ЧЕТВРТО И ОСМООДДЕЛЕНЦИ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА ОХРИД
Четвртоодделенците од охридските основни училишта, „Григор Прличев“, „Кочо Рацин“ и „Ванчо Николески“ од с. Лескоец беа во посета на Општина Охрид. Денешни гости беа и осмоодделенците од ООУ „Кочо Рацин“. Младите гости ги пречека градоначалникот Кирил Пецаков кој ги информира за улогата и функцијата што ја обавува градоначалникот, а им го објасни и начинот на работа и функционирање на локалната самоуправа. Посетата на општината е дел од предвидената наставна програма за основно образование.
ЦРНОГОРСКИОТ АМБАСАДОР МИЉАНИЌ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА ОХРИД
Новоименуваниот амбасадор на Црна Гора во Република Македонија, Н. Е. Зоран Миљаниќ во придружба на црногорскиот конзул Миодраг Андријашевиќ, денеска беше во прва официјална посета на Општина Охрид. На средбата со градоначалникот Кирил Пецаков се разговараше за зајакнување на економската соработка на Охрид со збратимените градови Будва и Котор, а се разгледуваа и можностите за воведување авио линија Подгорица – Скопје – Тиват и директна авио линија Подгорица – Охрид. Двете страни разменија мислења за реализација на заеднички културни активности и настани, како и соработка во областа на спортот. Високата делегација од Црна Гора беше информирана и за финансиската состојба на Општина Охрид. Притоа беше истакнато дека актуелната локална власт целосно го исплати наследениот долг на општината и успеа да ја одблокира банкарската сметка којашто има позитивно салдо. Стана збор и за капиталните проекти на општинската власт кои се предвидени за наредната календарска година.
СЕ ПОНИШТУВА ЈАВНИОТ ПОВИК ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРЕДЛОГ ИДЕИ ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС ОД ОБЛАСТА НА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА НА ОПШТИНА ОХРИД ЗА 2025 ГОДИНА
Јавниот повик за финансирање на предлог идеи од јавен интерес од областа на социјалната заштита на Општина Охрид за 2025 година се поништува. Се повикуваат сите кои имаат поднесено апликација во вторник (12.11.2024) во мала сала на Општина Охрид, од 12 до 14 часот ќе можат да ги подигнат своите апликации. ПОВРЗАНИ ВЕСТИ: ЈАВЕН ПОВИК ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРEДЛОГ ИДЕИ ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС ВО ОБЛАСТА НА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА НА ОПШТИНА ОХРИД ЗА 2025 ГОДИНА
ОПШТИНА ОХРИД ПРОМОВИРАНА КАКО ДЕЛ ОД ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ОТПОРНИ ГРАДОВИ MAKING CITIES RESILIENT 2030 (МCR 30)
Oпштина Охрид беше промовирана како дел од Иницијативата за отпорни градови Making Cities Resilient 2030 (MCR2030) во рамки на Регионалната платформа за намалување на ризици од катастрофи во Европа и Централна Азија за 2024, која се одржа минатата седмица во Будва, Црна Гора. Во рамки на тридневниот настан на кој учествуваа лидерите за цивилна заштита и над 700 учесници од 55 замји-членки на ОН, на претставниците на Општина Охрид им беше доделен сертификат за официјално учеството во иницијативата MCR 2030. Дел од оваа иницијатива се и општините Ѓорче Петров и Гази Баба. Покрај министерската тркалезна маса и сесиите на високо ниво, учесниците на платформата беа вклучени во лаборатории за учење и сесии предводени од експерти се фокусираа на теми како што се ангажманот на приватниот сектор, отпорноста на инфраструктурата и системите за рано предупредување за повеќе опасности Making Cities Resilient 2030 (MCR2030) е уникатна иницијатива меѓу засегнатите страни за подобрување на локалната отпорност преку застапување, споделување знаења и искуства, воспоставување меѓусебно зајакнувачки мрежи за учење од град до град, техничка експертиза, поврзување на повеќе слоеви на владата и градење партнерства. MCR2030 во рамки на Канцеларијата на Обединети Нации има за цел да обезбеди градовите да станат инклузивни, безбедни, еластични и одржливи до 2030 година.
ИЗВЕСТУВАЊЕ
Локалната власт упатува повик до сите Месни Заедници, физички и правни лица во понеделник (11. 11 2024г.) во малата сала во општинската зграда во период од 11 до 14 часот да ги достават своите предлози и идеи со цел да учестуваат во креирање на буџетот за наредната календарска година.
ЗАПОЧНА 15 МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ДРУШТВОТО НА ФИЗИЧАРИ НА МАКЕДОНИЈА
Денес во Конгресниот центар во Охрид, започна четиридневната Меѓународна Конференција на Друштвото на физичари на Македонија. Во името на градот домаќин, пред присутните се обрати заменик градоначалникот Ана Крстеска. – Во името на градот домаќин и во свое лично име, Ви посакувам пријатен престој во Охрид и успешна и продуктивна работа. Уверена сум дека преку презентациите на научните согледувања и дебати, во текот на овие четири дена, ќе придонесете за подобро разбирање на светот, а науката ќе биде ставена во служба на човештвото и неговиот одржлив развој. Охрид, древниот Лихнидос, низ вековите бил крстосница на разни цивилизации кои оставале свои траги. Дел од тие траги видливи се и денеска и натаму предизвикуваат интерес кај науката, но и кај бројните домашни и странски туристи.Токму врз таа преплетеност на остатоците од минатото, културните и природните реткости,Охрид е претпознатлив во светот. Вредностите на овој древен град, во осумдесетите години од минатиот век ги препознала мегународната стручна јавност и на нивни предлог Охрид и Охридското Езеро, како природно и културно наследство од светско значење се заштитени од УНЕСКО. Верувам дека и покрај обврските што ги имате на конференицијата, ќе најдете слободно време да уживате во магијата на нашиот град и да понесете драгоцени спомени – истакна Крстеска. На конференцијата учествуваат над 80 реномирани научници од Македонија и светот.
ПОРАДИ ЛОШИТЕ ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ СЕ ОДЛОЖУВА ДЕТСКИОТ НАСТАН „РАЗИГРАН ПЛОШТАД“
Поради лошите временски услови се одложува одржувањето на детскиот забавен настан ,,Разигран плоштад”, кој беше закажан за денеска напладне на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“. За следниот погоден термин за одржување на настанот дополнително ќе бидете информирани.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ОСТВАРИ СРЕДБА СО ПРЕТСТАВНИЦИ НА ИПА ОХРИД
По повод претстојниот 67 светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) кој од 17 до 22 септември оваа година, ќе се одржи во Охрид, денеска градоначалникот Кирил Пецаков оствари работна средба со претседателот на ИПА Охрид Стефан Димоски и началникот на СВР Охрид Игор Смилевски, кој е генерален секретар на ИПА Охрид. Притоа, претседателот Димоски, на градоначалникот Пецаков, му врачи покана за учество на Светскиот конгрес и го запозна со целокупната агенда на сите активности поврзани со овој највисок репрезентативен собир на државите и полициите од светот-членки на ИПА. На средбата, во знак на благодарност за дадениот придонес и поддршка во работата и развојот на ИПА Охрид, на градоначалникот му беше доделена почесна ИПА картичка и ИПА значка со што, градоначалникот Пецаков стана ИПА пријател и почесен член на ИПА Охрид. Градоначалникот Пецаков, ја прими и велосипедската статуетка од вело манифестацијата „На точак, Охрид и Струга да видам“, најзначајната вело манифестации што осма година по ред, ИПА Охрид ја организира со вело тура Охрид-Струга-Радожда, и ја афирмира потребата од изградба на современа и безбедна вело патека Охрид-Струга.
ДЕЛЕГАЦИЈА НА ОПШТИНА ОХРИД ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ШВЕДСКА
Секретарот на општина Охрид, Александар Китески, директорот на ЈП „Охридски Комуналец, Сашо Најдески и раководителот на Одделението за Управување со отпад и регионални депонии, Вера Рауник, беа во работна посета на Кралството Шведска, во Стокхолм и Јевле, а во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ . Општина Охрид е една од шесте општини во двата региона кои работат на проектот за одржливо управување со отпад финансиран од SIDA (Шведска агенција за меѓународна развојна соработка) имплементиран од SALAR International (Шведска асоцијација на локални власти и региони). Целта на посетата беше да се пренесат искуства при спроведување на одржливи практики за управување со отпад, вклучително и ефективно собирање, рециклирање и повторно користење на отпадот, преку воспоставените системи и практики кои се покажаа успешни во шведските општини и региони. Учесниците беа запознаени и со потребата од заедничко надминување на предизвиците поврзани со регионалната и меѓуопштинсака соработка во регионот за управување со отпадот, преку подигање на свеста на граѓаните за одржливо управување со отпад, ефикасна организација, планирање и структура на работата на локално ниво, подобрена комуникација и промени во однесувањето, што ќе придонесе за пониски инвестициони и тековни трошоци и секако заштита на животната средина. Во предвидените активности, беше реализирана посета на фабриката „Екогас“ која е во доминантна сопственост на општините и во која се третира органскиот отпад, односно се произведува гас за возилата за подигање и транспортирање на отпад и јавниот превоз. Се презентираше станицата за рециклирање, како и начинот и организацијата на собирање на отпадот. На работната посета во Шведска беа и претставници од останатите учесници на проектот од Југозападниот и Пелагонискиот регион. [vc_row][vc_column][vc_gallery type=”image_grid” images=”32436,32437,32438,32439,32440,32441″ onclick=”img_link_large”][/vc_column][/vc_row]
ОДБЕЛЕЖАНИ 15 ГОДИНИ ОД НЕСРЕЌАТА НА БРОДОТ „ИЛИНДЕН“
Делегација на Општина Охрид денеска положи свежо цвеќе на спомен обележјето „Солза на Роза“, по повод 15 години од несреќата на бродот „Илинден“ во која загинаа 15 бугарски туристи. Свежо цвеќе на меморијалниот споменик положија и делегација на Бугарската амбасада во Скопје, претставници на Бугарскиот конзулат во Битола, Капетанијата на пристаништата и граѓански здруженија. Несреќата се случи на 5-ти септември 2009 година во 10:30 часот на околу 250 метри оддалеченост од брегот на Охридското Езеро, кај автокампот „Елешец“. Бродот „Илинден“ превезуваше 57 патници на релација од Охрид до Свети Наум.
