Ohrid.gov.mk

ИНФОРМАЦИЈА ДО ЗДРУЖЕНИЕТО НА ПЧЕЛАРИ

Согласно Законот за заштита  на населението од заразни болести ( Сл. весник на РМ 66/2004, 139/2008 и 99/2009,  149/2014, 150/2015 и 37/2016 ), а врз основа на одлуката на Советот на Општина Охрид за спроведување на превентивна систематска дезинсекција на територијата на општината   како општа противепидемиска мерка, локалната самоуправа го издава следното  соопштение: Се известуваат граѓаните кои одгледуваат пчели на подрачјето на општина Охрид  дека  на   ден  09.07.2024 год.  (вторник)   ќе  се спроведе теристичка (од земја) дезинсекција против комарци. Запрашувањето ќе се врши во период од 19 часот во вторник  до 06 часот во среда. Со дезинсекцијата ќе биде  опфатено Охридското крајбрежјето на потег од с. Подмолје до  комплексот Св. Наум, територијата на град Охрид, потег на река Грашница, Коселска Река. Се молат пчеларите и пчеларските задруги да ги превземат соодветните мерки за заштита на пчелите. Исто така се молат и граѓаните во тој период да го намалат своето движење на посочениот опфат. Во случај на појава на неповолни временски услови  (ветар, дожд) дезинсекцијата се одложува за следниот поволен ден.      

ЗАБРАНА ЗА ИЗВЕДУВАЊЕ ГРАДЕЖНИ РАБОТИ ВО ЦЕНТРАЛНОТО ГРАДСКО ПОДРАЧЈЕ

Од први јули (понеделник) стапува на сила одлуката за забрана за изведување градежни работи во централното градско подрачје. Забраната се однесува на просторот јужно од „Булевар Туристичка“ на потегот од „Билјанини извори“ до реката Даљан и на туристичките локалитети од каналот Студенчишта до Св.Наум. Забраната ќе биде на сила до 31 август.      

ДА СЕ ОТСТРАНАТ ПЛОВНИТЕ ОБЈЕКТИ КАЈ „САРАИШТЕ“ И ПЕШТАНИ

Сопствениците на пловни објекти  – кајчиња треба истите во најкраток временски период  да ги отстранат од  крајбрежниот појас кај  локалитетот „Сараиште“  и во рибарската населба „Пештани“.  Во спротивно  Општина Охрид и општинските јавни претпријатија ќе започнат акција за отстранување на истите, на товар на сопствениците. Пловните објекти треба да се отстранат поради тековно одржување и чистење на крајбрежјето во овој дел од градот  пред почетокот на летната туристичка сезона.        

„ЗА СИТЕ ДЕЦА“ – БОГАТА КУЛТУРНО ЗАБАВНА ПРОГРАМА ЗА НАЈМЛАДИТЕ ВО ОХРИД

Преку проектот „За сите деца“, Општина Охрид за прв пат организира богата културно-забавна програма посветена на најмладите охриѓанчиња и најмладите гости кои летуваат во нашиот град. На различни локации на отворено, почнувајќи од 21-ви јуни 2024 година, секој петок се до 6-ти октомври 2024 година – Неделата на детето, ќе се реализираат низа културно-забавни настани и активности за деца до 12 години, под мотото „Културата расте со децата“. Во текот на месеците јуни, јули, август, септември и октомври на отворените сцени на Долни Сарај, плоштадот „Крушевска Република“, плоштад  „Вангел Наумовски“ (кај мини маркет), Лапидариум, градски плоштад „Свети Климент Охридски“ и други јавни површини во градот  ќе бидат изведени детските театарски претстави „ Цветко и градината“, „Разгалениот принц“, „Младиот чорбаџија“, „Дизајнерот Далматинко“ и „Црвенкапа“. Сите претстави ќе бидат во изведба на „Театар Хит“ од Скопје, а најмладите  преку омилените детски ликови ќе имаат можност  да се дружат со нашите познати актери Магдалена Ризова Черних, Сашо Ристовски, Ема Давчева и Бранко Атанасов. Преку  детскиот театар на отворено и интерактивните театарски претстави ќе бидат упатени универзалните пораки  не само за секое дете туку и за возрасните како што се:  да  ги сакаме и почитуваме другарчињата , да ги слушаме родителите, да се грижиме светот да стане убаво место за живеење, да се грижиме за чиста и здрава животна средина и да  градиме здрави животни навики преку здрава исхрана. Исто така, најмладата публика во Охрид ќе има можност да биде дел од сликарската школа „Пробај уметност“, да се дружат со младите поети од Балканскиот-детски младински камп „Ванчо Николески“, како и со омилените ликови од детската емисија „Малите ѕвездичи со КА-2“ и да ја проследат детската балетска претстава „Барби“ од охридското детско балетско студио „Наталис студио“. Како дел од програмата ќе се одржи и првиот танцов фестивал „Охрид танцуваТ“ организиран од танцовиот клуб „Соната“. За најмладите кои се заинтересирани за танц ќе бидат анимирани преку „Флеш-моб“ и едукативни танцови работилници. Преку книжевните средби со писателите за деца Билјана Црвенкоска и Горјан Петрески, децата ќе имаат можност да се запознаат со ликовите на „Биби и Боби“ преку голем број познати сликовници и сказни од исоимената едиција за деца, како и низа други книжевни дела од овие автори. Во рамки на детската програма ќе бидат прикажани филмовите за деца  „Луси гангстерката –релис“ и „Малиот Винету и изгубените биволи“ синхронизирани на македонски јазик. Исто така планирано е да бидат прикажани и приказните „Модерна бајка“ и „Ќерките на Фроса“ кои се снимени во Охрид од детското драмско студио „Цвет 75“ од Охрид. Најмладите ќе може да уживаат и во веселите композиции на детските фестивали „Поточиња’“, „Распеано рибарче“, „Радика Фест“ и „Весели Ѕвончиња“, а вистинска атракција за публиката ќе биде мјузиклот „Црвенкапа“ во изведба на „Балада Продукција“ Важно е да се напомене дека сите настани ќе бидат бесплатни за публиката. Општина Охрид секој понеделник ќе ја најавува петочната детска содржина, местото и времето на одржување на настанот.          

ИНФОРМАЦИЈА ДО ЗДРУЖЕНИЕТО НА ПЧЕЛАРИ

Согласно Законот за заштита  на населението од заразни болести ( Сл. весник на РМ 66/2004, 139/2008 и 99/2009,  149/2014, 150/2015 и 37/2016 ), а врз основа на одлуката на Советот на Општина Охрид за спроведување на превентивна систематска дезинсекција на територијата на општина   како општа противепидемиска мерка Општина Охрид го издава следното  соопштение: Се известуваат граѓаните кои одгледуваат пчели на подрачјето на општина Охрид  дека  на   ден  29.05.2024 год.  (среда )   ќе  се спроведе теристичка (од земја ) дезинсекција против комарци. Запрашувањето ќе се врши во период од 19 часот во среда  до 06 часот во четврток. Со дезинсекцијата ќе биде  опфатено Охридското крајбрежјето на потег од с. Подмолје до  комплексот Св. Наум, територијата на град Охрид, потег на река Грашница, Коселска Река. Се молат пчеларите и пчеларските задруги да ги превземат соодветните мерки за заштита на на пчелите. Исто така се молат и граѓаните во тој период да го намалат своето движење на посочениот опфат. Во случај на појава на неповолни временски услови  (ветар, дожд) дезинсекцијата се одложува за следниот поволен ден.      

ГОЛЕМА ДЕТСКА ТРКА ПО ТРЕТ ПАТ ВО ОХРИД

Околу 500 првачиња од основните училишта од Охрид и Дебрца беа дел од големата Детска трка која се одржа денеска на стадионот „Билјанини извори“ во организација на АК „Охрид ТрчаТ“. Спортската манифестација која во ваков  формат се организира по трет пат, има за цел е да ги промовира спортските навики кај најмладите и да ја подигне свеста за поголема физичка активност. Пред почетокот на трката, присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков. -На мое големо задоволство и радост, денеска сум овде заедно со вас, за да ги поддржиме и бодриме нашите  дечиња, кои ќе ја трчаат својата прва голема трка.  Здравствената наука и медицината постојано потенцираат дека децата кои се занимаваат со спорт растат во здрави и самоуверени личности. Затоа оваа трка не е само забавен натпревар, туку и значајна иницијатива за подигнување на свеста за важноста на физичката активност и спортот од најрана возраст.  Нашата цел е да ги поттикнеме децата да се движат, да развиваат здрави навики и љубов кон спортот. Спортските активности покрај тоа што се полезни за здравјето, тие ги учат децата на дисциплина, тимска работа и упорност. Нека оваа денешна трка биде симбол на почетокот на едно патување кон здрав живот. Нека биде инспирација за сите нас да ги поддржиме и охрабриме нашите деца да бидат активни, да спортуваат и да ги откриваат своите таленти и способности. Драги охриѓанчиња, вие сте богатството на  Охрид и на Македонија. Вашите насмевки и желби се она што ни дава сила и храброст да ви обезбедиме безгрижно детство. Без оглед на тоа кој ќе биде прв на целта, денес нема победници, запомнете дека сите вие сте наши шампиони. Оваа можност ја користам да упатам и голема благодарност до ентузијастите од „Охрид ТрчаТ“, кои со својата посветеност и труд веќе неколку години успешно го организираат овој уникатен настан, а верувам дека така ќе продолжат и  во иднина. Посакувам весела и забавна трка и нека денешниот ден биде полн со незаборавни моменти. Нека оваа трка биде само почеток на многу идни успеси и спортски достигнувања. Напред до целта кон среќно детство! Бидете живи и здрави и гордост за вашите родители! Да уживаме и спортуваме заедно! Охрид е спортски град!, истакна Пецаков во своето обраќање.   Учеството на трката беше бесплатно, а за сите учесници АК „Охрид ТрчаТ“ обезбеди маица, медал (финишер), вода и пригодни подароци. Трката и оваа година ја подджаа Општина Охрид и голем број општествено одговорни компании. Детската трка се организираше за прв пат во 2018 година како дел од Атлетската манифестација „Охрид ТрчаТ“, а од 2022 година започна да се организира со поинаков концепт и е наменета за сите првачиња.

ОХРИДСКАТА ТЕРИТОРИЈАЛНА ПРОТИВПОЖАРНА ЕДИНИЦА ГО ОДБЕЛЕЖА ДЕНОТ НА ПОЖАРНИКАРИТЕ

Градоначалникот Кирил Пецаков денеска присутвуваше на пригодниот настан во Територијалната противпожарна единица во Охрид, по повод 20-ти мај, Денот на пожарникарите. Тој упати голема благодарност и честитки до пожарникарите за нивната пожртвуваност во извршување на работните задачи и потенцираше дека Локалната самоуправа во континуитет работи на подобрување на условите за работа на службата, набавка на дополнителна опрема и возила. Командирот на Територијалната противпожарна единица,  Борко Јанкулоски истакна охридската противпожарна единица брои вкупно 39 пожарникари и е една од најекспедитивните, скоро најдобро опремена и подготвена во секое време да реагира на било каква интервенција. Од почетокот на оваа година до денес охридските пожарникари имале вкупно 202 интервенции од кои 152 пожари на објекти, отворен простор и пожари на сообраќајни средства.            

ВО ОХРИД СЕ ОДРЖА ТРИБИНА ПОСВЕТЕНА НА СОСТОЈБИТЕ СО АУТИЗМОТ ВО МАКЕДОНИЈA

Во организација на Македонско научно здружение за аутизам МНЗА, денеска во Охрид се одржа трибина на тема „Aутизмот во Македонија – „лет во место“ или прогрес?“. Пред присутните на јавниот настан, во името на Локалната самоуправа се обрати заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски. -Драго ми е што имам можност да се обратам на оваа трибина, посветена на една многу значајна тема. Денеска, сме овде со една цел, да дадеме јавна поддршка на лицата со аутизам и нивните семејства и да зборуваме гласно, како ние, како општество, можеме да направиме позитивни промени во нивниот живот. Лицата со аутизам и нивните семејства се соочуваат со низа предизвици. Многу е важно да ги разбереме нивните потреби и да обезбедиме соодветна помош. Пред сè, неопходно е да ја подигнеме свесноста за аутизмот. Многу луѓе сè уште имаат предрасуди или недоволно разбирање за тоа што значи да се живее со аутизам. Образованието и информирањето на јавноста се од особено значење, па поради тоа потребно е да се организираат едукативни кампањи, работилници и вакви настани, кои ќе ги едуцираат граѓаните за тоа како да ги разберат и поддржат лицата со аутизам. Исто така, институциите мора да обезбедат соодветни услови, а тоа вклучува пристап до психолози, логопеди и други професионалци кои можат да помогнат во развојот и рехабилитацијата на лицата со аутизам. Секако тука не смееме да ја заборавиме и поддршката за семејствата во нивното секојдневие. Би сакал да споменам дека Општина Охрид има преземено значајни чекори во насока на подобрување на условите во нашата средина. Даваме поддршка на Центарот за аутизам „Мојот свет”, а исто така обезбедуваме и ангажирање на образовни асистенти во училиштата. Како дел од програмата за образование и социјална заштита обезбедуваме и стипендии за ученици и студенти со посебни потреби и ретки болести, помеѓу кои се опфатени и лицата со аутизам. Се надевам дека оваа поддршка ќе биде уште поголема во иднина. Упатувам благодарност до Македонското научно здружение за аутизам МНЗА за организацијата на оваа трибина и на сите вас кои имате одреден придонес во вакви активности и проекти. Верувам дека само преку заедничка соработка можеме да обезбедиме поддршка и разбирање за лицата со аутизам и нивните семејства. Само со заеднички напори можеме да изградиме инклузивно општество, кое ги прифаќа и вреднува сите свои членови, истакна Божиновски во своето обраќање. На трибината говореше проф. Д-р Владимир Трајковски, а свое искуство како родител на дете со аутизам сподели Валентина Павловска Златановска. Модератор на трибината беше Александра Сабрас Апостолова, дефектолог во Општа болница Охрид, со долгогодишно работно искуство на полето на проблематиката со аутизмот.

ВЕЛИГДЕНСКИ УКРАСИ НА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

Денеска на плоштадот Свети Климент Охридски  бше поставено великденско украсно јајце со  христијанскиот поздрав Христос Воскресе, две дрвени клупи и други реквизити  наменети за најмладите . Украсите  се дело на академскиоит  скулптор Зорица Азеска Спасеска, професорка по ликовно образование во  ООУ Ванчо Николески од Лескоец. Локалната самоуправа, секоја година ќе обезбедува нови реквизити и украси кои ќе  го красат градот за време на Велигденските празници. Целта е секој кој ќе се фотографира пред наведените украси со себе да понесе фотографија  – спомен на нашиот Ерусалим на Балканот.  Општина Охрид во соработка со ЈП Градски Пазар во духот на Велигден и оваа година ќе го организира велигденскиот базар. Покрај продажно-изложбениот дел, во рамки на програмата предвидена е и културно-уметничка програма на која ќе настапат КУД „Ѓердан од бисери“, „КУД „Ѓердан“; КУД „Отекс“,; КУД „Фаланга“ и КУД „Филиграни“. На базарот ќе земат учество сите заинтересирани фирми, занаетчии, слаткари, пекари, уметници I производители на охридски и македонски традиционални јадења. Велигденскиот базар и оваа година ќе има хуманитарен карактер и дел од собраните средства од продажба на производите ќе бидат донирани онаму каде што е најпотребно. Исто така, ОО на Црвен крст ќе постави свој штанд, со кутија за донации каде што секој посетител ќе има можност да даде своја донација за помош и поддршка на ранливите категории граѓани.            

ПЧЕЛАРСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ „ОХРИД“ ОДБЕЛЕЖА 50 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ

Со пригодна свеченост што се одржа вчеравечер, Печеларското здружение „Охрид“ одбележа јубилеј од 50 годиини успешна работа. Во името на Локалната самоуправа пред присутните се обрати секретарот на Општина Охрид, Александар Китески. – Дозволете ми да ве поздравам и да упатам најсрдечни честитки по повод златниот јубилеј, 50 години од основањето и успешното работење на Пчеларското здружение „Охрид“. Во текот на изминатите пет децении, ова здружение има дадено голем продонес во развојот на земјоделството во нашиот регион, промовирајќи го значењето на пчеларството и производството на мед, како неизоставен дел од нашето секојдневие. Пчеларството не е само земјоделска гранка, туку е и важен столб на целиот екосистем, а пчелните производи се силна алка во исхраната на човекот и заштитата од болести. Пчеларското здружение преку своите членови и искусни лица овозможува ресурси и знаење кои создаваат поволни услови за одржливо пчеларство, одгледување на здрави пчели и производство на висококвалитетен мед. Во оваа прилика, сакам да упатам признание и благодарност до основачите на здружението и сите активни членови, кои го одржуваат и градат, ги следат современите трендови и го позиционираат Охрид на мапата на успешни пчеларски региони. Верувам дека и во иднина ова здружение ќе продолжи да работи посветно во доменот на заштита на пчеларството и унапредување на оваа значајна дејност. Локалната самоуправа секогаш е насочена кон вреднување на успешните приказни и во рамки на нашите ингеренции, ќе бидеме отворени за соработка и поддршка на вашите програми и активности. Почитувани, пчелите не зборуваат, но нивниот труд говори повеќе од било кој збор. Покрај тоа што го заслужуваат целиот наш восхит, тие можат да ни бидат пример, како треба да живееме и ние, како човечки суштества, а тоа е со многу љубов, упорност и посветеност кон заедничкото добро. Уште еднаш, во мое име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков Ви го честитам 50 годишниот јубилеј и ви посакувам успешна работење, плодни сезони и безброј кошници мед, истакна Китески во своето обраќање. На пригодната свеченост која се одржа во Големата сала на Општина Охрид свое обраќање имаше и претседателот на здружението Наум Трпчески.