Ohrid.gov.mk

ОДБЕЛЕЖАН 21 ЈУНИ – ДЕНОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

Со едриличарска прошетка по езерото и промоција на пловило на соларен погон, денес беше одбелжан 21 јуни, Денот на Охридското Eзеро. На манифестацијата покрај градоначалникот Кирил Пецаков, присуствуваа и градоначалниците на Подградец Илир Џаколи и на Дебрца, Зоран Ногачески. – И оваа година традиционално го прославуваме 21 јуни како Ден на Охридското Eзеро, со силна верба дека ќе направиме се за неговата заштита и промоција, како наше заедничко уникатно природно богатство – истакна во обраќањето градоначалникот Кирил Пецаков и продолжи: –Aктивната соработка помеѓу Охрид, Струга и Дебрца од македонската страна и Поградец од албанската страна, започната пред неколку години, како основна цел ја дефинира потребата за вложување на заеднички напори во поставување на база за соработка, која ќе биде појдовна точка за напредокот во регионот на Охридското Eзеро. Годинава со помош на Едриличарската федерација на Македонија и ЕУ, сакаме да покажеме дека силно сме посветени на еколошкиот аспект во ползувањето на благодетите на езерото, а охридските едрилици се патоказ како во иднина треба да изгледа нашиот бисер. Треба да направиме се, грижата за Охридското Езеро, како огромна природна вредност, да добие соодветна валоризација во заедничките напори и взаемната соработка за заштита и прогрес на езерскиот регион како географска целина, која има слични економски, социолошки и еколошки карактеристики – рече Пецаков пред присутните. На плажата “Кај Дивоно“, беше промовиран пловен објект на соларен погон, изработен од учениците и професорите од ОЕМУЦ “Св. Наум Охридски“. Овој проект е финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој, а во негова реализација учествуваа учениците Евгенија Шулевска, Шефко Асим, Никола Илиоски, Даниел Котоски, Јован Матлијоски и Христијан Груевски, под менторство на професорите Виолета Никовска и Сашо Ангелоски. Од страна на градоначалникот Кирил Пецаков и директорот на училиштето Сашо Недески, на учениците и професорите вклучени во изработка на пловилото им беа врачени пофалници.          

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ОСТВАРИ СРЕДБА СО НЕГОВИОТ КОЛЕГА ВИНЧЕНЦО МАНИГЛИА, ОД РАКАЛМУНТО СИЦИЛИЈА

Денес, градоначалникот Кирил Пецаков, имаше протоколарна средба со неговиот колега Винченцо Маниглиа, од италијанската општина Ракалмунто, од островот Сицилија. На средбата градоначалниците разговараа за воспоставување на соработка во повеќе области. Бидејќи и двата градови изобилуваат со културно – историски знаменитости се отвораат можности за соработка во областа на зачувување и нивно провмовирање. Во текот на вчерашниот ден, италијанскиот градоначалник беше гостин на Интернационалната конференција: „Дигитално граѓанско општество“, во рамките на проектот Social Innovation Network. Проектот е имплементиран од „Порака Нова“, во соработка со Општина Охрид и партнерски општини и организации од Италија (Unione degli assessorati), Шпанија (Solidaridad sin fronteras) и Хрватска (Udruga Mladi u EU). Проектот е финансиски подржан од програмата Europe for citizen. Соговорниците разговараа и за предизвиците со кои Охрид се соочува во насока на зачувување на статусот на УНЕСКО и за ЕРАЗМУС + програмата.          

ОХРИД ДОМАЌИН НА 7. КОНФЕРЕНЦИЈА НА ЛЕКАРИТЕ ОД ОПШТА И СЕМЕЈНА МЕДИЦИНА НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

Градоначалникот Кирил Пецаков вчеравечер имаше свое обраќање на свеченото отворање на 7-та Конференција на лекарите од општа и семејна медицина на Југоисточна Европа, која до 19-ти јуни ќе се одржува во Охрид . – Овој академски собир е еден од најголемите во областа на општата и семејната медицина во Југоисточна Европа и затоа верувам дека од него ќе произлезат значајни податоци и научни заклучоци, кои ќе дадат нов импулс во третманот и негата на пациентите во примарното здравство. Пандемијата со Ковид-19 ни ја покажа клучната улога на општите и семејните лекари во целокупниот здравствен систем. Тие беа постојано на располагање, не советуваа, се грижеа за нашето здравје и имаа значајна позиција во лекувањето и третманот на заболените од овој нов вирус. Поради нивниот хуман и посветен ангажман, оваа можност ја користам, на сите општи и семејни лекари да им упатам најголемо призанание и искрена благодарност. Но освен во медицинскиот третман, важноста на докторите од општа и семејна пракса е неприкосновена и во делот на заштитата од најразлични хронични болести. Тие се наметнуваат како најверодостоен извор за информации и се појдовна точка за сеопфатна здравствена заштита и за поединецот и за семејството. „Здравите граѓани се најголемото богатство што секоја земја може да го има“, ова го кажал познатиот политички лидер Винстон Черчил, па токму затоа е потребно сите државни системи да се насочат кон креирање на современи здравствени политики во делот на примарното здравство, кои ќе обезбедат подобри услови за работа на општите и семејните лекари и ќе овозможат подобра заштита на здравјето на населението. Се надевам дека преку заедничка заложба и размена на искуства, ќе се избориме, сите граѓани да добијат квалитетна и навремена примарна здравствена заштита, а медицинскиoт кадар, достоинствени услови за работа. Почитувани, Охрид е највредниот македонски бисер, кој е надалеку познат по својата убавина. Никој не може да остане рамнодушен на уникатната природа и непроценливото културно богатство, кое е препознаено како светско наследство заштитено од УНЕСКО. Затоа Ве поканувам, Вашиот престој тука да го искористите и да посетите дел од нашите вредни културни знаменитости и да понесете незаборавни спомени, рече градоначалникот Пецаков во своето обраќање. Мотото на годинешната конференција е “Општата/семејна медицина во состав на здравствената грижа“ и на нea ќе замат учество предавачи, професори и доктори од праксата од различни земји на ЈИЕ и пошироко. Конференцијата ќе овозможи размена на искуства и идеи од областа на општата/семејна медицина, нејзината улога во здравствениот систем, особено во решавањето на пандемијата со Ковид – 19. Организатор на конференцијата е Асоцијацијата по општа/семејна медицина на Југоисточна Евбропа (А ОМ/СМ ЈИЕ и македонското Здружение по општа/семејна медицина.            

АМБАСАДОРКАТА НА ИЗРАЕЛ Н.Е. СИМОНА ФРАНКЕЛ ВО ПОСЕТА НА ОХРИД

Н.Е. Симона Франкел, денес, во рамки на посетата на Охрид, оствари средба со градоначалникот Кирил Пецаков. На средбата се разговараше за одличната соработка во повеќе области која Охрид ја негува со Израел и заеднички беше констатирано дека таа ќе продолжи и во иднина. Соговорниците зборуваа и за прогресот што Општина Охрид го прави во спроведување на препораките од УНЕСКО за зачувување на статусот на светско природно и културно наследство. Амбасадорката го поздрави напорот што Општина Охрид го вложува во насока на зачувување на статусот. Градоначалникот и Амбасадорката разговараа и за изработката на проектките кои се однесуваат за подобрување на водоснабдувањето на градот и за пречистителни станици за третирање на отпадните води. Амбасадорката изрази подготвеност за помагање при подготовката и реализација на овие проекти. Инаку ова е прва посета на Охрид од страна на Амбасадорката на Израел Н.Е. Симона Франкел.          

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ОСТВАРИ СРЕДБА СО АМБАСАДОРОТ НА РЕПУБЛИКА ТУРИЦИЈА Н.Е. ХАСАН МЕХМЕТ СЕКИЗЌОК

Протоколарна средба денес оствари градначалникот Кирил Пецаков, со турска делегација предводена од Амбасадорот на Република Турција, Н.Е. Хасан мехмет Секизќок. Во турската делегација беа и претседателот на Македонско – Турската бизнис комора (МАТТО), Ајдован Адемоски, сопственикот на туристичката агенција „Бадем Тур“, Џихангир Бадем, како и почесниот конзул на Република Турција во Охрид, Абдураман Бајрактар. На средбата беше потенцирана добрата меѓусебна соработка и беше констатирано дека таа во иднина ќе се продлабочува. Соговорниците разговараа за интензивирање на соработката во областа на туризмот, односно организирање на промоција на Охрид на туристичкиот саем во Истанбул. Градоначалникот Пецаков го запозна амбасадорот со проектот за изградба на нова училишна зграда на ОУ „Братство Единство“, кој треба да се реализира во соработка турската агенција „ТИКА“. Амбасадорот истакна дека лично ќе се заложи за побрза реализација на овој значаен проект за градот. На средбата се разговараше и за надоградување на соработката во областа на образованието, културата, градежништвото и индустријата.          

АМБАСАДОРОТ НА БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА ДРАГАН ЈАКИМОВИЌ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА ОХРИД

 Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска оствари работна средба со Н.Е. Aмбасадорот  на  Република  Босна и Херцеговина во земјава , Драган Јакимовиќ.  На средбата се разговараше за статусот на Охрид во УНЕСКО при што градоначалникот Пецаков укажа дека се работи  на надминување на забелешките што претходно беа дадени од националната комисија на организацијата, а беше упатена и благодарност до  амбасадорот за досегашните негови заложби градов да не биде тргнат од листата на Светско природно  и културно наследство. На средбата се разговараше за обновување на иницијативата  за олеснување  на патувањата меѓу двете земји , првенствено преку воспоставување директни авионски линии.  Чартер летовите во летниот период  би  допринеле во  зголемување на  бројот на босански туристи на охридската ривиера. Соговорниците разговараа за неопходноста од поголема промоција на Охрид на меѓународен план, како  најголем туристички  центар во земјава. Заеднички беше заклучено дека на градов му е  потребен  Олимписки центар за  млади кој би функционирал  преку цела година, а за чие отворање  би се  заложиле  двете страни.        

МЕЃУНАРОДЕН МУЗИЧКИ НАТПРЕВАР „ОХРИДСКИ БИСЕРИ“

Со пригодна музичка програма која се одржа во катедралната црква „Света Софија“ вчеравачер беше означен почетокот на овогодинешното издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“. Како покровител на настанот, свое обраќање пред присутните имаше градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков. – „Музиката ѝ дава душа на вселената, крилја на умот, лет на мечтата и на животот сето она што постои“, оваа позната мисла на филозофот Платон ја отсликува моќта на мелодијата, преку која магично се искажува сето она што не може да се долови со зборови. Огромно е задоволството да се биде дел од овој прекрасен настан, со кој се одбележуваат 20 години од меѓународниот музички натпревар „Охридски Бисери“ и да се означи почетокот на уште едно негово успешно издание. Горди сме што Охрид продолжува да биде центар на музичката уметност и тоа што сме домаќини на вакви културни случувања. „Охридски бисери“ е најзначајниот меѓународен натпревар во областа на класичната музика во нашата држава, кој привлекува квалитетни млади уметници од целиот свет. Тоа се должи на високите стандарди на целокупниот програмски концепт но и во строгата селекција на наградени учесници. Среќни сме што наши гости ќе бидат седумдесетина млади музичари од 16 држави, кои ќе се натпреваруваат во три музички дисциплини. Верувам дека овогодинешната програма ќе ја оствари својата главна цел, а тоа е откривање и стимулирање на исклучително талентирани музичари и верификација на нивниот напредок во образованието. Искрено се надевам дека овој музички натпревар ќе продолжи да се организира уште многу години и дека ќе доживее уште многу значајни јубилеи. Јас како градоначалник и нашата Локална самоуправа ќе продолжиме и понатаму да ја даваме потребната поддршка на ваквите културни настани, кои ја збогатуваат разгледницата на нашиот туристички бисер. Почитувани, Охрид има уникатна природна убавина и непроценлива историска и културна вредност. Со се што поседува овој град претставува вистинска инспирација за уметност и совршено место за творење и креативно усовршување. Ви посакувам да имате пријатни натреварувачки денови и да остварите високи лични успеси, кои ќе бидат ваша водилка во понатамшната музичка кариера. Оваа можност ја користам да упатам покана до сите љубители на музиката да ги проследат отворените музички концерти и да уживаат во извонредни композиции, истакна Пецаков во своето обраќање. На концертот по повод свеченото отворање на натпреварот настапија македонската виолиниска Софија Никоска и српскиот пијанист Александар Сердар. Во рамки на програмата беше презентиран и документарен филм по -20 години Меѓународен натпревар за млади музичари „Охридски бисери“.          

ЗАПОЧНА ДА ФУНКЦИОНИРА НОВИОТ ВЕСЛАЧКИ КЛУБ „ГОРИЦА РЕМО“

На овогодинешниот јубилеј, 90 години од почетокот на веслачките спортови на Охридското Езеро, започна да функционира новиот веслачки клуб „Горица Ремо“. За непречено функционирање на клубот Општина Охрид посредуваше во обезбедување на донација од веслачка опрема, од страна на швајцарскиот клуб „Сееклуб“ Биел, во вредност од околу 20.000 евра. Опремата беше презентирана денеска на пригоден настан, во присуство на членовите на клубот, претставници на донаторот и градоначалникот Кирил Пецаков. На презентацијата од страна на клубот беа врачени плакети за благодарност на сите оние кои дале свој придонес во активностите за возобновуање на веслачките спортови во Охрид. Веслачката опрема се состои од веслачки скул двоец, два веслачки скул четверец, два веслачки скифа, веслачки чамец четверец, како и весла и додатна опрема. Со новиот веслачки клуб, по пауза од нешто повеќе од шест години продолжува да функционира веслачка школа во Охрид.              

ПРЕДИЗВИЦИ И ТРЕНДОВИ ВО ПЛАНИНСКОТО СПАСУВАЊЕ ВО ЕВРОПА

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков присуствуваше на панел дискусија на тема „Предизвиците и современите трендови во планинското спасување во Европа“ што денес се одржа  во Охрид.  Целта  на  настанот е  на непосреден начин  пред надлежните државни институции  да се презентрираат   современите европски достигнувања на полето на алтернативниот туризам  и да  се даде придонес во решавањето на проблемот од недостиг на ефикасен систем за планинско спасување во Република Северна Македонија и Република Албанија. На случувањето пред присутните се обрати градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков: – Ми претставува особено задоволство што Охрид и Охридскиот регион во последните неколку години започнаа да развиваат нови форми на туризам и да нудат атрактивна понуда за туристите. Ова особено се однесува на развој и популаризација на планинскиот туризам, кој значително е во подем благодарение на современите трендови кои промовираат здрав живот, рекреација на отворено и планинарски спортови. Една од главните карактеристики на планинскиот туризам е тоа што истиот нуди можност за активности во сите четири годишни времиња. Тоа е од особено значење за Охрид како туристичка дестинација,  бидејќи на тој начин ќе може да се креира туристички производ во текот на целата година. Охридскиот регион изобилува со  преубави планински предели кои имаат идеални услови за развој на авантуристички спортови и планинарење, но потребно е да се обезбеди квалитетно менаџирање со ризици. Со целокупната расположлива опрема, капацитет и стручен кадар, Центарот за спасување на планина во Охрид, значително придонесе за подобрување на ефикасноста на Службата за спасување на планина и го подигна нивото на безбедност на планинарите во нашиот регион. Верувам дека и овој нов проект кој има за цел да обезбеди безбеден зимски авантуристички туризам ќе биде успешно имплементиран и ќе ја добие потребната одржливост. Се надевам дека заедно со останатите општини од Југозападниот регион и партнери од соседна Албанија и во иднина ќе работиме на проекти, преку кои ќе се креираат мерки за унапредување на квалитетот и содржината на туристичкиот производ, но и во делот на подобрување на инфраструктурата, која исто така е многу важен сегмент за развој на туризмот. Исто така се надевам дека нашите европски партнери, како и до сега ќе продолжат да ни ја даваат својата несебична поддршка- рече градоначалникот Пецаков.   На панелот свое обраќање  имаа и Министерката за одбрана, Славјанка Петровска и  директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Раководителот  на HGSS (Hrvatska Gorska Služba Spašavanja) Јосип Граниќ,   го презентира хрватскиот модел за организација на Службата, една од најдобро организираните служби во Европа, како и важноста од строгото придржување кон препораките на ICAR (International Commission for Alpine Rescue) со цел ефикасно делување на Службата. Настанот е дел од  проектот “Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам”, финансиран од ЕУ, ИПА Програмата за прекугранична соработка со Република Албанија и Министерството за Локална самоуправа на РСМ. Домаќини на  истиот беа Планинската Спасителна Служба при Црвен крст- Охрид, Алпинистички клуб “Патагонија” и Националниот Сојуз за планинско спасување.            

ШЕСТО ИЗДАНИЕ НА СПОРТСКАТА МАНИФЕСТАЦИЈА „ОХРИД ТРЧАТ“

Врвни атлетичари, спортисти и рекреативци од 18 држави ќе бидат дел од шестото издание на спортската манифестација „Охрид Трчат”, која од утре до недела ќе се одржува во Охрид. Организатор на атлетскиот викенд е клубот „Охрид ТрчаТ“ со поддршка на Општина Охрид и неколку општествено одговорни компании. Градоначалникот Кирил Пецаков смета дека „Охрид Трчат“ е еден од неколкуте препознатливи настани со кои може да се пофалиме и кои гордо ги претставуваме пред светот. -Бројката од над 1300 пријавени учесници од 18 држави, кои викендов ќе трчаат во Охрид ја поставува оваа манифестација високо на листата од врвните спортски настани, не само во нашата држава, туку и во поширокиот регион. Убеден сум дека и овогодинешното издание на „Охрид Трчат” ќе биде уште еден вистински спортски спектакл, кој ќе испрати силна порака за поголема афирмација на трчањето и здравите спортски навики, рече Пецаков. Тој истакна дека прецизната и беспрекорна организација на веќе искусниот тим кои стои позади идејата и концептот на настанот и оваа година е поддржана и помогната од Општина Охрид. -Се надевам дека оваа спортска приказна ќе стане традиционална и дека ќе има уште многу успешни изданија во иднина. Јас како Градоначалник ќе бидам секогаш подготвен за соработка и за поддршка на вакви настани, кои се одржуваат надвор од шпицот на летната сезона и настани кои можат да дадат придонес за поголема промоција на Охрид како туристичка дестинација. На сите професионални атлетичари, спортисти и рекреативци од нашата држава и од регионот кои ќе бидат учесници на трките им посакувам да имаат исклучително спортско доживување кое долго ќе го паметат, рече Пецаков. Тој упати покана до сите љубители на спортот овој викенд да го посетат Охрид и да бидат дел од публиката. Од страна на организаторите на „Охрид Трчат”, денеска на градоначалникот Пецаков му беше доделен неговиот учеснички број на трката од 5 километри. Официјалната програма започнува со Ноќната трка која ќе се одржи утревечер со почеток во 21 часот. Главните трки на 5 и 21 километар ќе се одржат во недела на 5-ти јуни. Трката на 21 километар е наменета за активните рекреативци и професионални атлетичари, а трката на 5 километри претставува рекреативна трка која е наменета за сите возрасти. Како дел од програмата од охридскиот атлетски викенд, во сабота е предвидена организација на Панел дискусија на тема „Детска атлетика“. Исто така, во рамки на програмата се предвидени и бројни социјални и забавни активности како и богата музичка програма. За време на трките ќе биде организиран посебен сообраќаен режим кој е прилагоден на времениот сообраќаен режим кој е активен во централното градско подрачје. Ораганизаторите упатуваат апел до жителите и туристите  за разбирање и поддршка на настанот.