Ohrid.gov.mk

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ОСТВАРИ СРЕДБА СО МЛАДИОТ КАРАТИСТ НАУМ ЈАКОВЛЕВ

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денеска оствари средба со младиот каратист Наум Јаковлев, кој освои бронзен медал на 21-то Светско првенство во традиционално карате ИТКФ. Градоначалникот Пецаков упати честитки до младиот Јаковлев и неговиот матичен клуб „Фудошин“ за остварениот успех, со желби за уште поголеми спортски достигнувања. Градоначалникот потенцираше дека Локалната самоуправа секогаш ќе биде подготвена за поддршка на спортските клубови и младите спортисти кои учествуваат на врвни натпревари, бележат значајни успеси и го промовираат Охрид во светот. Овогодинешното Светско првенство во традиционално карате ИТКФ се одржуваше во Скопје од 11-ти до 13-ти ноември 2022 година, во организација на МТКФ (Македонска Традиционална Карате Федерација). На натпреварот учествуваа преку 40 држави и 450 натпреварувачи, а младиот Јаковлев освои 3-то место во младинска категорија, во дисциплината кумите. Како дел од македонската репрезентација, на светското првенство учествува уште две натпреварувачки од охридскиот карате клуб „Фудошин“, Ана Томоска во категоријата пионери и Ангелина Симиџиоска во категоријата кадети.         

СТАВЕНО ВО УПОТРЕБА СЕВЕРНОТО ФУДБАЛСКО ИГРАЛИШТЕ ВО СРЦ „БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ“

ЈП „Билјанини Извори“ со поддршка на Општина Охрид продолжува со планираните активности во насока на подобрување на условите на спортската инфраструктура со која стопанисува. Денес во присуство на градоначалникот Кирил Пецаков се стави во функција реконструираното северно фудбалско игралиште со природна трева кое долги години беше запоставено и надвор од секаква употреба на фудбалските школи и клубови. Во изминатиот период на истото се направија градежно-санациони активности, нивелација на игралиштето, аерификација, засадување на трева, дополнително заградување на игралиштето и поставување на систем за наводнување. ЈП „Билјанини Извори“ согласно планот и програмата за работа на претпријатието за 2022 година ја реализира и ова предвидена активности веруваме на задоволство на сите фудбалски школи и клубови. Ставањето во функција на северното фудбалско игралиште претставува чекор напред кон комплетно уредување на тој простор со кој стопанисува јавното претпријатие.        

ПОКАНА ЗА ЈАВНА ДЕБАТАЗА ДЕФИНИРАЊЕ ПРИОРИТЕТИ ПРЕД ОБЈАВУВАЊЕ ЈАВЕН ПОВИК ЗА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

Општина Охрид е дел од проектот “Регионална програма за локална демократија на Западен Балкан“(ReLOaD2). Учеството во проектот е потврдено со потпишување на Меморандум за разбирање со Програмата за развој на Обединетите нации(УНДП). Распределбата на јавните финансии представува сериозна задача за секоја јавна администрација или управен орган. Соодветната распределба на јавните финансии ги потврдува добрите намери на институциите за одговорно управување со јавното трошење. Целта на оваа активност е правилна распределба на буџетски средства, особено средства од општинските буџети, со цел да се овозможи покорисно и потранспарентно префрлање на средства до граѓанските организации. Методолошкиот пристап за транспарентна распределба на средства наменети за организациите на граѓанското општество е изработен заради потребата од единствени алатки кои може првенствено да ги користат општините за распределба на сопствените буџетски ресурси. Овај пристап подразбира објавување на  јавен и транспарентен повик за сите граѓански организации кои треба да поднесат предлог проекти во дадена област. Проектите потоа се отценуваат од страна на комисија и на крај се финансираат од општинскиот буџет. Транспарентниот и конкурентен процес  за избор на проектите на граѓанските организации придонесува за обезбедување подобри услуги и конкретни резултати за локалното население. Дефинирањето на приоритетите за јавниот повик представува клучна задача во овој период пред објавување на јавниот повик. Во прилог следуваат  предлог приоритети кои заедно со Вас ќе ги дефинираме на средбата. 1.Младински активизам и партиципација 1.1 Активности за спречување на врсничко насилство и реализација на активности за превенција и спречување за сите видови наскилство. 1.2 Активности за поддршка на младите во руралните средини. 1.3 Поддршка на младите, младинска партиципација и младински активизам. 1.4 Поддршка на проекти и активности за подобрување на менталното здравје кај младите. 2.Родова еднаквост, економска и социјална инклузија 2.1 Активности за зголемување на вештините и знаењата на жените и ранливите групи во руралните средини со цел подобрување на нивната економска состојба. 2.2 Поддршка на проекти и активности за развој, поттикнување и промоција на земјоделкото производство, како и активности и едукација за одгледување органско производство. 2.3 Реализација на проекти и активности за социјална инклузија на ранливите категории на граѓани, особено на лицата со попреченост  и деца со потешкотии во развојот со цел подобрување на квалитетот на живот. 2.4 Реализација на проекти и активности за заштита и поддршка на на жртви од семејно насилство. 3.Туризам, заштита на животната средина и култура 3.1 Поддршка на активности за унапредување и заштита на животната средина. 3.2 Проекти за подигнување на еколошката свест и зачувување на природното наследство и биодиверзитет. 3.3 Поддршка на проектни активности за развој и промоција на туризмот, културата и културно историското наследство во Општина Охрид. 3.4 Развој на алтернативниот и селскиот туризам како можност за подобрување на економската состојба на ранливите категории, пред се на жените и младите во руралните средини. Јавната дебата , за дефинирање приоритети ,ќе се оддржи во Понеделник(17-октомври) во Голема сала на Општина Охрид со почеток во 13 часот.        

ЗАПОЧНАА УЧИЛИШНИТЕ СПОРТСКИ ИГРИ

Со натпреварите во мал фудбал помеѓу учениците од општинските основни и средни училишта, денеска во спортскиот центар „Климент Колески“ беше означен почетокот на овогодинешните Училишни спортски игри, кои ги организира Сојузот за училишен спорт. Во името на Општина Охрид, натпреварувачите и присутните ги поздрави градоначалникот Кирил Пецаков. -Се наоѓаме пред почетокот на една важна спортска манифестација, која ќе ги обедини учениците од нашиот град во повеќе спортски дисциплини и ќе има даде можност да го развиваат натпреварувачкиот дух, фер плејот и витештвото и да уживаат во радоста на играта и дружењето. Локалната самоуправа секогаш ќе биде подготвена да ги поддржи ваквите манифестации, кои значат правилен психо-физички и социјален развој на нашите најмили – децата. Со спортската игра и натпреварувањето децата ќе имаат можност да научат како да не се возгордеат во победата, но и да не се разорачуваат во поразот. Спортот ќе ги научи дека постојаноста и посветеноста се најважни, а тие карактеристики ќе им помогнат така да се однесуваат и во сите други области од нивниот живот. Упатувам искрена благодарност до Сојузот за училишен спорт Охрид и до професорите кои ги организираат и ќе го понесат најголемиот товар за успешно одвивање на спортските игри. Верувам дека во текот на одржувањето на игрите ќе имаме можност да откриеме врвни таленти, кои во иднина ќе бидат достојни презентери на Охрид и Македонија на спортските арени, истакна градоначалникот Пецаков во своето обраќање. Училишните спортски игри се организирани во два дела, есенски и пролетен дел. Натпреварите ќе се одржуваат на неколку локации, а учениците ќе се натпреваруваат во мал фудбал, одбојка, баскет, ракомет, атлетика, пинг-понг и шах.      

ОХРИД ДОМАЌИН НА ФУДБАЛСКИ МЛАДИНСКИ ТУРНИР

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков имаше поздравно обраќање  на фудбалскиот младински турнир „Охридски фудбалски надежи“ што ќе се одржува денес и утре на големиот фудбалски терен при СРЦ  „Билјанини извори“. Настанот се одржува прв пат во организација на Општина Охрид и Сојузот на училишни спортови,  а под покровителство на градоначалникот Пецаков кој пред присутните рече: – Почитувани присутни  огромно е задоволството  да се присуствува на отворањето на првото издание на фудбалскиот младински турнир „Охридски фудбалски надежи“ што го организира Општина Охрид,  а на кој учествуваат 550  деца од генерацијата  2010- 2015. Велат дека една од најважните споредни работи на светот е спортот. Спортот има многу важна улога во активното користење на слободното време, а за многумина претставува професионална определба и животна пасија. Секој спорт е добредојден и за телото и за духот, а посебно фудбалот како спортска дисциплина е интересен за најмадите. Спортските активности во современите општествени услови представуваат интегрален дел од човековата дејност заради остварување на одредени општествени цели во областа на образованието, воспитувањето, културата, здравството, социјалната политика, одбарната и безбедноста, а во извесна мера и во афирмирањето на националните вредности. Спортот е оној кој нè обединува, кој нè прави горди и достоинствени, кој нѝ го покажува патот за здрав и квалитетен живот. Со други зборови, спортот го потикнува и доброто расположение и помага да останеме во добра работна форма. Во динамичнава денешница, каде постојано сме во трка со слободното време, сите треба да го прифатиме спортот како еден од механизмите за водење здрав живот. Затоа и заеднички треба да живееме во склад со слоганот: доброто здравје кое доаѓа од здравиот дух и  здравото тело значи здрава нација. Токму поради значењето на спортските активности за човечкото здравје и општествениот развој  Општина Охрид  и во иднина ќе организира,а јас ќе бидам покровител на вакви спортски  случувања.  На крај на овие млади фудблски таленти кои се навистина во задоволителен број им посакувам  успешни натпревари. Сите се добри, но нека победи највештиот тим. Со надеж дека  ова спортско случување ќе добие традиционален карактер и дека до година  ќе биде уште помасовно го прогласувам почетокот на младинскиот фудбалски турнир „Охридски фудбалски надежи“ 2022 –  истакна  градоначалникот Пецаков. На турнирот децата ќе настапат 36 екипи од Охрид и регоионот.            

КАРАТЕ КУП СЕ ОДРЖА ВО ОХРИД

Денес во Охрид се одржа карате куп на Македонија за кадети, јуниори и сениори до 21 година. На купот се врши селекција на репрезентацијата во категории кадети, јуниори и сениори, која што ќе ја претставува Македонија на Светското првенство кое ќе се одржи на во Октомври 2022 година во Република Турција. Исто така, сите освојувачи на медали на Купот ќе ја претставуваат Македонија на Балканското првенство во Црна Гора. На купот учество зедоа карате клубови од Македонија.        

ОХРИД ДОМАЌИН НА МЕЃУНАРОДНА ЕДРИЛИЧАРСКА РЕГАТА

Викендов во Охрид се одржува второто издание на меѓународната едриличарска регата „International Ohrid regatta“ што е во организација на  Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ од Охрид, а со поддршка на   Општина Охрид и ЕФМ.  На настанот ќе земат учество едриличари од  Е.К. „Акватика Јахтинг“ и Е.К. „Снегар“ од Македонија , клубовите Ј.К. „Палиќ“, Ј.К. „Панонија 1975“, Ј.К.„Смедерово“ од Србија, Централен Софиски Јахт Клуб од Бугарија и останати клубови од соседството.  Во има на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков на  почетокот на регатата се обрати советникот од Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.   – Дозволете  да го изразам моето задоволство  што денес сум меѓу вас на ова големо спортско случување  со кое се продолжува туристичката сезона во Охрид. Ви  блaгодарам на сите Вас  мајстори на  едриличарството, верни на стрмниот бран и налетот на ветрот што  ни подарувате вакво спортско случување кое  ги оживува нашите чувства дека летото е се уште тука и убавите сончеви денови нема да заминат.   На јужен начин, насмеани  и  силни , вешто напрегајќи ги платната  со едра и фаќајќи го „чистиот“ ветер, секогаш создавате  чувство дека сте  „ кралеви  на снежно-бела јахта“ и успеваате преку овој спорт да го поставите Охрид високо на меѓународната спортска карта. Јахтaрањето е сериозна активност, чини скапо во однос на вложување на труд и пари,  а со самото тоа што сте одлучиле да се занимавате со  него  создавате услови за развој на спортскиот туризам кај нас. Токму затоа ние како локална самоуправа секогаш ќе ги поддржуваме ваквите  случувања. Почитувани учесници од Македонија, Србија, Бугарија имајте успешни натпреварувачки денови. Сите вие сте добри „акробати на вода“ но нека победи највештиот од вас.   Драги мои. Вас ви  треба езерото како воздухот, како можност за вистински живот, а вие ни требате нас, затоа што вие сте двигатели на вака убави спортски настани кои и во иднина ќе ги поддржуваме. Ви посакувам успешни спортски  денови со желба до година да бидете побројни– рече Божиноски.            

НЕДЕЛА НА СПОРТОТ ВО ООУ „БРАТСТВО ЕДИНСТВО“ ЛЕСКАЈЦА

Во рамки на Европската недела на спортот, денес, во ООУ „Братско единство“ Лескајца, се организираа спортско – рекреативни активности. Целта на Европската недела на спортот е обезбедување можности за сите деца да бидат активни преку спортски игри.          

ОПШТИНА ОХРИД СЕ ВКЛУЧИ ВО ЕВОПСКАТА НЕДЕЛА НА СПОРТОТ

Општина Охрид активно се вклучи во одбележувањето на Европската недела на спортот. Фокусот е даден на обезбедување можности за сите да бидат активни преку спортско – рекреативни активности. Одбележувањето започна во ООУ „Св. Климент Охридски“ преку организирање  на спортско –рекреативни активности. Во наредните денови вакви активности ќе се организираат и во другите училишта.        

ОПШТИНА ОХРИД СО БРОЈНИ АКТИВНОСТИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ПОЛОЖБАТА НА МЛАДИТЕ

Градоначалникот Кирил Пецаков денес во својот  кабинет   оствари работна средба со  Претседателката на Клубот за младински прашања и политики  при Собранието на Република Македонија, пратеничката Моника Зајкова и со претставници од Институтот за добро управување и евроатлански перспективи (ИДУЕП). На состанокот се разговараше за можностите  да  се преземат конкретни   активности за зајакнување на соработката помеѓу  Собранието и Општина Охрид , со вклученост  на граѓанскиот сектор, а првенствено во интерес на подобрување на положбата на младите луѓе во општествените текови , како и процесот на дигитална трансформација кој е од интерес на сите граѓани.  Заеднички беше истакнато дека Општина Охрид е една од ретките на територијата на државава  во која веќе функционира  општинскиот  Совет на млади, а наскоро се очекува да профункционира  Центарот на млади кој ќe биде сместен во  просториите на ХАБ касарната во Охрид. По работната средба во Кабинетот градоначалникот и претставниците од Клубот за младински прашања и политики   при Македонското Собрание и од ИДЕУЕП имаа работна средба со  раководните лица  за млади и спорт и за процесот на дигитализација во Општина Охрид, претставници од различни политички партии, Советници од советот на  Општина Охрид и од општинскиот Совет на млади. Пред присутните беше објаснет начинот на формирање, управување и функционирање на Советот на млади како и постапките за дигитализација на општинските услуги кои се во тек. Свое излагање пред присутните имаа и членови на останати младински здруженија од градов.