ДОДЕЛЕНИ 120 ХУМАНИТАРНИ ПАКЕТИ ЗА СОЦИЈАЛНО РАНЛИВИТЕ СЕМЕЈСТВА ОД ОХРИД
- јануари 21, 2021
- 0
Општина Охрид и Дебарско кичевската епархија денеска доделија 120 хуманитарни пакети наменети за социјално ранливите семејства од подрачјето на општината. Заедничката хуманитарна активност беше организирана во црквата „Свети Никола“ во Долна Влашка Маала, како дел од одбележувањето на богојавленските празници.
Хуманитарните пакети ќе бидат доставени до семејствата од страна на екипите на Црвен крст и мобилните тимови на Општина Охрид, кои беа формирани за помош на ранливите категории граѓани, за време на здравствената криза.
-Бидејќи оваа година, поради актуелните протоколи и мерки за заштита на здравјето, не беа организирани традиционалните чествувања и настани за празникот Богојавление-Водици, беше одлучено дел од средствата кои беа планирани за прослава на празникот, да бидат наменети за хумани цели. Со доделување на овие пакети на нашите сограѓани со социјален ризик, сакаме да покажеме заедничка грижа и да дадеме поттик на останатите институции, компании и граѓани за повисока општествена одговорност и обезбедување социјална поддршка онаму каде што е најпотребна, истакна градоначалникот Константин Георгиески.
Дел од средствата предвидени за богојавленската прослава, оваа година беа наменети за креирање на новата веб страница www.bogojavlenie-ohrid.mk , на која се поместени низа содржини за прослава на празникот Богојавление-Водици во Охрид.