охрид за да ги потпишат договорите. Добитниците на стипендија (малолетни лица) при потпишувањето на договорот, треба да дојдат во придружба на родител или старател.
ИЗВЕСТУВАЊЕ !
Сите приватни станоиздавачи- даватели на угостителски услуги во куќи, апартмани и соби за одмор да ја проверат важноста на Решенијата за вршење дејност издадени од Одделението за туризам при Општина Охрид. Издадените решенија имаат важност од 3 години и доколку на истите им истекол рокот станоиздавачите треба да поднесат барање за продолжување на Решението. Воедно се известуваат сите станоиздавачи дека доколку започнале дејност без потребните документи ќе се соочат со казни. Општинските Овластени инспектори по туризам и угостителство ќе спроведуваат зачестени контроли и ќе се постапува согласно прекршочните одредби од Законот за Угостителска дејнос.
СООПШТЕНИЕ ДО ТУРИСТИЧКИТЕ ВОДИЧИ И ТУРИСТИЧКИТЕ ПРИДРУЖНИЦИ НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ОПШТИНА ОХРИД
Според член 3 став 2 од Законот за туристичка дејност на Република С. Македонија сите физички лица кои вршат туристичка дејност, а во случајов, туристички водичи и туристички придружници, имаат законска обврска да се регистрираат во регистарот кој го води градоначалникот на општината во која се водат според адреса на живеење. Општина Охрид ги повикува сите погоре споменати даватели на туристички услуги (туристички водич и туристички придружник), да се регистрираат доколку не го сториле тоа претходно и да ја ажурираат својата регистрација доколку во меѓувреме ги обновиле своите легитимации или имаат промени од предходната регистрација. Рокот за регистрирање и ажурирање ќе биде до 15.03.2025 година. Вашата регистрација или ажурирање можете да ги извршите секој работен ден во Сектор за ТЛЕР одделение за Туризам при општина Охрид.
ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ИЗМЕНЕТ ВОЗЕН РЕД
Поради градежните активности кои се изведуваат на локалниот пат од село Долно Лакочереј кон село Горно Лакочереј, ги известуваме граѓаните дека општинскиот линиски превоз на патници на линијата Охрид – Горно Лакочереј – Охрид од ден 05.02.2025 година (среда) ќе се одржува со изменет возен ред. Во периодот од 08:00 – 16:00 часот, автобусите нема да сообраќаат до Горно Лакочереј и истите ќе сообраќаат само до училиштето во Долно Лакочереј. Во останатиот период од денот автобусите на наведената релација ќе сообраќаат согласно постојниот возен ред.
ОПШТИНСКАТА САЛА ЌЕ СЕ КОРИСТИ СО НАДОМЕСТ
Големата сала на Општина Охрид ќе се користи со надомест согласно одлуката на Советот и донесениот Правилник од 04.12 2024 година. Како корисници на салата , може да се јават: Здруженија на граѓани, фондации, други правни субјекти и организации, политички партии, организатори на комерцијални настани, организатори на изложби, промотори на книги, работилници, обуки како и лица кои склучуваат граѓански брак. Висината на надоместокот за користење на големата сала е следна: Здруженија на граѓани, фондации, други правни субјекти и организации, политички партии, организатори на комерцијални настани, организатори на изложби, промотори на книги, работилници, обуки – 3000,оо денари Надомест за склучување на брак во работен ден – 500,оо денари и Надомест за склучување на брак во неработен ден- 1000,оо денари. Надоместокот за користење на салата ќе се плаќа по настан. Максималното времетраење на настанот ќе изнесува 3(три) часа. Податоци за плаќање на надоместокот за користење на општинската сала: Цел на дознака-Административна такса за користење на општинската сала Назив и седиште на примач: Буџет на Р.С.М; Примач: Народна банка на РСМ, Сметка на буџетски корисник 100000000063095 Уплатна сметка 840-152-06553 Приходна шифра и програма 723 914 00 Барателот, најдоцна 3 до 5 дена пред одржување на настанот/склучување на граѓански брак, преку Архивата поднесува барање до Општина Охрид (образецот е прикачен на општинската веб страна). Во прилог на барањето доставува доказ за извршена уплата на надоместок. Во барањето ја наведува потребата и терминот на одржување. Како денови за склучување на граѓански бракови се определуваат: понеделник и среда како работни денови (од 12 до 16 часот) и сабота како неработен ден ( од 12-18 часот). Корисникот на просторија е должен во текот на изведување на настанот, да се грижи за општинската сала како добар домаќин (да води сметка за хигиената, да не предизвикува штета..). Предизвиканата штета за времетраење на настанот ќе биде одговорност на корисникот. Истата ќе биде констатирана во записник и корисникот кој ја предизвикал ќе биде обврзан истата да ја санира во рок од 5 (пет) дена сметано од денот на нејзиното настанување. За времетраење на настанот, лице од редот на вработените во општината, назначено од Градоначалникот ќе врши надзор над користењето на салата. Средствата остварени од давањето на користење на големата сала во општинска сопственост се приход на Буџетот на општината и ќе се користат за тековно одржување на салата. ПРАВИЛНИК за уредување на начинот на користење и располагање со големата сала на општина Охрид.
НОВОГОДИШНИ ПАКЕТЧИЊА И ПРИГОДНИ ПОДАРОЦИ ЗА ПРАЗНИЧНА РАДОСТ
Во пресрет на новогодишните празници, со цел да се сподели празнична радост и внимание, градоначалникот Кирил Пецаков, денеска подели новогодишни пакетчиња на најмладите. Новогодишни пакетчиња беа поделени во Инклузивната игротека „Радост“, во здружението „Во мојот свет“, здружението „Тајните на моето срце“, дневниот центар „Доброљубие“ во црквата „Свети Ѓорѓија“, дневниот центар „Зраци“, како и на дечињата кои се лекуваат во Општата Болница во Охрид. Пригодни подароци беа поделени и на згрижените пациенти во Одделението за геријатрија при Општата Болница.
БОГАТА ЗАБАВНА ПРОГРАМА ЗА НОВОГОДИШНИТЕ ПРАЗНИЦИ ВО ОХРИД
Општина Охрид подготви богата забавна програма по повод претстојните новогодишни празници. На 30-ти декември на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ во 20 часот публиката ќе може да го проследи стендап шоуто 2 Mothers Brothers на Никола Тодороски и Стрезо Стаматоски. На 31-ви декември на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ во пресрет на дочекот на Новата 2025 година, охриѓани и туристите ќе може да уживаат во настапот на поп дивата Каролина Гочева, македонската фолк ѕвезда Наум Петрески, миленикот на младата публика Пајак и охридската група Take 5, DJ Gec и DJ Face. На 1-ви јануари на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ ќе има дневна забава за која ќе се погрижат уникатната Сара Мејс и групата „Балканикос Бенд“. Новогодишната програма оваа година го вклучува и проектот „Охридска новогодишна приказна“ кој ќе започне на 24-ти декември и има 20 забавни настани посветени на најмладите. Дел од настаните е предвидено да се одржуваат напладне, а дел во вечерните часови.
ПОСТАВЕНИ НОВОГОДИШНИ ДЕКОРАТИВНИ РЕКВИЗИТИ НА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД
Во рамки на новогодишното украсување на градот, со цел да се збогати претпразничната атмосфера, денеска во зелениот дел на градскиот плоштад во Охрид, беа поставени декоративни новогодишни реквизити. Се работи за новогодишни макети на снешковци, гномови-дедо мраз и санка со елени во поголема димензија, кои се изработени од Зорица Азеска Спасеска, дипломиран вајар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, вработена во ООУ„Ванчо Николески“-Лескоец како наставник по ликовно образование.
НОВА ОПРЕМА ВО ЈОУДГ „ЈАСНА РИСТЕСКА“
Во ЈОУДГ „Jасна Ристеска” набавена е нова опрема и машини, со кои значително ќе се подобри квалитетот на храната за 1200 дечиња во градинката и ќе се олесни работењето на персоналот во кујна кои секојдевно ја приготвуваат храната. Целосно е реновирана централната кујна која ја подготвува храната за сите објекти на градинката. Набавени се и нови индустриски машини за перење и сушење во пералната, кои не биле обновени од отварањето на градинката. Обезбедени се машина за миење чинии, фрижидер за замрзување 700л, фрижидер за замрзнување 1400л, фрижидер за одржување 700л, шпорет со 4 рингли и фурна, индустриска машина за перење облека 15кг, индустриска машина за сушење облека 14 кг, дебуратор 12л и подлога инокс. За оваа инвестиција се обезбедени 1.126.216 денари од блок дотација и 520.110 денари од сопствени средства.
ПРОДОЛЖУВА ПРОЕКТОТ ЗА ПОСТАВУВАЊЕ УНИФИЦИРАНИ ИНФОРМАТИВНИ ТАБЛИ
Согласно програмата за развој на туризмот, донесениот Правилник и Kаталог за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема, Општина Охрид годинава постави 40 унифицирани табли на плоштадот Св. Климент Охридски и низ охридската чаршија. Проектот започна минатата година со поставување на 74 информативни табли (Фирми) на потегот од Плоштадот по улицата „Цар Самоил“, црквата Св. Софија и улицата „Коста Абраш“. За следната година е предвидено со проектот да се опфатат сите објекти во чаршијата на потегот до плоштадот Крушевска Република и кракот до пресекот на улицата „Туристичка“. Станува збор за околу 120 објекти ресторани и кафетерии, трговски и занаетчиски дуќани, со што ќе се заокружи овој дел од старото градско јадро. Понатаму ќе следува старата чаршија за која што исто така ќе биде избрано визуелно решение согласно Правилникот и Каталогот. Каталог за стандардизирана урбана опрема содржи ТИПИЗИРАНИ и СТАНДАРДИЗИРАНИ модели на урбана опрема во повеќе варијанти (иако тие се во суштина од исти или слични материјали и исти нијанси, бои, конзоли, украси и сл). Огласните табли (фирмите) за прв пат го содржат називот на Македонско кирилско писмо, а до него и англиска транскрипција на називот на латинско писмо. Сите чекори на локалната власт во овој проект претходно беа дискутирани и усогласени со широката заедница на корисници на јавни трибини и меѓусебни консултации. Представниците, сопствениците и корисниците на деловните простори, дуќанџии, занаетчии, угостители, заеднички ги креираат идните чекори во заедничка координација со општинскиот проектен тим, па дури потоа се спроведуваа процедурите на набавка и поставување на опремата. Проектот се спроведува со одобрение на УПРАВАТА ЗА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО. Проектот е во согласност со Стратегискиот план за рехабилитација на светското културно наследство на охридскиот регион и препораките на мониторинг и мисиите на центарот за светско културно наследство на УНЕСКО.
