ВРАЧЕНА НАГРАДАТА „ГРИГОР ПРЛИЧЕВ“ НА ГОДИНЕШНИОТ ЛАУРЕАТ ЛИЛЈАНА ПАНДЕВА
- февруари 5, 2021
- 0
Во рамки на годинашниве „ Прличеви беседи“ , денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“, на пригодна свеченост на поетесата Лилјана Пандева и беше врачена наградата за најдобра поема за 2020 година. На анонимниот конкурс, стручната жири комисијата, за најдобра ја прогласи нејзината поема „Капетаните“.
Годинешниот лауреат, Лилјана Пандева изрази задоволство што токму таа е добитник на престижната награда како една од продолжувачите на традициите кои ги воспоставил нашиот најголем поет и преродбеник Григор Прличев.
Заменик градоначалникот на Охрид, Ристо Николески упати честитки за наградата до годинешниот добитник со желба за понатамошна творечка енергија и креативност.
– Огромно е задоволството да се присуствува на овој голем традиционален настан во чест на Григор Прличев големото име , великанот од залезот на вториот милениум кој со неговите дела „Сердарот“ и „Скендербег“ стана темел на пишаниот збор засекогаш. Деветнаесеттиот век и столетијата потоа се и ќе бидат духовно овековечени во делото и блескавата личност на Прличев. Како еден од најголемите интелектуалци, автори, преродбеници врз чие дело се гради се она духовно, креативно и едукативно, Прличев оставил неизбришлив печат на овие простори и пошироко. Бил инспирација за генерациите пред нас, за нашата , а убеден сум дека ќе биде инспирација и за генерациите кои доаѓаат по нас.На одбележувањето на годишнината од неговата смрт, овенчувајќи ја со ловоров венец годинешната добитничка на наградата “Григор Прличев“, поетесата Лилјана Пандева ние докажуваме дека цврсто чекориме по духовниот и културен пат што го одредил Прличев. Лилјана Пандева со поемата „Капетаните“ , како што оценила стручната комисија, покажа дека , инспиративно и посветено треба и мора да се следат стапките на големиот Прличев. Таа одамна запловила во литературните води и е автор на бројни дела кои се читаат во целиот свет и е добитник на бројни награди и признанија. На добитничката и посакувам понатамошна добра мисла и творечка енергија , а на останатите творци на убавиот збор им посакувам на ваквите настани да гледаат како можност да го покажат својот талент, надоврзувајќи се на делото на Прличев, најистакнатиот македонски писател од 19 век.На крај се заблагодарувам на организаторите што и во услови на Светската пандемија предизвикана од КОВИД 19 одлично ја реализираа најстарата културна манифестација „Прличеви Беседи“ – рече Николески.
Традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ е во организација на Центарот за култура и Библиотеката во Охрид. Годинава се чествуваат 128-годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник Григор Прличев и 160-годишнината од создавањето на неговата поема „Скендербег“. Настанот се одржа со почитување на сите здравствени протоколи поради пандемијата од КОВИД 19.