Ohrid.gov.mk

НА ОТВОРЕНИОТ БАЗЕН ЗАПОЧНА ЛЕТНОТО ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ВО ПЛИВАЊЕ

По пауза од две децении, Охрид повторно е домаќина на пливачки натпревар. Вчера на СРЦ “Билјанини извори“ започна Летното државно првенство во пливање, во организација на Пливачката федерација на Македонија и Пливачкиот Клуб “Акваспирит“ од Охрид, а под покровителство на Општина Охрид. Во името на градот домаќин, пред присутните пливачи и гости  се обрати градоначалникот Кирил Пецаков. – Искрено сум возбуден што можеме да присуствуваме на првенство во пливање во Охрид, кој покрај сите епитети кои ги заслужува, сеуште како ехо на минатото го носи и епитетот како пливачки град. Дозволете ми да ги упатам најискрените честитки на организаторите, на сите помагатели и вљубеници во пливањето, а посебна благодарност до компанијата КОСТАЛ за несебичната донација за овој спортски настан. Јас како некогашен ракометар, знам што значеше да се има соодветна спортска сала и уште повеќе ми е јасно, што значи за пливачите да имаат свој затворен базен. Но, состојбата е таква што ние се уште сме во очекување тој да биде конечно целосно завршен. И во такви услови, локалната самоуправа со искрената посветеност кон спортот, се потруди да овозможи оптимални услови за одржување на првенството. Почитувани присутни, ве уверувам дека во моментот кога Охрид конечно ќе го добие толку посакуваниот затворен базен, нашиот град повторно ќе изнедри врвни пливачи, идни олимпијци, а Охрид за секогаш ќе стане симбол на македонското пливање – истакна во своето обраќање Пецаков. На првенството ќе земат учество 300 пливачи од 17 клубови од Скопје, Охрид, Штип, Куманово и Битола.Првенството е поделено во 22 дисциплини, во пет категории, во машка и женска конкуренција.          

ЗАПОЧНУВА СО РАБОТА ГРАДСКИОТ БАЗЕН „АТИНА БОЈАЏИ“

Од денес започнува со работа Градскиот базен „Атина Бојаџи“, на кој неодамна се изврши реконструкција. На пригодната свеченост свои обраќања пред приустните имаа градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и директорот на ЈП „Блијанини Извори“ , Теодор Андоноски. – Навистина е неописливо чувството повторно да се слушне детски џагор на Градскиот базен „Атина Бојаџи“. Денеска сме овде присутни да го означиме почетокот на функционирањето на градскиот базен, каде охридските пливачки школи ќе одржуваат часови за најмладите. До овој момент пријавени се околу 300 деца, од кои едни ќе се учат да пливаат, додека други ќе ги усовршуваат пливачките техники. Како Локална самоуправа успеавме за кратко време да го санираме базените, односно да се обојат коритата на олимпискиот и детскиот базен. Реконструкцијата на базенот е инвестиција на Општина Охрид и ЈП „Билјанини извори“, следната година ќе има дополнителни инвестиции во уредувањето на просторот околу базенот. Уредени се и трибините кои беа во распаѓање. Сето ова се прави првенствено за пливачките школи да може да тренираат бидејќи пливањето е еден од најдобрите спотови за развој на нашите деца. Охрид порано бил расадник на млади и успешни пливачи, а нашата цел е тоа да се возобнови. За прв пат Охрид после 20 години ќе биде домаќин на Државно првенство во пливање на кое покровител е Општина Охрид. Од 15 до 18 јули ќе се организира првенство на кое ќе настапат најдобрите пливачи од Македонија, за сите генерации. На тоа првенство ќе можат да остваруваат резултати кои во иднина ќе може да ги користат за добивање стипендии и тајминзи за настапи на европски и светски првенства. Во јули отворениот базен „Атина Бојаџи“ ќе биде домаќин и на Меѓународен митинг на кој ќе настапат пливачи од Србија, Бугарија и Македонија, во организација на Пливачкиот клуб „Аква спирит“, рече градоначалникот Пецаков. На крај од своето обраќање, градоночалникот испрати порака до пливачите. – За крај, како долгогодишен спортист, сакам да испратам една порака до сите оние кои денес за прв пат ќе се сретнат со пливањето, но и до оние поискусните. „Никогаш, ама никогаш немојте да се плашите да изгубите. Единствен начин да докажете дека сте добри во спортот е да изгубите и со кренати глави да го поднесете поразот. Бидејќи тоа ќе ви укаже каде грешите и каде треба да се подобрите. Надградувајте се постепено и успехот ќе биде неизбежен“, заврши градоначалникот. Директорот на ЈП „Билјанини извори“ , изрази благодарност до Локалната самоуправа и градоначалникот што пронајдоа можност за краток временски период да се изврши неопходната реконструкција на градскиот базен и им посака успешно фунцкионирање на пливачките школи.          

МЕЃУНАРОДЕН ТАЕКВОНДО ИТФ НАТПРЕВАР “ОХРИД ОПЕН 2022”

Вкупно 210 натпреварувачи од 8 држави, се дел од Маѓународниот таеквондо ИТФ натпревар “Охрид Опен 2022” кој започна денеска во  спортската сала “Билјанини извори”   На свеченото отворање на натпреварот, во името на Локалната самоуправа поздравно обраќање имаше советникот во Советот на Општина Охрид, Горан Маркоски.   – Посакувам оваа манифестација да стане дел од една нова спортска традиција во нашиот град и да придонесе за негова промоција како современ спортски центар.     Горди сме што Охрид може да се пофали истакнати имиња кои имаат остварено одлични резултати во оваа боречка дисциплина, а на наша голема радост, во подем се и нови генерации на успешни таеквондисти, од кои во иднина очекуваме уште поголеми успеси.   Упатувам искрени честитки и признание до организаторите кои и оваа година се потрудија да овозможат високо ниво на организација на овој натпревар, кој се вбројува во еден од најатрактивните таеквондо настани во регионот.    Со својот спортски дух и упорност, спортистите победуваат и освојуваат награди, а ние сме тука да ги бодриме и да ги мотивираме за уште поголеми достигнувања. Локалната самоуправа секогаш ќе биде на страната на спортот и ќе ја поддржи организацијата на вакви спортски случувања.   Ви посакувам успешен натпревар и одлични резултати, а до сите гости упатувам покана да го искористат својот престој тука, за уживање во природните и културните убавини на Охрид, истакна Маркоски во своето обраќање.   Организатор на меѓународниот натпревар е таеквондо клубот „ХВА РАНГ ИТФ“ од Лескоец, со поддршка на Општина Охрид и други спонзори.            

ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ЕДРЕЊЕТО И ЗАШТИТА НА ЕЗЕРОТО

Во пресрет на утрешното одбележување на Денот на езерото, денес во Општина Охрид, во организација на Едриличарската федерација на Македонија и амбасадата на ЕУ, под мотото “Запознај го едрењето, заштити го езерото“, се одржа панел дискусија на која присуствуваа повеќе претставници од институциите и невладини организации. Претседателот на Едриличарската федерација на Македонија, Будимир Соколовиќ, во своето излагање ја истакна атрактивноста на едрењето и минималното влијание врз езерото и живиот свет, истакнувајќи дека Охрид во иднина треба да се стреми кон наутички туризам. Моторот се едрата, а ветерот е погонот на едрилицата, рече Соколовиќ, потенцирајќи дека нема поеколошка активност на езерото и негова заштита, од пловење со едрилица. На панел дискусисијата свое излагање имаше и незвисниот експерт за заштитени подрачја Даниел Богнер, кој ја истакна потребата од итна институционална сеопфатна заштита на езерото, со план за одржливо користење на неговите ресурси, при тоа незанемарувајќи ја потребата од економски развој и просперитет на целиот регион. Градоначалникот Кирил Пецаков ја поздрави иницијативата на Едриличарската федерација и истакна дека пред локалната самоуправа стојат низа предизвици во однос на заштитата на езерото. Тука пред се мислам на Планот за управување со Охридското крајбрежје, што треба да го изработи Министерството за транспорт и врски, во кој ќе се дефинираат многу сегменти за ползување на крајбрежјето, вклучувајќи ја и изградбата на толку потребната Марина за пловните објекти. Се разбира ни треба нова,  издржана, вистинска стратегија за туризам, во која ќе се дефинира правецот во кој ќе се движи Охрид во иднина – истакна во својата дискусија Пецаков, во која ја спомна и законската можност во иднина сите пловни објекти да бидат електрифицирани. Директорката на Хидробиолошкиот завод, д-р Орхидеја Тасеска, ја поздрави иницијативата и како што рече од научен аспект, секоја активност на езерото која има минимално влијание врз флората и фауаната вреди да се поддржи. Во таа насока, едрењето со сигурност е актовност со најбенигна форма врз  живиот свет во езерото. Во дискусијата учестувуваа и претставници на повеќе невладини институции, искажувајќи ја својата загриженост за состојбата на езерото, барајќи што поскоро квалитетни законски решенија за негова заштита. Дискусијата заврши со покана од претседателот на Едриличарската федерација Будимир Соколовиќ, утре сите да се приклучат на малата едриличарска регата, која е дел од програмата за одбележување на Денот на езерото.            

ЗАПОЧНА ДА ФУНКЦИОНИРА НОВИОТ ВЕСЛАЧКИ КЛУБ „ГОРИЦА РЕМО“

На овогодинешниот јубилеј, 90 години од почетокот на веслачките спортови на Охридското Езеро, започна да функционира новиот веслачки клуб „Горица Ремо“. За непречено функционирање на клубот Општина Охрид посредуваше во обезбедување на донација од веслачка опрема, од страна на швајцарскиот клуб „Сееклуб“ Биел, во вредност од околу 20.000 евра. Опремата беше презентирана денеска на пригоден настан, во присуство на членовите на клубот, претставници на донаторот и градоначалникот Кирил Пецаков. На презентацијата од страна на клубот беа врачени плакети за благодарност на сите оние кои дале свој придонес во активностите за возобновуање на веслачките спортови во Охрид. Веслачката опрема се состои од веслачки скул двоец, два веслачки скул четверец, два веслачки скифа, веслачки чамец четверец, како и весла и додатна опрема. Со новиот веслачки клуб, по пауза од нешто повеќе од шест години продолжува да функционира веслачка школа во Охрид.              

СЕ РЕКОНСТРУИРА ГРАДСКИОТ БАЗЕН „АТИНА БОЈАЏИ“

Деновиве, започна реконструкција на Градскиот базен „Атина Бојаџи“. Согласно проектот се изврши расчистување и уредување на целиот простор на Градскиот базен. Со проектот предвидено е да се изврши подготовка, односно пескарење на површините пред нанесување на заштитна обвивка. Понатака следува премачквање со специјализирана боја за оваа намена во два слоја. Трибините кај големиот базен кои се уништени ќе бидат санирани и оспособени за користење. Просторот околу малиот и големиот базен дополнително ќе биде хортикултурно уреден, а ќе бидат поставени и клупи и чадори. Во наредниот период продолжува инвестирањето во спортската инфраструктура во СРЦ „Билјанини извори“.            

ШЕСТО ИЗДАНИЕ НА СПОРТСКАТА МАНИФЕСТАЦИЈА „ОХРИД ТРЧАТ“

Врвни атлетичари, спортисти и рекреативци од 18 држави ќе бидат дел од шестото издание на спортската манифестација „Охрид Трчат”, која од утре до недела ќе се одржува во Охрид. Организатор на атлетскиот викенд е клубот „Охрид ТрчаТ“ со поддршка на Општина Охрид и неколку општествено одговорни компании. Градоначалникот Кирил Пецаков смета дека „Охрид Трчат“ е еден од неколкуте препознатливи настани со кои може да се пофалиме и кои гордо ги претставуваме пред светот. -Бројката од над 1300 пријавени учесници од 18 држави, кои викендов ќе трчаат во Охрид ја поставува оваа манифестација високо на листата од врвните спортски настани, не само во нашата држава, туку и во поширокиот регион. Убеден сум дека и овогодинешното издание на „Охрид Трчат” ќе биде уште еден вистински спортски спектакл, кој ќе испрати силна порака за поголема афирмација на трчањето и здравите спортски навики, рече Пецаков. Тој истакна дека прецизната и беспрекорна организација на веќе искусниот тим кои стои позади идејата и концептот на настанот и оваа година е поддржана и помогната од Општина Охрид. -Се надевам дека оваа спортска приказна ќе стане традиционална и дека ќе има уште многу успешни изданија во иднина. Јас како Градоначалник ќе бидам секогаш подготвен за соработка и за поддршка на вакви настани, кои се одржуваат надвор од шпицот на летната сезона и настани кои можат да дадат придонес за поголема промоција на Охрид како туристичка дестинација. На сите професионални атлетичари, спортисти и рекреативци од нашата држава и од регионот кои ќе бидат учесници на трките им посакувам да имаат исклучително спортско доживување кое долго ќе го паметат, рече Пецаков. Тој упати покана до сите љубители на спортот овој викенд да го посетат Охрид и да бидат дел од публиката. Од страна на организаторите на „Охрид Трчат”, денеска на градоначалникот Пецаков му беше доделен неговиот учеснички број на трката од 5 километри. Официјалната програма започнува со Ноќната трка која ќе се одржи утревечер со почеток во 21 часот. Главните трки на 5 и 21 километар ќе се одржат во недела на 5-ти јуни. Трката на 21 километар е наменета за активните рекреативци и професионални атлетичари, а трката на 5 километри претставува рекреативна трка која е наменета за сите возрасти. Како дел од програмата од охридскиот атлетски викенд, во сабота е предвидена организација на Панел дискусија на тема „Детска атлетика“. Исто така, во рамки на програмата се предвидени и бројни социјални и забавни активности како и богата музичка програма. За време на трките ќе биде организиран посебен сообраќаен режим кој е прилагоден на времениот сообраќаен режим кој е активен во централното градско подрачје. Ораганизаторите упатуваат апел до жителите и туристите  за разбирање и поддршка на настанот.                

ОХРИД ДОМАЌИН НА НАТПРЕВАР ВО СПОРТСКО ЕДРЕЊЕ

Во организација на едриличарскиот клуб „Меч Рејс“ од Охрид, а со поддршка на Општина Охрид, Едриличарска Федерација на Македонија и Агенција за млади и спорт, од 28-ми до 29-ти Мај беше одржана првата етапа од третиот по ред Меч Рејс Куп – Охрид 2022. Се натпреваруваа четири тимови од 3 клубови: „Нов Ветер“ од Скопје, „Акватика Јахтинг“ и „Меч Рејс“ од Охрид. Победник на првата етапа е тимот од „Акватика Јахтинг“, во состав Стефан Ставрев, Марко Пројчески и Евгенија Огненова. Со оваа победа, тие обезбедија  учество на финалето на овогодинешниот Меч Рејс Куп, кое ќе се одржи во октомври 2022 година и ќе има меѓународен карактер.  “Match Race” е дисциплина во спортско едрење, во која меѓусебно се натпреваруваат повеќе тимови во две идентични едрилици. Тоа е еден-на-еден дуел, во кој секој тим има своја стратегија и тактика за остварување на крајната цел, први да ја поминат целната линија. Целта на овој настан е подигнување на имиџот на едрењето, односно  едрењето да се претстави како врвен професионален спорт и да се промовира можноста за развој на спортскиот туризам во Охрид и на Охридското Езеро, една од гранките во туризмот со огромен потенцијал за развој.       

ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ

Со низа настани, денес, се одбележа Меѓународниот дена на физичката активност. Ученици од сите општински основни и средни училишта учествуваа во одбележувањето. Градоначалникот ги поздрави присутните и организаторите, потенцирајќи ја неопходноста од секојдневата физичка активност. – Уште од античко време е позната максимата „Во здраво тело, здрав дух“, што ја отсликува посакуваната оптимална здравствена состојба на секој поединеци укажува на неопходноста од сејдневната физичка активност. Токму денес на Меѓународниот ден на физичката активност, Општина Охрид и Сојузот на училишен спорт Охрид, ја организираат оваа манифестација, за да ја поттикнат физичката активност и спортот кај најмладите, но и кај повозрасните, рече градоначалникот Кирил Пецаков. За почеток присутните ученици се загреваа со аеробик, а ревијални натпревари се одгираа во футсал, баскет, пинг понг, велосипедизам, одбојка, шах. Потоа едрење и кајак во организација на ЕК „Акватика“ и КК „Стрмец“, а дел од учениците од средните училишта планинареа заедно со Жанко Голабоски и шампионот во планинско трчање Дејан Ангелоски.            

ГОЛЕМА ДЕТСКА ТРКА ВО ОХРИД

Околу 500 првооделенци од сите охридски основни училишта беа дел од големата Детската трка која се одржа денеска на стадионот „Билјанини извори“ во организација на „Охрид ТрчаТ“. Спортската манифестација чија цел е да ги промовира спортските навики кај најмладите и да ја подигне свеста за поголема физичка активност, беше поддржана од Делегацијата на ЕУ во нашата држава и од Општина Охрид. Официјалниот слоган на трката беше „Run and be GREEN“.  Трката за отворена ја прогласи градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков. – Овој прекрасен ден за мене носи тројна радост, најпрво како родител кој е тука да го бодри своето дете, како спортист кој ужива во ваква неповторлива спортска атмосфера и како градоначалник кој е неизмерно горд што неговиот град од година во година прераснува во спортски центар, што организира вакви спортски манифестации. Спортот дава мотивација и храброст и не збогатува со доблести кои се важни за развојот на една личност. Ова е еден од ретките настани кои имаат за цел да го промовираат спортот и здравите навики кај децата уште од најрана возраст, па затоа заслужува вистинско внимание и поддршка. Благодарам на посветениот тим на „Охрид ТрчаТ“, кои со многу љубов и внимание ги планираале и ги организирале сите детали, за градскиот стадион да изгледа вака како што изгледа денеска. Упатувам благодарност до Делегацијата на Европската Унија за поддршката на овој настан и до сите верни покровители. Оваа можност ја користам да го честитам Денот на Европа со единствена порака дека преку градење на здрави животни навики може да имаме здрава и напредна младина, која ќе може да го продолжи нашиот пат кон посветла иднина, во мир и толеранција. Општина Охрид и во иднина ќе продолжи да ги поддржува сите вакви проекти кои го јакнат спортскиот дух кај најмладите. Преку слоганот на овој настан испраќаме и важна порака за зачувување на животната средина, што е од особено значење за нашиот регион кој изобилува со уникатна природа која сите заедно мораме да ја заштитиме. Но денеска тука најважни сте вие драги дечиња! Денеска сите вие сте наши победници! Вашиот весел џагор е нашата сила! Ви посакувам секогаш да бидете вака радосни и насмеани! Трчајте, спортувајте, дружете се! Детството нека ви биде исполнето со среќни и незаборавни мигови, кои ќе бидат ваш мотив за многу успеси и ќе ве водат кон нови животни предизвици. Секогаш ќе ја имате мојата добра мисла и поддршка, рече градоначалникот во своето обраќање. Детската трка немаше напреварувачки караткер, а сите учесници добија приананија за своето учество. Трката е дел од организацијата на овогодинешното издание на атлетскиот викенд „Охрид ТрчаТ“ што од 3-ти до 5-ти јуни ќе се одржи во Охрид.