Ohrid.gov.mk

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ УВЕРЕН ДЕКА ЌЕ СЕ ОДРЖИ ОХРИДСКИОТ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН

Денес градоначалникот Кирил Пецаков одржа координативен состанок со претставниците на пливачките клубови од градов, со цел надминување на проблемите околу одржувањето на Охридскиот пливачки маратон. На состанокот беше изнесено мислењето дека Општина Охрид заедно со  пливачките клубови, може да одговори на предизвикот во однос на техничката организација на спортскиот настан, но останува на пливачката федерација и Агенцијата за млади и спорт да го понесат својот дел од одговорноста. – Општина Охрид ќе направи сè, односно 99 отсто, Охридскиот пливачки маратон да се одржи. Локалната самоуправа ќе стори сè од следната година да ја преземе организацијата на манифестацијата во свои раце, заедно со пливачките клубови. И оваа година ќе направиме сè што е и што не е во наша моќ за да го организираме Охридскиот маратон. Ја повикуваме и државата, на што веднаш добив одговор од Агенција за млади и спорт“,  изјави по состанокот Пецаков. Се очекува во текот на денешниот и утрешниот ден градоначалникот да оствари средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовкси, по што ќе имаме појасна слика за одржувањето на маратонот.        

ОХРИД ГО ЧЕСТВУВА ЖИВКО ЧИНГО

  Во родното место на великанот Чинго, во атарот на манастирот Св.  Петка,  вечерва, се одржа традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“. Во рамки на одбележувањето беше доделена наградата за најдобар расказ на авторката Анита Велкоска – ОДА за расказот „Зошто роботите не умеат да љубат“. Пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков. Почитувано семејство на Живко Чинго, дами и господа, драги Велгоштани, Од година во година иста или слична сценографија за манифестацијата посветена на нашиот великан Живко Чинго. И верувајте навистина е тешко да се најдат зборови, фрази, метафори со кои секој 13ти август ќе се разликува од претходниот во изразувањето на нашата почит кон Живко Чинго. Но, зошто и би се разликувало. Едноставноста е одлика на совршенството, само патот да стигнете до совршенството е сложен. А, Чинго беше токму тоа – едноставен и совршен, со сите човечки доблести и маани. Тој беше полнокрвен човек, затоа беше и најголемиот раскажувач. Дозволете ми овде да истакнам дека тој беше и есенцијален Македонец. Зошто не можете да бидете Македонец – творец, а во својата уметност да ја немате планетарната универзалност. Таков беше и нашиот Чинго – Велгоштанец, Македонец и граѓанин на светот. Ние како политичка власт, отелотворена во Локалната самоуправа, имаме света должност да ја негуваме оваа традиција и засекогаш да го чуваме и негуваме споменот за Живко Чинго. Конкурсот за најдобар расказ е во самиот врв на македонските литературни манифестации, а со превод на повеќе странски јазици, зазема место и во светската литературна ризница. Почитувани присутни, Дозволете ми во мое име и во името на Општина Охрид да ги упатам најискрените честитки на годинашниот лауреат, Анета Велкоска – ОДА за нејзиниот расказ „Зошто роботите не умеат да љубат“ и да и посакам долга и плодна кариера. А што се однесува до нашиот безвремен Живко Чинго, покрај оваа манифестација, бројните семинари, истражувања за неговиот лик и творештво или последното монументално дело „Книга за Чинго“ на професорите Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, најдобар начин да не се заборави е да се чита неговото творештво. Верувајте ми. Неговите дела сите нас не прават подобри луѓе. Да е вечен споменот на нашиот драг Живко Чинго, истакна во своето обраќање градоначалникот Пецаков. Годинешниот лауреат, Анета Велкоска – ОДА истакна дека за нејзе ова претставува огромна чест. Беседа за Живко Чинго држеше археологот Паско Кузман, кој изнесе бројни факти и случки од животот на Чинго, додека творечки опус за животот на Живко Чинго како инспирација држеше Гоце Џуклески. Манифестацијата беше збогатена со богата културно – уметничка програма.            

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ЈА ПОДДРЖА КАМПАЊАТА ЗА ОРГАНОДАРИТЕЛСТВО

  Во организација на националното здружение „Храбро срце“ денеска на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ се одржа пригоден настан по повод Светскиот ден на органодарителството. На настанот присуствуваше Градоначалникот Кирил Пецаков кој преку видео порака даде јавна поддршка на кампањата за органодарителство. – Драги сограѓани, додека ние сме безгрижни и среќни, а вообичаните животни предизвици се наша главна преокупација, покрај нас има луѓе, за кои секој нов ден е исполнет со  страв, неизвесност, очај и едно единствено прашање – Дали ќе слушнат позитивна вест дека е најден донор на органот кој им е потребен. Нивната единствена молитва е да оздрават, а нивната најголема желба е да живеат. Овие луѓе ја заслужуваат сета наша најискрена поддршка, за да ja продолжат нивната секојдневна борба и да им помогнеме да ја најдат својата шанса за подобро утре, за нив и нивните најблиски, со кои секојдневно ја споделуваат својата мака.  Пред се како човек, а потоа и како функционер кој работи за граѓаните, ме разочаруваат многубројните несреќни приказни и апели за помош на оние кои чекаат пресадување на органи. Од друга страна пак силно ме трогнуваат сите поединци и нивните семејства, кои се одлучиле да даруваат орган и на многу благороден начин да спасат нечиј живот. Се радувам што се повеќе имаме вакви позитивни примери на човекољубие и се надевам дека истите ќе придонесат за што поголемо ширењето на свеста за донирање органи.  Секој од нас може да ја поддржи капањата за органодарителството на здружението „Храбро срце“ и да ја пренесува пораката „Дарувај живот“. Со ова правиме еден важен чекор за да помогнеме, да спасиме и да излекуваме повеќе животи, но и да ја почитуваме и вреднуваме дарежливоста на донорите. Ајде сите заедно да ја покажеме хуманоста како наша најчовечна особина, ајде заедно да покажеме дека може да ги избришеме солзите и да донесеме повеќе насмевки. Ајде заедно да зборуваме гласно, да се едуцираме и да ја подигнеме свеста за уште многу успешни трансплантации и уште многу спасени животи, истакна Пецаков во својата видео порака, која е објавена како дел од кампањата. На настанот беа поделени флаери со информации и пораки за зголемување на свеста за органодарителството.              

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ОСТВАРИ СРЕДБА СО ШПАНСКИОТ АМБАСАДОР

Денес во работна посета на Општина Охрид престојуваше амбасадорот на Шпанија во Република Македонија, Н.Е. Хосе Луиз Лозано Гарсија. На средбата со градоначалникот Кирил Пецаков, шпанскиот амбасадор истакна дека денешната посета на Охрид е дел од економскиот карван на амбасадорот низ Македонија, каде се бараат можности за поблиска соработка со општините во земјава. Високиот дипломат ја истакна добрата соработка на шпанската компанија “ИДОМ“ со ЈП “Колекторски систем“, што резултира со грант од еден милион евра за изработка на физибилити студија. Амбасадорот изрази подготвеност да посредува во остварување на поблиски врски и збратимување на шпански град со Охрид, кој дели исто или слично природно и културно наследство. Градоначалникот Пецаков ја изрази подготвеноста и отвореноста на Охрид за соработка, посебно во делот на заштитата на охридското природно и културно богатство и споделување на заедничи искуства од соработката со УНЕСКО. На средбата беше договорено, шпанскиот амбасадор во блиска иднина повторно да го посети Охрид со својот економски тим, на која би се конкретизирале идните заеднички проекти.          

ЧЕСТИТКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ЗА ИЛИНДЕН

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, упати честитка  до охриѓани и останатите граѓани на Република Македонија  по повод 2 Август – Илинден. – Нека ни е честит најголемиот македонски  двоен празник. Двата Илиндена, 1903 и 1944, ја симболизираат нашата борба за сопствена држава, благодарение на што  денес  живееме во самостојна, демократска и независна Република Македонија. И денес  гордо одиме по патот зацртан со Илинденското востание и  Првото заседание на АСНОМ негувајќи ги идеалите за слободна, демократска и независна Република Македонија. Борбата на еден народ не престанува со еден историски чин. Тоа е процес, тоа е континуитет, тоа е чувство што треба да го има секој од нас. Илинден е ден кога славиме и се потсетуваме на голем број револуционери и борци за независна Македонија, кои со својата крв ги испишаа најславните страници од историјата на македонскиот народ. Празнувајќи го овој датум, да им се заблагодариме и да им оддадеме почит на сите знајни и незнајни херои од нашата историја, зошто врз темелите што тие ги поставија опстојува Република Македонија. Нивниот пример е обврска за секоја идна генерација безусловно да ја води својата борба, борба за напредна, поуспешна и просперитетна  Македонија – се вели во честитката на градоначалникот Пецаков по повод националниот празник Илинден.              

СЕ Е ПОДГОТВЕНО ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ИЛИНДЕНСКИОТ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН

Илинденскиот пливачки маратон по 43ти пат ќе се одржи на 02 август. Маратонот ќе се одвива на патеката од Горица до Градското пристаниште во должина од 2,5 километри. Покровител на Илинденскиот пливачки маратон е Општина Охрид. – Илинденскиот пливачки маратон е настан кој Локалната самоуправа го подржува долги години, а тоа ќе го правиме и во иднина. Покрај тоа даваме поддршка и на други манифестации кои се поврзани со пливањето. Се надевам дека во иднина оваа поддршка ќе се зголеми, особено откако ќе го добиеме покриениот базен. Сето тоа очекуваме да резултира со градење на спортски личности кои што понатака ќе постигнуваат врвни резултати во пливањето. Охрид како туристички град, како град кој што има езеро, треба да вложува во овој спорт, затоа што минатото ни покажува дека големи имиња излегоа во овој спорт и се надевам дека во наредниот период со соодветна инфраструктура и со соодветно вложува од страна на Локалната самоуправа и приватниот сектор ќе добиеме повторно големи имиња во пливањето и кои ќе постигнат врвни резултати, истакна градоначалникот Кирил Пецаков. Почетокот на трката е закажан за во 10 часот во категоријата мажи и 10:30 часот во категоријата жени. Катерина Стојаноска во име на организаторот на маратонот „Охридски бранови 2008“ истакна дека вкупно пријавени се 44, од кои 29 мажи и 15 жени. За регуларноста на трката ќе бидат ангажирани 10 судии, додека за безбедноста на пливачите и екипите ќе се  грижи Црвен крст од Охрид.            

МЕМОРАНДУМ ЗА СТРАТЕШКА СОРАБОТКА НА ОПШТИНА ОХРИД И ДРУШТВОТО ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ „СЕФИДАНИС“

Градоначалникот Кирил Пецаков и проф.д -р Анис Сефиданоски денеска во    просториите на касарна Хаб што ја опреми Општина Охрид преку проектот „Ohrid Gо“ ,потпишаа меморандум за стратешка соработка.  Со тоа Локалната самоуправа и  Друштвото за истражување и развој „СЕФИДАНИС“ ДООЕЛ – Охрид се обврзаа дека ќе работат на  афирмација  и поддршка на економскиот развој, креирање на услови за развој на паметни и зелени технологии, создавање на услови за развој и унапредување на претприемништвото и  создавање на кадар. Заеднички ќе се настапува ѝ при подготовка и спроведување на активности и проекти пред македонските и меѓународните институции. Потписниците се обврзаа дека заеднички ќе делуваат и меѓусебно соработуваат  преку размена на искуства и најдобри практики, како и учество во настани и активности од заеднички интерес. Подготовка, развивање и учество во заеднички проекти и истражувачки активности како и организирање обуки, советувања и други настани за развивање и промоција на општествената одговорност. – На оваа соработка гледам со радост затоа што истата нуди многу можности. Капацитетите на професорот Анис Сефиданоски за општината и за мене како градоначалник се добро познати. Сум имал можност да ги видам сите оние работи на кои што работи и ги развива своите умствени капацитети. Се надевам дека од оваа соработка ќе произлезат многу проекти и работи коишто како општина можеме да ги користиме, а благодетите покрај охриѓани ќе ги користат и туристите кои го посетуваат градот. Се надевам дека наскоро ќе ги видиме  и првите плодови по потпишување на меморандумот за соработка – рече градоначалникот Кирил Пецаков.    – Денес се наоѓаме во предвечерието на четвртата индустриска револуција каде што новите технологии како што се вештачката интелигенција, виртуелната реалност, роботиката ќе го трансформираат секој сегмент од животот, најмалку онолку колку што тоа го направи електричната енергија. Иднината која ни претстои е возбудлива. Ајти секторот е прв повикан да одговори на ризиците и предизвиците од дигиталната ера. Затоа   соработката со Касарна Хаб и сите „актери“ кои се вклучени во неа почнувајќи од   градоначалникот, а потоа експертизата е повеќе од важна– истакна проф. д-р Анис Сефиданоски од Друштвото за истражување и развој  „СЕФИДАНИС“- Охрид   Заедничките активности и проекти ќе се реализираат на иницијатива и покана на една од страните потписнички на Меморандумот и секоја поединечна активност, доколку тоа е потребно ќе биде регулирана со посебни договори. Овој Меморандум не ги ограничува или строго утврдува начинот и видовите на соработка, туку ја насочува сферата на заеднички интерес која е во согласност со нивната мисија и визии. Страните потписнички се согласуваат на редовна меѓусебна размена на литература и други корисни материјали, со цел да им се овозможи на членовите слободен пристап до корисни информации поврзани со целеите на овој меморандум. Просториите на Касарна Хаб ќе бидат ставени на располагање за користење на Друштво за истражување и развој СЕФИДАНИС Дооел Охрид со цел остварување на претходно наведените цели согласно овој Меморандум. Друштво за истражување и развој СЕФИДАНИС Дооел Охрид се обврзува истите да ги користи уредно и домаќински, и во насока на реализирање на целите од овој Меморандум. Просториите на Касарната Хаб што ги опреми и уреди Општина  Охрид ќе бидат наменети и за наредни соработки со правни субјекти кои обезбедуваат поголем економски развој на Охрид.              

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ОСТВАРИ СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА ИЗМИТ ФАТМА КАПЛАН ХУРИЕТ

Протоколарна средба, денес, оствари градоначалникот Кирил Пецаков со градоначалничката на Општина Измит, Република Турција, Фатма Каплан Хуриет. На средбата беше потенцирана веќе добрата воспоставена соработка помеѓу Охрид и институциите и општините од Турција. Соговорниците разговараа за размена на искуства во областа на туризмот, но и за воспоставување соработка и во други области. Договорено беше да се организира и возвратна посета на Измит од страна на делегација од Општина Охрид со цел унапредување на меѓусебната соработка.        

АМБАСАДОРОКАТА НА ШВАЈЦАРИЈА ВО ПОСЕТА НА ОХРИД

Денес, Амбасадорката на Швајцарија Н.Е. Вероник Улман Марти, беше во посета на Охрид. Заедно со градоначалникот Кирил Пецаков, директорката на Центарот за развој на Југозападен плански регион Мирјана Лозаноска и претставникот на Советот за развој на Југозападен плански регион, ја посетија ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“. Директорот д-р Ацо Велески  им го претсави базенот за физикална терапија, кој ЈЗПР во соработка со Општина Охрид во рамки на програмата за „Одржлив инклузивен рамномерен регинален развој“ го релизираа преку Минитерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.  Од страна на стручните лица, Амбасадороката беше запознаена со досегашниот тек на работа на базенот и медицинските третмани кои се одвиваат тука. Дополнително беше разговарано и за потребите за дозаокружување на базенската опрема, која повторно би била финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка. Градоначалникот Кирил Пецаков, изрази благодарност и задоволство за досегашната соработка со Швајцарската амбасада и Агенцијата за развој и соработка. Тој ги истакна проектите кои се реализираат со нивна соработка и потенцираше дека Општина Охрид подготвува нови проекти со кои ќе учествува на наредните повици за кои се надева дека повторно ќе бидат поддржани. Амбасадорката истакна дека до сега е задоволна од соработката и исполнителноста во реализацијата на проектите кои се одвиваат преку Центарот за развој на Југозападен плански регион и Општина Охрид. Таа поденцираше дека Охрид е високо во нивната агенда и дека во иднина се надева на повторна соработка во реализација на големи проекти кои се од интерес за градот.          

ОТВОРЕН ПОЧЕСЕН КОНЗУЛАТ НА РЕПУБЛИКА СРБИЈА ВО ОХРИД

Со пригоден настан кој се одржа денеска, свечено беше отворен Почесениот Конзулат на Република Србија во Охрид. На отворањето на Конзулатот свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков. -Чувствувам посебно задоволство и чест што како градоначалник на Охрид сум присутен на овој свечен настан, а како охриѓанец сум особено горд, што нашиот град добива конзуларно претставништво на уште една значајна пријателска земја, а тоа е Република Србија. Македонскиот и Српскиот народ имаат вековна поврзаност, која е втемелена на заедничка историја и затоа отсекогаш сме биле пример за взаемна доверба и добрососедство. Тоа особено се однесува на традиционалните партнерства во сите сфери на општественото живеење. Од денес, со отворање на почесниот конзулат на Република Србија во Охрид, создаваме нови можности за градење уште поцврсти мостови на заедништво и зближување меѓу нашите граѓани. Се надевам дека тука ќе се родат многу нови идеи и иницијативи за остварување на стратешки интереси и унапредување на економската и стопанската размена, особено во делот на туристичките дејности. Општина Охрид отсекогаш била дел од билатералните процеси помеѓу Македонија и Србија и одржува долгогодишно пријателство. Збратимени сме со градовите Крагуевац и Инџија, а имаме потпишано протоколи за соработка со Земун, Лесковац, Александровац и градската општина Медијана од Ниш. Се надевaм дека во наредниот период ќе воспоставиме официјална соработка и со други српски центри, со кои имаме заеднички интереси. Во мое лично име и во името на граѓаните на Охрид, упатувам срдечни честитки до почесниот конзул Михајло Филев и му посакувам многу успех во извршувањето на доверената функција. Убеден сум дека со менаџерските способности и неговиот креативен потенцијал ќе оствари конкретни резултати и достигнувања. Локалната самоуправа секогаш ќе биде подготвена да го поддржи функционирањето на ова дипломатско претставништво и да даде придонес онаму каде што е потребно. Очекувам, во иднина да ги зачестиме нашите средби и да имаме плодна соработка, истакна градоначалникот Пецаков. Покрај грaдоначалникот Пецаков, на свеченоста присуствуваа Министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ, Вицеперемиерот на Македонската Влада задолжен за политики за добро владеење, Славица Грковска, Министерот за правда, Никола Тупанчески, Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, Српскиот амбасадор во нашата држава, Невена Јовановиќ, почесниот конзул во Охрид, Михајлов Филев, претставници на дипломатскиот кор и бројни гости од политичкиот и јавниот живот на двете држави. Одлуката за отворање на свој Почесен Конзулат во Охрид, Република Србија ја донесе минатиот месец. Ова дипломатско претставништво ќе ги покрива општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Дебар и Центар Жупа. Почесниот Конзулат е лоциран на улица „7-Ноември“ број  27 во непосредна близина на СВР Охрид.