ДЕЛЕГАЦИЈА ОД ЈАПОНИЈА ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА ОХРИД
Јапонска делегација од владини претставници и од компанијата „Маезава“ која што се занимава со производство и изградба на прочистителни станици за отпадни води денес беше во посета на Општина Охрид. На работниот состанок со градоначалникот Кирил Пецаков се разговараше за деталите и капацитетот на прочистителните станици што тие ги нудат, а беше презентиран и „Biwa lake“ моделот со којшто се прави баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина. Градоначалникот Пецаков ги информира гостите дека постојниот систем за заштита на Охридското езеро завршува во с. Пештани. Отпадните води од с. Трпејца, не е оптимално да се транспортираат до овој колекторски систем. Општината Охрид презема активности за решавање на проблемот со зафаќање на отпадните води од секо домаќинство, нивен транспорт до идна локална пречистителна станица каде ќе се врши нивно пречистување и така пречистени ќе се испуштаат во Охридското Езеро. На средбата беше посочено дека општината има изработено Основен проект за канализациски систем и пречистителна станица за отпадни води во с. Трпејца кој проект е завршен. Според него се предвидува изградба на Комплетно автоматизирана пречистителна станица со два режими на работа – летен и зимски со максимален капацитет од 124 m3/d во лето и 45 m3/d во зима со најсовремена SBR технологија за прочитување. Вкупно количини на отпадни води е 124 m3/d. Вкупна должина на канализациона мрежа е 2,325 m. Гостите од Јапонија беа информирани дека државното јавно претпријатие “Колекторски систем“ ги превзеде обврските за одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем.
РАНГ ЛИСТА ЗА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ПО ВТОР ЈАВЕН ПОВИК НА ОПШТИНА ОХРИД
Резултати од евалуацијата на предлог проекти од граѓански организации добиени на јавниот повик во рамките на ReLOaD2 проектот кој беше отворен од 04.11.2022 до 02.12.2022 година [vc_row][vc_column][vc_message message_box_color=”orange”]РАНГ ЛИСТА ЗА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ПО ВТОР ЈАВЕН ПОВИК НА ОПШТИНА ОХРИД [/vc_message][/vc_column][/vc_row]
ФИНАЛИЗИРАН ПРОЕКТОТ „МАПИРАЊЕ И УПРАВУВАЊЕ СО ТРСКАТА ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО“
Со завршниот настан кој се одржа минатата седмица, Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина ‐ Регионален зелен центар Охрид успешно го финализираше проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“. На настанот беа сумирани и презентирани постигнатите резултати како и сите реализирани активности. Во рамки на настанот се одржа и промоција на документарниот филм за трската во Охридското Езеро, изработен во рамки на овој проект. Тимот на РЗЦ Охрид упати огромна благодарност кон сите кои што на било каков начин дале придонес и биле вклучени во проектот, со надеж дека ваквите иницијативи ќе бидат побројни и во иднина. Проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“ се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
ПРЕЗЕНТИРАНИ ПРАВИЛНИКОТ И КАТАЛОГОТ ЗА СТАНДАРДИЗАЦИЈА И ВИЗУЕЛНА УНИФИКАЦИЈА НА УРБАНАТА ОПРЕМА ВО СТАРИОТ ДЕЛ НА ОХРИД
Денеска во Општина Охрид се одржа презентација на Правилникот и каталогот за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема на локациите кои беа опфатени со Анализата на визуелното оптеретување на градот Охрид. На презентацијата присуствуваа сопственици на угостителски објекти, занаетчии, сместувачки капацитети, трговци, туристички работници и останати субјекти кои ја обавуваат својата дејност во стариот дел на градот и охридската чаршија. Со Правилникот и каталогот за стандардизација и визуелна унификација на локациите се пропишуваат видот, типот, категориите и карактеристиките на стандардизирана и визуелно унифицирана урбана текстура, урбан мобилијар и утилитарни објекти. Во документот се определени типолошките серии на опрема, материјали за изработка, начин на поставување и дизајн со карактеристики на обликувана унификација на урбана опрема за јавни површини на територијата на градот Охрид. Просторниот опфат на примена на овој правилник се однесува на територијата која беше опфатена со Анализата и елаборатот за визуелно оптеретување на градот Охрид од 2019/2020 година: Плоштадот пред црквата „Св.Софија“, ул.„Коста Абраш“ и „Цар Самоил“, Плоштадот „Св.Климент Охридски“, Чаршијата долж ул. „Св Климент Охридски“, Плоштадот „Крушевска Република“, продолжението до булевар „Туристичка“ и дел од чаршијата до пресекот со ул. „Гоце Делчев“. Правилникот и каталогот за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема на локациите е усвоен од страна на Советот на Општина Охрид и е објавен во Службен гласник на Општина Охрид број 13 од 2022 година (стр. 389). Правилникот и каталогот се подготвени и се усвоени врз основа на одредбите од Законот за градење, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за заштита на културно наследство, Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. [vc_row][vc_column][vc_message message_box_color=”sandy_brown”]ПРАВИЛНИК ЗА СТАНДАРДИЗАЦИЈА И ВИЗУЕЛНА УНИФИКАЦИЈА НА ЛОКАЦИИТЕ ОПФАТЕНИ СО АНАЛИЗАТА НА ВИЗУЕЛНОТО ОПТЕРЕТУВАЊЕ НА ГРАДОТ ОХРИД[/vc_message][vc_message message_box_color=”orange”]АНАЛИЗА И ВИЗУЕЛНО ОПТЕРЕТУВАЊЕ НА ГРАДОТ I[/vc_message][vc_message message_box_color=”orange”]АНАЛИЗА И ВИЗУЕЛНО ОПТЕРЕТУВАЊЕ НА ГРАДОТ II[/vc_message][/vc_column][/vc_row]
ОБЈАВЕН ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ ЗА ЗНАЧЕЊЕТО НА ТРСКАТА ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО
Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина „Регионален зелен центар “ Охрид го објави документарниот филм за значењето на трската во Охридското Езеро. Оваа активност е дел од проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“. Документарниот филм претставува збир на постигнатото од секоја фаза на проектот, односно неговата содржина се конципира со помош на статистичките податоци добиени од спроведените теренски истражувања. Се работи за краток филм кој ги прикажува убавините и значењето на трската за биодиверзитетот, потребата од нејзина соодветна заштита, како и моменталната состојба на појасот на трска во Охридското Езеро. Докумантарниот филм е објавен на социјалните мрежи на здружението и на Youtube платформата, а во скоро време треба да се емитува и на ТВ. Исто така, овој филм заедно со кратките информативно- едукативни видеа ќе се користи како материјал кој ќе се презентира во сите основни училишта во Општина Охрид. Проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“ се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
ИНФО СЕСИЈА „СО ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА ДО ИНОВАЦИЈА“ ВО КАСАРНА ХАБ
Во четврток на 26-ти јануари 2023 година со почеток во 11 часот во Старт-ап центарот Касарна Хаб во Охрид ќе се организира информативен настан за предизвикот „Со дигитална трансформација до иновација“. Настанот се организира со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој и Швајцарската агенција за развој SDC, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост. Во рамки на двочасовната агенда предвидена е презентација на основните услови и процедури за доделување на средства во рамки на јавниот повик „Со дигитална трансформација до иновација“, а ќе бидат презентирани и реални примери за дигитализација и дигитална трансформација.
РЕАЛИЗИРАН ПРОЕКТОТ – ОБРАЗОВЕН ДОДАТОК ЗА СТУДЕНТИ
Општина Охрид, во врска со својата надлежност за социјална заштита за академската 2022/2023 година, за првпат, додели еднократен паричен надоместок – образовен додаток за студенти кои студираат надвор од општина Охрид и потекнуваат од семејства со социјален ризик а се со место на живеење во општина Охрид. Право на паричен надоместок – образовен додаток имаа студентите кои ги исполнуваа следните: Општи услови: – да се жители на Општина Охрид; – да се редовни студенти, запишани во тековната година на универзитетите во РМ (со одалеченост од најмалку 70 км од општина Охрид); – да не повторувале година во текот на своето образование; – да не е корисник на стипендија или кредит од друга инситуција или компанија; Напомена: неисполнувањето на сите општи услови заедно е основ за одбивање на пријавата. Посебни услови: – студентот потекнува од многудетно семејство (во семјството има три или повеќе деца); – потекнува од еднородителско семејство (предност ќе имаат студентите чиј што еден родител е починат); – студентот е дете без родители; – студентот потекнува од семејство со вкупни примања на родителите до износот на минимална плата (18.000 денари во нето износ); – потекнува од семејство во кое и двајцата родители примаат минимална плата; – потекнува од семејство приматели на еднократна или постојана парична помош (гарантирана минимална помош за работно неспособни лица) – студентот од прва линија во семејството има лице со посебни потреби или ретки болести; Напомена: Може да аплицира студент кој исполнува барем еден од посебните услови, но предност ќе имаат студентите кои исполнуваат два или повеќе од горенаведените посебни услови. Врз основа на овие критериуми беше објавен јавен повик согласно кој овој надоместок е доделен на вкупно 44 студенти кои ги исполнуваат условите за што е исплатена сума од 264.000,00 денари, средства предвидени во рамките на програмата за социјална и здравствена заштита на општина Охрид (Т1).
ЈАВЕН ПОВИК ЗА ИЗРАЗУВАЊЕ ИНТЕРЕС ЗА УЧЕСТВО НА ПРЕТСТАВНИК ОД ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ КАКО НАБЉУДУВАЧ ВО КОМИСИЈАТА ЗА ЕВАЛУАЦИЈА НА ПРЕДЛОГ ПРОЕКТИ ВО РАМКИТЕ НА ReLOaD 2 ПРОЕКТОТ ВО ОПШТИНА ОХРИД
Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2) е продолжение на првата фаза од проектот која се спроведе во периодот (2017-2020). Проектот е финансиран од Европската унија (ЕУ) а се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Основна цела на ReLOaD2 е јакнење на партнерствата меѓу општинските власти и граѓанското општество преку транспарентно финансирање на проекти на граѓански организации од општинските буџети со цел поголемо граѓанско учество и учество на младите во носењето одлуки и подобрена испорака на услуги за граѓаните на општина Охрид. Проектот ReLOaD 2 работи со осум партнерски општини: Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Крива Паланка, Кочани, Куманово и Охрид на усвојување на транспарентен пристап за финансирање на проекти на граѓанските организации, со кој ќе се поттикне поголема граѓанска вклученост и вклученост на младите во процесот на донесување одлуки и ќе се подобрат услугите што се обезбедуваат на локално ниво. Општина Охрид објави јавен повик во рамките на ReLOaD 2 проектот за предлог проекти од граѓанските организации. Повикот е објавен на 24.11.2022 и ќе трае до 15.12.2022, при што евалуацијата на пристигнатите предлог проекти е планирана да се одржи на крајот на декември 2022 година односно почеток на јануари 2023 година. За да се обезбеди транспарентен и отворен процес на селекција на предлог проектите од граѓанските организации за доделување на грант во рамките на ReLOaD 2 проектот, општина Охрид во соработка со УНДП објавува Јавен повик за изразување интерес за учество на претставник од граѓанските организации како набљудувач во Комисијата за евалуација на предлог проектите поднесени од граѓанските организации во рамките јавниот повик кој е објавен во општина Охрид. Претставникот на граѓанските организации во Комисијата за евалуација ќе ги има следниве должности и обврски: ќе биде набљудувач во Комисијата за евалуација без право на глас; ќе потпише изјава за доверливост и непристрасност и нема да споделува никакви информации околу процесот на евалуација; ќе биде присутен за целото времетраење на евалуацијата од почеток до крај; во случај на неможност да присуствува, на местото на претставникот на граѓанските организации ќе дојде заменик, при што заменикот ќе ја преземе улогата на набљудувач – претставник на граѓанските организации; ќе го потпише извештајот на Комисијата за евалуација, кој ќе ги резимира наодите од евалуацијата на предлог проектите. Кандидатот за набљудувач во Комисијата за евалуација мора да биде член и/или постојано вработено лице во граѓанска организација што е законски основана согласно со Законот за асоцијации и фондации. Пожелно е кандидатот да има: претходно искуство и вештини за спроведување на евалуација на предлог проекти од граѓански организации. Искуство со грантови доделени од ЕУ ќе се смета за предност; искуство во подготвување и/или имплементација на проекти финансирани од јавни средства; Кандидатите мора да ги достават следниве документи по електронски пат на mladi.nevladini@ohrid.gov.mk : писмо за искажување интерес со куса биографија – со кое ќе се искаже интерес за учество во Комисијата за евалуација како набљудувач (писмото не треба да е подолго од една страница) Изјава на овластеното лице на граѓанската организација, со која се овластува кандидатот да ја претставува таа граѓанска организација во Комисијата за евалуација. Претставникот на граѓанските организации ќе работи на доброволна основа/без финансиски надомест. Проектот ќе ги надомести основните трошоци, како што се патните трошоци и лесен оброк. Граѓанската организација во која избраниот кандидат е член и/или постојано вработен НЕ МОЖЕ да аплицира (ниту како носител ниту како партнер на носителот) на јавниот повик за поднесување на предлог проекти во рамките на ReLOaD 2 проектот во општинa Охрид. Крајниот рок за поднесување на апликациите е 15.12.2022 до 15:00 часот. Доколку Ви се потребни дополнителни информации, Ве молиме обратете се кај Александра Белевска Танеска и Александар Митрески mladi.nevladini@ohrid.gov.mk).
ПРОМОВИРАН ВИРТУЕЛНИОТ ПАМЕТЕН СПОМЕНИК НА ГРИГОР ПРЛИЧЕВ
Синоќа беше промовиравме дигиталниот паметен споменик кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на Охрид. Воскреснувањето на Григор Прличев преку користење на најновите технологии овозможува да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер. Иновативниот систем е изработен од страна на компанијата Сефиданис, која неодамна потпиша меморандум за стратешка соработка со Општина Охрид. Решението, покрај останатото, вклучува и технологија за препознавање на говор на македонскиот јазик, како и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, синхронизиран со говор кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот. За виртуелниот модел на ликот беа користени оригинални фотографии, автентични скулптури со примена на напредни методи на машинска интелигенција за дигитална фотограметрија. Дигиталниот споменик ќе биде достапен за комуникација во текот на целиот ден и ноќта, лето и зима на плоштадот на уметноста Долна Порта. Дигиталното културно наследство претставува посебна научна дисциплина која се наоѓа на пресекот помеѓу компјутерските технологии и хуманистичките науки. Охрид, како град на УНЕСКО, има потреба од новите технологии кои овозможуваат дигитализација и трајна конзервација на културното наследство, во физичкиот и во метаверзумот. Ваквите иновации ја поттикнуваат промоцијата на градот и државата, со тоа што ќе понудат туристичко искуство кое не може да се најде на друго место. [vc_row][vc_column][vc_gallery interval=”3″ images=”23625,23626,23627,23628,23629,23630″ img_size=”large” css_animation=”fadeIn”][/vc_column][/vc_row][vc_row][vc_column][vc_column_text] [/vc_column_text][/vc_column][/vc_row]
МЕМОРАНДУМ ЗА СТРАТЕШКА СОРАБОТКА НА ОПШТИНА ОХРИД И ДРУШТВОТО ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ „СЕФИДАНИС“
Градоначалникот Кирил Пецаков и проф.д -р Анис Сефиданоски денеска во просториите на касарна Хаб што ја опреми Општина Охрид преку проектот „Ohrid Gо“ ,потпишаа меморандум за стратешка соработка. Со тоа Локалната самоуправа и Друштвото за истражување и развој „СЕФИДАНИС“ ДООЕЛ – Охрид се обврзаа дека ќе работат на афирмација и поддршка на економскиот развој, креирање на услови за развој на паметни и зелени технологии, создавање на услови за развој и унапредување на претприемништвото и создавање на кадар. Заеднички ќе се настапува ѝ при подготовка и спроведување на активности и проекти пред македонските и меѓународните институции. Потписниците се обврзаа дека заеднички ќе делуваат и меѓусебно соработуваат преку размена на искуства и најдобри практики, како и учество во настани и активности од заеднички интерес. Подготовка, развивање и учество во заеднички проекти и истражувачки активности како и организирање обуки, советувања и други настани за развивање и промоција на општествената одговорност. – На оваа соработка гледам со радост затоа што истата нуди многу можности. Капацитетите на професорот Анис Сефиданоски за општината и за мене како градоначалник се добро познати. Сум имал можност да ги видам сите оние работи на кои што работи и ги развива своите умствени капацитети. Се надевам дека од оваа соработка ќе произлезат многу проекти и работи коишто како општина можеме да ги користиме, а благодетите покрај охриѓани ќе ги користат и туристите кои го посетуваат градот. Се надевам дека наскоро ќе ги видиме и првите плодови по потпишување на меморандумот за соработка – рече градоначалникот Кирил Пецаков. – Денес се наоѓаме во предвечерието на четвртата индустриска револуција каде што новите технологии како што се вештачката интелигенција, виртуелната реалност, роботиката ќе го трансформираат секој сегмент од животот, најмалку онолку колку што тоа го направи електричната енергија. Иднината која ни претстои е возбудлива. Ајти секторот е прв повикан да одговори на ризиците и предизвиците од дигиталната ера. Затоа соработката со Касарна Хаб и сите „актери“ кои се вклучени во неа почнувајќи од градоначалникот, а потоа експертизата е повеќе од важна– истакна проф. д-р Анис Сефиданоски од Друштвото за истражување и развој „СЕФИДАНИС“- Охрид Заедничките активности и проекти ќе се реализираат на иницијатива и покана на една од страните потписнички на Меморандумот и секоја поединечна активност, доколку тоа е потребно ќе биде регулирана со посебни договори. Овој Меморандум не ги ограничува или строго утврдува начинот и видовите на соработка, туку ја насочува сферата на заеднички интерес која е во согласност со нивната мисија и визии. Страните потписнички се согласуваат на редовна меѓусебна размена на литература и други корисни материјали, со цел да им се овозможи на членовите слободен пристап до корисни информации поврзани со целеите на овој меморандум. Просториите на Касарна Хаб ќе бидат ставени на располагање за користење на Друштво за истражување и развој СЕФИДАНИС Дооел Охрид со цел остварување на претходно наведените цели согласно овој Меморандум. Друштво за истражување и развој СЕФИДАНИС Дооел Охрид се обврзува истите да ги користи уредно и домаќински, и во насока на реализирање на целите од овој Меморандум. Просториите на Касарната Хаб што ги опреми и уреди Општина Охрид ќе бидат наменети и за наредни соработки со правни субјекти кои обезбедуваат поголем економски развој на Охрид.
