Ohrid.gov.mk

БРАЗИЛЕЦОТ ЕВАНЖЕЛИСТА И ФРАНЦУЗИНКАТА ЖУИС СЕ ПОБЕДНИЦИ НА 37.ОХРИДСКИ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН

Бразилецот Матеус Еванжелиста и французинката Каролин Жуис се победници на 37. Охридски пливачки маратон. Тие остварија најдобар резултат на 25-километарската патека “Климе Савин”од Охрид до Свети Наум. Еванжелиста ја преплива патеката за време 5 часа 45 минути и 5 секунди, а Жуис за 5 часа, 46 минути и 51 секунда. На финишот кај градскиот кеј, втор во машка конкуренција беше Марсел Схауле од Холандија со време од 5 часа, 46 минути и 50 секунди, а трето место беше македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев со 5 часа, 46 минути и 52 секунди. Во женска конкуренција втора на целта пристигна Мајте Пука од Аргентина со време од 5 часа 52 минути 36 секунди, а на третата позиција се најде Инес Делакроа од Франција со време од 5 часа, 57 минути и 18 секунди. На овогодинешниот маратон учествуваа вкупно 19 натпреварувачи од кои 11 во машка и 8 во женска категорија. Оваа година маратонската трка е дел од престижната „LEN World Aquatics“. Охридскиот пливачки маратон е главен спортски настан на второто издание на фестивалот на водени спортови Ohrid Water Festival. Организатор на маратонот е Општина Охрид со поддршка на Претседателот на Република Македонија, Министерството за спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатор на настанот е ПК „Охридски бранови 2008“ од Охрид.

ПРЕТСТАВЕНИ УЧЕСНИЦИТЕ НА 37. ИЗДАНИЕ НА ОХРИДСКИОТ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН

На пригодна свеченост која се одржа вчеравачер на платото пред хотелот „Палас“ беа претставени учесниците на 37. Охридски пливачки маратон, што ќе се одржи во сабота на 31-ти август.  На патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри оваа година ќе запливаат вкупно 19 натпреварувачи од кои 11 во машка и 8 во женска категорија. Покрај домашните пливачи, на маратонот ќе учествуваат и пливачи од Франција, Холандија, Бразил, Хрватска, Аргентина, Данска, Турција и Косово. Оваа година маратонската трка е дел од престижната „LEN World Aquatics“. Пред присутните на свечената промоција свое обраќање  имаше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. – Во овие моменти на неповторлива спортска енергија, ми претставува огромна чест и особено задоволство што можам да дадам свој личен придонес за продолжување на децениската традиција и што имам можност да го најавам 37-то издание на Охридскиот пливачки маратон, симбол на нашиот Охрид и прекрасното Охридско Езеро. Секој сончев зрак во пространата езерска шир раѓа нова приказна за природната, културната и историската вредност на овој древен регион. Се радуваме што охридската езерска шир не е само огледало на убавината, туку секоја година е арена на голема храброст, која ја носат учесниците на маратонот. Горди сме што оваа година имаме 19 храбри срца кои ќе пливаат на 25 километарската патеката од Свети Наум до Охрид. Нивната посветеност и упорност се инспирација за сите нас и во мое лично име и во името на моите охриѓани, им честитам на подготвеноста да се впуштат во оваа одважна пливачка авантура. Верувам дека нивното патување во водите на Охридското Езеро ќе им донесе едно неповторливо искуство и ќе им создаде незаборавни спомени. Легендарниот светски пливач Марк Шпиц рекол: „Верата во себе е важна, но вистинската моќ доаѓа од подготвеноста да се натпреварувате сами со себе.“ Драги маратонци, ви посакувам да имате голема верба во сопствените квалитети и самоуверено да ги остварите вашите спортски цели. Оваа можност сакам да ја искористам и да упатам особена благодарност до сите оние кои се вклучени во организацијата и кои го поддржаа овогодинешното издание на пливачкиот маратон. Вашата општествена одговорност е доказ дека само низ заедничка соработка може да се постигне посакуван успех.  Општина Охрид останува неуморно посветена на поддршката на спортот и развојот на нашиот град како светска спортска дестинација. Нашето вложување во спортските настани ја потврдува нашата визија и верба во огромните потенцијали на регионот, особено за водените спортови. Доказ за тоа е успехот на Ohrid Water Festival, кој оваа година, покрај Охридскиот пливачки маратон,  вклучи уште 19 спортски настани на вода и богата социјално-едукативна програма. Верувам дека оваа манифестација ќе продолжи да расте и да се развива и дека ќе биде препознатлив белег за Охрид и Македонија. Посакувам да имаме успешно издание на Охридскиот пливачки маратон, мирно езеро, погодни временски услови и врвни резултати за маратонците, истакна Пецаков во своето обраќање. Во рамки на настанот беше доделена спортската награда „Климе Савин“ , која оваа година му беше врачена на реномираната македонска пливачка Теодора Раптис за посебен придонес и афирмација на Охридскиот пливачки маратон. Охридскиот пливачки маратон е главен спортски настан на второто издание на фестивалот на водени спортови Ohrid Water Festival. Организатор на маратонот е Општина Охрид со поддршка на Претседателот на Република Македонија, Министерството за спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатор на настанот е ПК „Охридски бранови 2008“ од Охрид.        

ОРГАНИЗИРАН ПРЕВОЗ ЗА СКРЕБАТНО ПО ПОВОД УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

По повод големиот верски празник Успение на Пресвета Богородица на 28.08 2024 г. Општина Охрид организира превоз до с. Скребатно каде е големиот верски храм посветен на Пречиста. Тргнувањето е во 08:30ч. од автобуската постојка кај пекарата „Мартина“ на булевар „Туристичка“ и од сред село во Лескоец. Враќањето за назад е во 16:30 ч. Превозот ќе го врши компанијата „Бале турс“.        

ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД УПРАВАТА ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ПРИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ПРОСТОРНО ПЛАНИРАЊЕ (МЖСПП)

Врз основа на член 65 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Северна Македонија бр. 53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 124/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14 и 44/15, 129/15, 192/15, 39/16, 99/18 и 89/22) и член 2 и 3 од Уредбата за учество на јавноста во текот на изработката на прописи и други акти како и планови и програми од областа на животната средина (Сл.весник на Република Северна Македонија 147/08, 45/11), Министерството за животна средина и просторно планирање го дава следното ИЗВЕСТУВАЊЕ  Се известува заинтересираната јавност дека Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) донесе Одлука за спроведување на стратегиска оцена на животната средина (СОЖС) (УП1—15-1205 од 10.06.2024 год) за плански документ Национална стратегија за управување со отпад (НСУО) (2024-2036) со што е отпочната процедура за стратегиска оцена на планскиот документ. Нацрт СОЖС извештајот заедно со нацрт НСУО ќе бидат достапни за јавен увид на интернет страната на МЖСПП (https://moepp.gov.mk) и во просториите на МЖСПП, Сектор за отпад, секој ден од 08.00 до 16.00 часот во текот на периодот за јавен увид (19.08.2024 – 19.09.2024). Јавниот увид ќе трае 30 (триесет) денови од денот на објавувањето на соопштението.  Јавните расправи по Нацрт извештајот за стратегиска оцена ќе се одржат во:   Охрид, 02.09.2024, во 13.00 – 15.00, во општинската сала,   Документите се достапни на веб страницата на МЖСПП на македонски, албански и англиски јазик на следниот линк:  https://www.moepp.gov.mk/medija/soopshtenija/240819-izvestuvane Сите коментари поврзани со нацрт извештајот за стратегиска оцена може да се достават на следниот начин: електронски на следната адреса: A.Karanfilova@moepp.gov.mk (контакт лице Каранфилова Мазневска) по пошта на следната адреса: Плоштад Пресвета Богородица бр. 3, Скопје, (со назнака до Сектор отпад)   M.Sc. Ana Karanfilova Maznevska Head of Waste Management Department Environmental Administration/Ministry of Environment and Physical Planning, Republic of Macedonia Address:Plostad Presveta Bogorodica, No. 3, 2nd floor 1000 Skopje Mob.: ++389 75 35 94 84 anamazne@gmail.com              

ОПШТИНА ОХРИД ДОБИ БЛАГОДАРНИЦИ ЗА ПОДДРШКА И АФИРМАЦИЈА НА МАКЕДОНИСТИКАТА

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ оваа година на Општина Охрид, на градоначалникот Кирил Пецаков и на претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски им додели благодарници „Синергии“, како лична и институционална благодарност за драгоцената поддршка и афирмација на македонистиката. Благодарниците ги врачи ректорката на Универзитетот „Кирил и Методиј“, Биљана Ангелова во рамки на свеченото отворање на 57-то издание на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура што се одржа денеска во Конгресниот центар во Охрид. Во името на градоначалникот Кирил Пецаков, овие високи признанија ги прими претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски. Благодарниците се доделуваат во знак на вреднување на долгогодишната соработка помеѓу Општина Охрид и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Во рамки на свеченото отворање на овогодинешната летна школа се обратија претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, министарката за образование и наука, Весна Јаневска, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцински, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Кристина Николовска. Годинава, на 57. Летна школа учествуваат 65 странски македонисти, од 17 земји. Во рамки на летната школа на 30-ти август 2024 година ќе започне 51. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ. Оваа година конференцијата ќе одбележи три јубилеи: „150 години од раѓањето на Крсте Мисирков“, „95 години од раѓањето на Гане Тодороски“ и „90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски“.   [vc_row][vc_column][vc_gallery type=”image_grid” images=”32068,32067,32066,32065,32064,32062,32061″ img_size=”large” onclick=”img_link_large”][/vc_column][/vc_row]            

ИЗВЕСТУВАЊЕ !

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) работи транспарентно во соработка со засегнатите страни во рамки на постапките за донесување на националната легислатива.  Во однос на Предлог на Закон за прогласување на Охридско Езеро за Споменик на природа и Предлог на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природа,  кои се во собраниска процедура пред донесување, запазена е целата постапка за прогласување согласно Законот за заштита на природа. Добиени се позитивни мислења од релевантни државни органи, Националниот совет за природа и одржани се три јавни расправи во општините Охрид и Струга. Исто така, МЖСПП постапува и согласно одлуките од 2023 и 2024 година на Комитетот за светско наследство при Конвценцијата за светско природно и културно наследство (УНЕСКО) во кои експлицитно е побарано од државата да ги прогласи Охридско Езеро и Студенчишко Блато за заштитени подрачја, со цел да обезбеди заштита.  Согласно предлог – законите, ЈП Колекторски систем, Охрид како иден упраувач со заштитено подрачје Споменик на природа – Охридско Езеро и Општина Охрид како иден управувач со заштитено подрчаје Парк на природа – Студенчишко Блато ќе имаат обрска на транспарентен начин да изработат и донесат планови за управување, во кои ќе бидат дефинирани дозволени и забранети активности по зони, што се дел од препораките на Бернска Конвенција. Идните управувачи ќе имаат обрска да воспостават чуварска служба и мониторинг на природното наследство во двете подрачја и да обезбедат нивно интегрално управување и заштита. Со донесувањето на овие закони од Собранието, ќе се овозможи заштита и зачувување на природните вредности на овие подрачја и нивно соодветно долгорочно управување, како и исполнување на целите на Националната стратегија за заштита на природа, исполнувањто на целите ЕУ и Зелениот договор, како  и одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од 2023 и 2024 година.          

ДОДЕЛЕНИ ДИПЛОМИТЕ НА МАТУРАНТИТЕ ОД ОСУ „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“

Вчеравечер на пригодна свеченост во дворот на ОСУ „Свети Климент Охридски“ беа доделени дипломите на матурантите од генерацијата 2023-2024 година. Во името на Локалната самоуправа пред присутните свое обраќање имаше претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски. -Оваа прекрасна празнична вечер, кога го славиме ликот и делото на нашиот просветител и прв учител Свети Климент Охридски, имаме можност да споделиме неповторливи чувства на радост и гордост кои ги носи матурата, како еден од најзначајните моменти во животот. Дипломата не е само парче хартија, туку симбол на вашите години на напорна работа, истрајност и желба за знаење. Таа означува крај на едно поглавје, но истовремено ја отвора вратата кон иднината која е полна со нови предизвици и уште поголеми успеси. Пред вас стои свет полн со можности. Нека секоја ваша желба ви стане реалност, нека секој ваш сон се претвори во дело. Без разлика дали ќе изберете да продолжите со студии, да се посветите на некоја професија или да го следите патот на науката и уметноста, секогаш имајте на ум дека вашите постигнувања се и постигнувања за целата наша заедница. Охрид во вас гледа голема надеж, бидејќи вие сте тие што ќе ја градат неговата иднина. Стремежот за напредок нека ви биде водилка низ животот. Како што рекол големиот Сократ: „Вистинското знаење доаѓа од спознавањето дека не знаеме ништо.“ Оваа голема мудрост нека ви служи како потсетник дека учењето никогаш не завршува и дека секој ден носи нови можности за раст и надградба. Денеска, во оваа свечена прилика, не можеме да го занемариме и придонесот на вашите професори и родители. Нивната посветеност, трпеливост, поддршка и верба се инспирација за сите нас. Почитувани матуранти, со гордост чекорете напред, знаејќи дека сте подготвени за секој предизвик што го носи следниот ден. Ве очекуваат големи подвизи, нови височини и уште поголеми победи. Во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков, ви посакувам светла и успешна иднина, исполнета со многу радости и остварени соништа. Ви посакувам секоја наредна станица на вашиот животен пат да биде обележана со успех и задоволство. Нека ви е честито дипломирањето, бидете живи, здрави и среќни!, истакна Божиновски во своето обраќање.

ОПШТИНА ОХРИД ПРЕЗЕМА КОНКРЕТНИ ЧЕКОРИ ЗА ГРАДЕЊЕ ОТПОРНОСТ КОН РИЗИЦИ ОД КАТАСТРОФИ

На 9 јуни 2024 година, со поддршка на УНДРР (Канцеларијата на Обиденетите нации за намалување на ризици од катастрофи за Европа и Централна Азија) беше одржана наменска работилница за проценка на отпорноста на општина Охрид со цел да се согледа капацитетот и моменталните состојби на општината за исполнување на кретириумите и очекувањата од оваа Иницијатива. ,,Да ги направиме градовите отпорни 2030” (Making Cities Resilient 2030 (MCR2030) претставува иницијатива за подобрување на локалната отпорност преку активности и мерки за споделување на знаења и искуства, воспоставување на мрежи за соработка,  обезбедување на техничка и експертска поддршка, поврзување на релевантните служби од од централната и локалната власт, градење на партнерства за соработка, како и други активности за намалување на ризиците од катастрофи кои имаат негативни влијанија за животот и здравјето на граѓаните, материјалните добра, инфраструктурата и економскиот развој на општините. Препознавајќи ги овие можности и придобивки, општина Охрид е една од првите три општини од Република Македонија која во соработка со Центарот за управување со кризи ги превзема конкретни чекори за приклучување на оваа иницијатива. На работилницата присуствуваат претставници од соодветните служби во рамките на општина Охрид, претставници од Центарот за управување со кризи и тематски експерт од УНДРР. За време на работилницата беше одговорен сеопфатен Прашалник врз основа на кој се определува моменталната состојба, односно се мери нивото на отпорност на општината и се доделува соодветна фаза на достигнување, како појдовна основа за понатамошните активности. Изработен е извештај кој ги опфаќа сите тематски области кои беа предмет на анализа и евалуација. Со извештајот се дадени соодветни препораки кои во наредниот период треба да се претворат во конкретни активности и да се постигнат видливи резултати. Со реализацијата на овие активности, општина Охрид заедно со општините Гази Баба и општина Ѓорче Петров,  кои исто така изразија подготвеност да се приклучат кон оваа иницијатива практично се првите општини од Македонија кои официјално се пруклучија на оваа глобална акција и со тоа заслужено се најдоа на објавените вести на Веб страната на УНДРР (North Macedonia take steps to enter the 2030s with greater resilience | UNDRR) Повеќе активности во врска со Иницијативата MCR2030 се очекуваат од Септември оваа година. North Macedonia take steps to enter the 2030s with greater resilience | UNDRR          

ЛОКАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОДРЖА КООРДИНАТИВЕН СОСТАНОК ЗА ПРЕВЕНЦИЈА И СПРАВУВАЊЕ СО ПОЖАРИ

Денеска на иницијатива на локалната самоуправа и СВР Охрид во просториите на Општина Охрид се одржа состанок на Локалниот совет за превенција и Штабот за заштита и спасување на општина Охрид. Целта на средбата беше анализа на степенот на загрозеност на шумите од пожари во регионов, поефикасна превенција, рано предупредување и спречување пожари на отворен простор и во шумски предели, зајакнување на комуникациите и координацијата помеѓу надлежните субјекти што стопанисуваат и управуваат со шумите и други мерки за нивна поефикасна заштита од пожари. Според изнесените податоци, на подрачјево не се регистрирани пожари од пошироки размери во шумските појаси, а според статистиката на претставниците на СВР Охрид во првата половина од 2024 година, пријавени се 20 пожари на отворен простор на нискостеблести предели -стрништа и ниви, случени во општините Охрид и Дебарца. Ова значи дека е зголемен бројот на пожари бидејќи споредбено со минатата 2023 година, на подрачјето на општина Охрид и Дебарца биле пријавени вкупно 20 пожари на отворен простор. Оттука, на денешниот состанок беше одлучено да се интензивираат превентивните мерки и да се оформат посебни мобилни тимови составени од членови на надлежните служби кои, ќе вршат патролирање низ шумските појаси во Охрид и Дебрца, ќе се продолжи со мониторинг на теренот и континуирано следење на состојбите, ќе се интензивираат контактите со месните заедници и месното население, со ловните друштва. Акцент беше ставен на значењето на доброволните противпожарни друштва и нивното значење за првично сузбивање на шумскиот пожар се до доаѓањето на професионалната Територијална противпожарна единица како и на потребата од поголем обука и опременост на членовите на доброволните противпожарните друштва кои ги има на подрачјето. На состанокот беше заклучено дека е потребно вклучување на сите расположливи капацитети и опрема што може наменски да се користат за контрола, превентива и заштита на шумите од пожари, како и да одговори на потребите во случаи на локализирање на евентуално настанат пожар од поголем обем.   Денешниот состанок на Локалниот совет за превенција, доаѓа поради зачестените регистрирани пожари на подрачјето во кои е опожарена нискостеблеста вегетација, депонии, стрништа. Претставниците на надлежните субјекти, упатија апел до граѓаните, посебно до земјоделците и другите лица кои работат или се движат на отворен простор, да не палат огнови, од кои лесно и брзо може да избувнат пожари од големи размери и да предизвикаат значителна имотна и материјална штета. СВР Охрид посебно ги нагласи казнените законски одредби и потсетува дека предизвикувањето пожар, намерно или од невнимание, претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни пријави. Беше одлучено и поинтензивно актуелизирање на препораките за заштита од пожари, со цел населението да биде подобро информирано за актуелните препораки за заштита од пожари. На координативниот состанокот покрај претставници на Општина Охрид и СВР Охрид, присутвуваа претставници на Регионалниот центар за гранични работи – Запад, Територијалната противпожарна единица Охрид, НП „Галичица“, ЈП „Национални шуми“- подружница „Галичица“, претставници на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, претставници на Шумската полиција, претставници на Црвен крст, Планинската спасителна служба и Здравствен дом Охрид.        

БАЛЕТСКА ПРЕТСТАВА „БАРБИ“ КАКО ДЕЛ ОД ПРОГРАМАТА ЗА НАЈМЛАДИТЕ

Во рамки на програмата на Општина Охрид наменета за  најмладите, под мотото „Културата расте со децата“ на 19.07.2024 година (петок) со почеток во 20:30 часот на сцената кај ТЦ „Амам“ ќе се одржи детската балетска претстава „Барби“ во изведба на охридско детско балетско студио „Наталис студио“.