ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА БЕЗБЕДНОСТА И МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА
- мај 7, 2019
- 0
Градоначалникот Константин Георгиески денеска присуствуваше на свеченоста што по повод Денот на безбедноста и македонската полиција – 7 Мај се одржа во просториите на Секторот за внатрешни работи во Охрид.
Во своето поздравно обраќање градоначалникот Георгиевски истакна:
- Почитувани полициски службеници Ви го честитам Денот на безбедноста и македонската полиција 7-ми мај со желба овој празник да го одбележувате уште многу години. Вие сте тие кои гарантирате безбедност и сигурност за сите граѓани во едно општество, а наша е обврската во рамки на своите надлежности да обезбедуваме услови и да ги поддржиме Вашите проекти. Соработката меѓу општина Охрид и полицијата секогаш била добра, а така ќе биде и во иднина. Сите заедно ќе продолжиме да работиме на воспоставување на блиска соработка меѓу полицијата и граѓаните. Уште еднаш примете ги моите честитки по повод Денот на безбедноста и полицијата со желба за добро здравје и професионален напредок– рече градоначалникот Георгиевски и посочи дека доволна потврда за добрата соработка меѓу локалната власт и СВР- Охрид е заедничката трибината што двете институции ќе ја одржат овој четврток во општината со граѓани на која ќе се изнесуваат мислења за режимот на сообраќај во стариот дел на Охрид за време на летната туристичка сезона.
Полициските службеници ги поздрави и началникот на СВР Охрид , Сашо Смилески,
- СВР Охрид продолжува да се гради како современа полициска служба која во одржувањето на јавниот ред и мир, во борбата против сите видови криминалитет, во откривањето на сторителите на казнените дела и во другите сегменти од полициските работи, применува ефикасни правни и демократски процедури и стандарди- посочи Смилески
Портпарол на СВР Охрид Стефан Димоски рече дека СВР Охрид, како и целата македонска полиција денес, исправено стојат пред предизвикот да бидат институција што во секој поглед ќе биде безбедносен гарант, сервис на сите граѓани.
- Станува збор за концепт којшто ќе треба да ја позиционира СВР Охрид во современ демократски систем на заштитник на безбедноста и сигурноста на сите наши граѓани и гарант за владеењето на правото во нашата држава, рече Димоски и нагласи дека во првите четири месеци од оваа година, во Охрид регистрирани се вкупно 177 кривични дела со 45 проценти на реализација, што претставува намалување во однос на истиот период лани кога биле евидентирани 225 кривични дела и 35 проценти реализација.
На свеченоста им беа доделени благодарници за посебен придонес во работата на полициските службеници Кире Стојоски од полициската станица Охрид и Гоце Огненоски од полициската станица за безбедност во сообраќајот.
На настанот присуствуваа и бројни претставници од органи на државната управа, образовните центри, јавните претпријатија и други гости.