
ОДБЕЛЕЖАН ЈУБИЛЕЈОТ-90 ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕТО НА ХИДРОБИОЛОШКИОТ ЗАВОД ВО ОХРИД
- септември 4, 2025
- 0
- Категорија:
Со свечена академија која се одржа денеска напладне во црквата „Св. Софија“ во Охрид, ЈНУ Хидробиолошки завод одбележува 90-годишнина од основањето.
На свечноста свое обраќање пред присутните гости имаше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Почестен сум и горд што денеска сум тука со вас, во древниот храм на духовноста, за да прославиме еден исклучително значаен јубилеј за Охрид и науката во Македонија, а тоа се 90 години од основањето на Хидробиолошкиот Завод.
Овој голем јубилеј не е само бројка, овој јубилеј е сведоштво за едно патување низ времето, исполнето со истражувања, откритија, научни трудови и пожртвувана работа на генерации научници, кои својата љубов кон природата ја преточиле во знаење и дела.
Хидробиолошкиот Завод е темел на научното проучување на Охридското Езеро, нашето непроценливо богатство. Од своето основање до денес, тој ја носи мисијата да ја чува неговата уникатна флора и фауна, да ја објаснува неговата тајна долговечност и да создава мост помеѓу науката и општеството.
Во овие девет децении е вграден трудот на нашите научници, нивната визија и верба дека знаењето е најсилната алатка за зачувување на природата. Дозволете ми да упатам благодарност до сите оние кои го градеа овој центар на знаењето, од првите визионери, до денешните истражувачи и вработени.
Благодарение на нив, денес со гордост можеме да кажеме дека Охридското Езеро не е само наше богатство, туку е дар за целото човештво, како светско природно наследство.
Oвој јубилеј е и потсетник дека науката нема крај. Таа е патека што секогаш води кон нови прашања, нови одговори и нови предизвици. Затоа, денес со интерес се навраќаме на минатото, но уште посвесно гледаме кон иднината, кон новите генерации кои ќе ја продолжат оваа благородна мисија.
Големиот светски научник Алберт Ајнштајн рекол „Погледнете длабоко во природата и ќе го разберете подобро светот.“ Оваа мисла не потсетува дека преку природната реткост на нашето езеро може подобро да го разбереме светот, а преку науката да ја сочуваме неговата уникатност и убавина.
Посакувам овој јубилеј да ни покаже дека науката е најголемиот светилник на патот по кој чекориме, а природата е нашата најголема инспирација.
Во мое лично име и во името на Општина Охрид упатувам искрени честитки за овој голем јубилеј, со надеж дека ќе продолжиме и во иднина да соработуваме, да се поддржуваме и да ги менаџираме сите предизвици на новото време.
Верувам дека Хидробиолошкиот завод ќе продолжи да расте и да се развива и дека во иднина ќе прославува уште многу значајни годишнини и јубилеи, истакна Пецаков во своето обраќање.
На свечената академија сво еобраќање имаше претседателката на Република Македонја, Гордана Силјаноска Давкова и директорката на Хидробиолошкиот завод, д-р Орхидеја Тасевска.
Хидробиолошкиот Завод е основан во 1935 година и е јавна владина високо образовна и научно-истражувачка организација од национален интерес. Заводот претставува најстарата научно-истражувачка установа од областа на лимнологијата во Македонија чија главна преокупација е лимнологијата на природните езера на (Охридското, Преспанското и Дојранското), со особена нагласеност на Охридското Езеро – најстарото езеро во Европа и најголемото и најдлабоко во Македонија.
Хидробиолошкиот Завод активно придонесува во проучувањето и заштитата на Охридското Езеро и природните ресурси, со што се вбројува меѓу најзначајните научни институции во регионот. Во текот на долгогодишните истражувања на Охридското Езеро повеќе од 800 трудови се публицирани и презентирани.