Денеска во спомен  куќата на Григор Прличев се одржа промоција на најновиот труд „Охридски фолклористи“ од авторите, проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо – Димоски. Со настанот започнаа чествувањата по повод 23- Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба.

Пред вљубениците на пишаниот збор за значењето на делото обраќање имаше Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

-Во очи големиот празник, 23 Октомври во прекрасниот амбиент на прлчичевата куќа се собравме да го  промовираме најновиот труд „Охридски Фолклористи“ од гореспоменатите автори со што ја заокружуваме Едицијата на 12-те книги кои изминатиов период ги издаде Општина Охрид.

 Вештите авторски  пера на 300 страници  пишувале и бележеле важни детали  за едно големо време, кога преку народната литература, поезија и проза се поставуваа темелите на македонската книжевност преку делата на Миладиновци, Прличев, Шапкарев, па преку Александар Караѓуле и  Живко Чинго до денешните современици.

Нема иднина без минато, народ што не си ги познава корените не може да ја дочека светлината на идниот ден, ќе се претопи, ќе стане дел од некои големци. Затоа овој труд е многу  значаен за нас. Во него посветено се работело и образложувало за важноста на  нашите приказни, легенди, раскажаната историја. Истражувањата за нив станаа наша неопходност како писменост,  како традиција и  култура,   како континуитет на духот.

За македонскиот фолклор се пишувани многу студии, статии, расправи и се издадени повеќе  збирки на народни песни, приказни, пословици, анегдоти, обичаи, верувања, имиња, народни лекувања. На овој начин колективниот дух на народот добива писмено призната оцена, остануваат имињата на собирачите, издавачите. Спознавајќи го творештвото на македонските фолклористи, се запознаваме со нашите културни белези и оддбележја. Во ѓерданот од издадени трудови за фолклористиката од денес се вбројува и најновиот труд на ценетите Пандев и Ѓорѓо – Димоски како една од најубавите енциклопедии од овој творечки вид.

На овие почитувани автори им посакувам плодна истражувачка и пишувачка книжевна дејност и во иднина и секао вакви  значајни културни настани да бидат повод за нашите наредни средби, истакна Секретарот Китески.

На настанот пригодни обраќања имаа и авторите Димитар Пандев, Славе Ѓорѓо – Димоски, уредникот Митре Велјаноски,  и фолклористот,  писател, раскажувач и композитор, Митко Кољушески.

Настанот беше збогатен и со културно уметничка програма.

Книгата „Охридски фолклористи“  е 12-та по ред и последна од Едицијата „Охридско книжевно наследство“ што ја  издаде Општина Охрид.