ДЕВЕТ НОВИ ЛОКАЦИИ ЗА ПАРКИРАЊЕ ВЕЛОСИПЕДИ ВО ОХРИД
- септември 17, 2019
- 0
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески присуствуваше на промоција на проектот „Паркинзи за велосипеди“ што денес се одржа во непосредна близина на Поштата во центарот на Охрид. Проектот е дел од активностите за одбележување на Европската недела на мобилност во Охрид.
Во изјава за медиумите градоначалникот Георгиески истакна дека општината застанува зад сите активности кои значат поредуцирано користење автомобили, кои можат да се заменат со велосипеди или одење пеш до предвидената локација.
– Во насока на градење здрави животни навики и во насока на редуцирање на автомобилскиот сообраќај пред се во централното градско подрачје ние како локална самоуправа поддржани од ГИЗ и ЗЕЛС реализиравме проект вреден околу 600 000 денари за поставување на девет велосипедски постојки на повеќе локации во градот. Имаше потреба од соодветни места за паркирање велосипеди . Станува збор за проект кој е корисен и практичен за охриѓани. Всушност малите нешта го поедноставуваат животот на луѓето и го прават поефикасно нивното секојдневно движење низ градот –рече градоначалникот Георгиески.
Градоначалникот најави и нов проект на задоволство на сите оние кои сакаат да возат велосипеди.
– Ние сме во фаза на изработка на еден проект за формирање систем на градски велосипеди којшто ќе биде електронски како во сите модерни градови. Сите нови улици кои се проектирани или се во фаза на градење ќе добијат велосипедски патеки како што е случајот со улица „АСНОМ“ каде се градат две –додаде Георгиески.
Постојки за велосипеди се поставени на девет локации во Охрид. Две паркиралишта има во непосредна близина на поштата, по едно на улица „Македонски Просветители“ кај скаличките во близина на трговски центар „Амам“, на улица „Туристичка“ кај охридскиот зелен пазар, кај меѓуградската автобуска станица во Охрид , пред „Маларична“, кај Факултетот за туризам и угостителство и пред општинската зграда.
Во рамки на одбележување на Европската недела на мобилност утре напладне во просториите на Општина Охрид ќе се одржи промоција на Планот за одржлива урбана мобилност( ПОУМ на град Охрид ).