ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ЈА ПОСЕТИ КОМПАНИЈАТА „ОДВ ЕЛЕКТРИК“
Во посета на компанијата „ОДВ Електрик“ , денес, беше градоначалникот Кирил Пецаков. Во рамки на посетата оствари средба со генералниот менаџер, Огнен Цубалевски, кој го запозна со процесот на производство на фабриката и со идните планови за развој на компанијата во Охрид. Бројот на вработени во моментов во „ОДВ Електрик“ е околу 800 луѓе што ја прави еден од најголемите работодавци во регионот. Градоначалникот Пецаков, ја изрази благодарноста што компанијата го одбрала токму ова место за инвестирање и ја истакна подготвеноста на Локалната самоуправа да се излезе во пресрет на нивните потреби се со цел забрзан развој и зголемување на бројот на вработени во компанијата. Во изминатиот период компанијата „ОДВ Електрик“, дел од својот производствен капацитет кој се наоѓа во Украина, го има префрлено во Охрид и со тоа бројот на вработени во изминатиот период е пораснат за неколку стотини. Претходно, градоначалникот Кирил Пецаков, испрати официјално писмо со кое ги повикува странските компании кои веќе имаат инвестирано во Охрид, доколку своите производствени капацитети од Украина ги преместуваат, нивниот избор да биде Охрид, бидејќи во Општина Охрид може да гледаат како на партнер кој ќе им излезе во пресрет за остварување на нивните планови.
СЕ ПРОДЛАБОЧУВА СОРАБОТКАТА ПОМЕЃУ ОПШТИНА ОХРИД И ФИЛОЗОФСКИОТ ФАКУЛТЕТ ПРИ УНИВЕРЗИТЕТОТ “СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“
Градоначалникот Кирил Пецаков, денес оствари работна средба со деканот на Филозофскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Ратко Дуев. На средбата беше потпишан Меморандум за соработка, помеѓу Општина Охрид и Филозофскиот факултет. Со меморандумот дефинирани се целите на идната соработка, а кои се однесуваат на: взаемната размена на информации, знаења и искуства; обезбедување квалитетни деловно стручни услуги, како и учество, соработка и реализација на заеднички проекти, настани за промоција и заштита на културното наследство. Реализацијата на зацртаните цели ќе се спроведува преку практична работа на студентите, заедничко организирање на научни и студентски конференции, обуки, летни школи, семинари, работилници, промоции и трибини.
ВИСОКИ АВСТРИСКИ ФУНКЦИОНЕРИ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА ОХРИД
Градоначаникот Кирил Пецаков денеска оствари средба со претседателот на Парламентот на провинцијата Виена, господин Ернст Волер и со координаторот на Австрискиот фонд за интеграција, господин Бахри Троја. На средбата се разговараше за продлабочување на соработката во повеќе области, за туристичко промовирање на Охрид во Виена, но и за размена на искуства во насока на зачувување на статусот на УНЕСКО. Градоначалникот Пецаков истакна дека секоја размена на искуства е добредојдена, особено кога доаѓа од луѓе кои директно се вклучени во процес за реализирање на препораки од УНЕСКО.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ НА УВИД НА ГРАДЕЖНИТЕ АКТИВНОСТИ ВО „СВЕТА БОГОРОДИЦА ПЕРИВЛЕПТА“
Градоначалникот Кирил Пецаков, денес, изврши увид на текот на градежните активности за рехабилитација и санација на дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“. Активностите опфаќаат прередување на каменот, додека на местата каде има поголеми оштетувања се поставува нова тампон основа. Претходно во Стариот дел на градот се изврши реконструкција и рехабилитација на неколку улици, пешачки патеки и потпорни ѕидови. Сите активности се реализираа со средства од општинскиот буџет.
ЗАПОЧНА ТРИДНЕВНИОТ СЕМИНАР “НАПРЕДНА АКАДЕМИЈА ЗА ЛИДЕРСТВО 2022“
Денес во Охрид, во хотелот Милениум Палас, започна првиот дел од тридневниот семинар, “Напредна академија за лидерство 2022“, во организација на Германската политичка фондација “Ханс Зајдел“ и фондацијата “Балкан нет“, под покровителство на Советот на Европа. Програмата на семинарот е интерактивна обука, посветена на градоначалници, општински лидери и раководители на сектори во општините. На семинарот учествуваат претставници од Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија. Пред учесниците на семинарот се обрати градоначалникот Кирил Пецаков. – Посакуваното лидерството, демократските процеси, и развојот на општествата од регионов, денес како никогаш претходно ни се повеќе од потребни. За да изградиме стабилни и просперитени земји, исклучително ни се важни локалните самоуправи, како еден од најважните столбови на непосредно одлучување на граѓаните и темел на модерната демократија. Се разбира дека туку има голем простор за натамошно учење и усовршување на сите инволвирани во носењето на одлуките, креирањето на правилни политики и постигнување на оптимални резултати. Убеден сум дека учесниците на семинарот ќе се стекнат со нови вештини и знаења, кои ќе можат практично да ги применат во своите средини. Дозволете ми да го искажам моето мислење дека, вистинското лидерство најдобро се оценува според резултатите и наследство што го оставате зад себе, а не според вербалните ветувања и програмите кои сте ги зацртале. Почитувани присутни, Верувам дека и покрај обемната програма, ќе најдете време и за обиколка на вечниот и древен Охрид, кој со своето неизмерно културно, историско и природно богатство, ќе ве натера повторно да ни дојдете во нашиот град – истакна во своето обраќање Пецаков. Програмата на семинарот првенствено е фокусирана на три области: развој и подобрување на индивидуалните лидерски вештини, вовед во техники неопходни за управување со луѓе и организации, како и вовед во развивањето, планирањето и разбирањето на меѓународните проекти и програми. Вториот дел од семинарот ќе се одржи во текот на месец јули во Банско, Република Бугарија
УЧЕНИЦИТЕ ОД ОУ „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ И ОУ „КОЧО РАЦИН“ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА ОХРИД
Учениците од трето одделение при ОУ „Свети Климент Охридски“ и ОУ „Кочо Рацин“ денеска беа во посета на Општина Охрид. Градоначалникот Кирил Пецаков ги прими младите гости во големата општинска сала при што ги запозна со основните информации околу начинот на функционирање на општината и главните општински симболи. Тој одговори и на сите прашања кои ги поставија љубопитните ученици. На средбите со учениците, градоначалникот го придружуваа претседателот на општинскиот совет, Сашо Донев и секретарот на Општина Охрид, Александар Китески Ученичките посети се дел од наставната програма за трето одделение по предметот Општество.
ЧЕСТИТКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ПО ПОВОД МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА РОМИТЕ
Градоначалникот Кирил Пецаков, по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, упати честитка до припадниците на ромската заедница. – Со најискрени желби за добро здравје, благосостојба и личен развој Ви упатувам срдечни честитки по повод Меѓународниот ден на Ромите. Овој значаен празник е уште еден показател дека толеранцијата и почитувањето на различностите се основа за градење на соживот и заеднички напредок. Со својата традиција и уникатните културни специфики, Ромите се важен дел од мултиетничкиот мозаик на нашата татковина и даваат несебичен придонес во сите сфери на општественото живеење. Посакувам и во иднина посветно да продолжиме да градиме силни пријателства и да се избориме за еднакви прави и интеграција за сите заедници. Само заедно и сплотени можеме да го направиме Охрид поубаво место за живеење со кое ќе се гордеат идните генерации.
ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ ОПШТИНА ОХРИД И УНИВЕРЗИТЕТОТ ЗА ТУРИЗАМ И МЕНАЏМЕНТ ОД СКОПЈЕ
Општина Охрид и Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје денеска склучија меморандум за соработка со цел да обезбедат услови за идни партнерства за развој на туризмот. Официјалниот документ го потпишаа градоначалниот Кирил Пецаков и ректорот на универзитетот проф. д-р Аце Миленковски. Целта на меморандумот е продлабочување на соработката помеѓу двете институции и овозможување на услови за аплицирање на проекти кои се од заеднички интерес. Меморандумот опфаќа и реализација на практикуми за студенти, организирање на настани од заеднички интерес и подобрување на капацитетите на вработените во општината со реализација на обуки, работилници и семинари од страна на универзитетот. Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје ќе овозможи и експертска поддршка во сферата на градење и креирање на атрактивни туристички брендови и ќе додели петнаесет стипендии за упис на додипломски студии во академската 2022/2023 година кои ќе бидат наменети за студенти од Општина Охрид. Критериумите за доделување на стипендиите ќе бидат јавно објавени за заинтересираните да може да ги видат и да аплицираат. Градоначалникот Пецаков упати благодарност до проф. д-р Миленковски за покажаниот интерес и изрази надеж дека воспоставената соработка ќе вроди конкретни и квалитетни проекти, кои дадат придонес во современиот развој на Охрид, како најголем туристички центар во нашата држава.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ДЕЛ ОД ФОРУМОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ 2022
Во Женева, во седиштето на Обединетите нации, се одржа вториот Форумот на градоначалници 2022 година, на кој учествува и градоначалникот Кирил Пецаков. На форумот учествуваат градоначалници од повеќе градови, кои го пренесуваат своето искуство, знаење и идеи за одржлив развој. Градоначалникот Пецаков, имаше своја презентација на темата „Енергични јавни површини, зелен град и решенија базирани врз природата“. Во своето излагање, градоначалникот ги истакна придобивките од користењето на природни материјали во реализацијата на инфраструктурните проекти, реализација на концептот „Зелен град“ и намалување на сообраќајот во строгиот центар. Модератор на форумот беше Ерион Велијај, градоначалник на Тирана, а поздравни обраќања имаа Татиана Валоваја, Генерален директор на UNOG, Олга Алгајерова, извршен секретар на UNECE, Маимунах Мохд Шариф, извршен директор, UN Habitat, Сами Канан, заменик градоначалник на Женева, Норман Фостер, Архитект и Јан Тод, специјален претставник на ОН за безбедност на патиштата. Свои презентации имаа градоначалниците од 45 градови учесници на форумот.
ОХРИД ДОМАЌИН НА ПРОФЕСОРИ И УЧЕНИЦИ ОД НЕКОЛКУ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска беше домаќин на професори и ученици од ООУ „Ванчо Николески“ и нивни колеги и соученици од Романија, Португалија, Италија, Турција и Хрватска кои преку ЕРАЗМУС Плус програмата заеднички го реализираат проектот „ Наша култура, наша иднина“. Во своето поздравно обраќање градоначалникот Пецаков, истакна: – Огромна е честа да се присуствува на овој настан и да се биде домаќин на професори и ученици од неколку европски земји Романија, Португалија, Италија, Турција и Хрватска кои во наредниве неколку дена одблиску ќе се запознаат со културата, традициите и обичаите од нашето поднебје. Уште поголемо е нашето задоволство што Општинското Основно Училиште „Ванчо Николески“ како дел од ЕРАЗМУС Плус програмата неколку години по ред преку образовна мобилност ни носи Европски искуства во нашиов образовен процес. „Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“. Затоа не скршнувајте од патот на кој веќе сте тргнале. Учете и крадете знаење. „Оној кој ќе престане да учи, старее, без разлика дали има 20 или 80 години. Оној кој постојано учи, останува млад.“ Драги присутни наредниве денови во рамки на проектот „Нашата култура, наша иднина“ вие ќе се запознаете со културните знаменитости на древниот Охрид, со традициите и обичаите кои со векови се негувале на ова поднебје. Верувам дека процесот на спознавање ќе го прифатите со задоволство. Сончевиот Охрид кој се капе во бистрите езерски води има 365 цркви за секој ден од годината, а Самуиловата тврдина е сведок на средновековното македонско царство чија престолнина била токму во Охрид. Во Охрид по многу основи доаѓале светски познати личности, научници, уметници, доктори. Сите биле добредојдени и го пронашле она што го барале и заминуваат со многу инспиративни спомени кои ги терале повторно да се вратат и да ги почувствуваат убавините, духот и спокојот на овој древен град. Верувам дека дел од нив ќе бидете и вие. Дотогаш посветете се на учењето, вложувајте труд за да ги достигнете највисоките хоризонти. Само со учење ќе обезбедите најдобро место во општеството, односно она што вие го посакувате- рече градоначалникот Пецаков. Гостите од неколку европски земји кои се дел од проектот во градов ќе останат пет дена и одблиску ќе се запознаат со неговите убавини, култура и традиции. ООУ „Ванчо Николески“ од с. Лескоец и претходно беше дел од ЕРАЗМУС проекти. Преку програмата „Стратешки партнерства за училишна размена се реализираше проектот „Бришење бариери преку споделувања богатства“, а претходно се реализираше проектот „Чиста природа – долг живот“.
