ВЛАДАТА ДОДЕЛИ 38 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА КЕЈОТ
- декември 23, 2020
- 0
Езерскиот кеј во Охрид ќе добие нов изглед. Како дел од проектите на актуелната власт во општина Охрид, кејот, едно од најпрепознатливите обележја на градот по долг период ќе биде целосно реконструиран.
– За овој проект дел од средствата во висина од 38 милиони денари веќе се обезбедени со одлука на Владата за реконструкција и целосна обнова на кејот во Охрид. Се прават напори во соработка со Владата да се обезбедат уште дополнителни 45 милиони денари, со што целосно ќе се затвори финансиската конструкција за овој капитален проект – изјави денеска градоначалникот Константин Георгиески.
Од секторот за урбанизам на општина Охрид највуваат дека со реконструкцијата е предвидено да се опфати должина од 992 метри квадратни на крајбрежниот дел во градската зона.
Во рамки на реконструкцијата ќе биде изведена заштитна потпорна конструкција, а предвидено е отстранување на постоечките бекатон плочки и поставување на слој од полупропусен цемент, врз кој ќе бидат поставени гранитни плочи.
Проектот за обнова на кејот вклучува и замена на канделабрите и на клупите за седење. Целиот кеј е планиран да биде партерно и хоритикултурно уреден. Со реконструкцијата Кејот ќе добие нов и урбан лик а градот ќе добие јавни површини достојни за еден културен и туристички центар.
Реконструкцијата на кејот, за која има целосна документација, се очекува да започне во пролетните месеци од 2021 година и да трае околу една година. Ќе се гради во фази за да се обезбеди нормално функционирање на овој фреквентен дел од градското крајбрежје- појасни градоначалникот Георгиески. Тој изрази благодарност за поддршката на Владата која помогна во раздолжувањето на општината, во реконструкцијата на улиците „ 15 Корпус“ и „ Абаз Емин“ и најавената реконструкција на улиците „ Македонски просветители“ и „ Гоце Делчев“, како и во други заеднички проекти.