ТРАДИЦИОНАЛНА БАДНИКОВА ПОВОРКА
- јануари 3, 2020
- 0
Традиционално и годинава во Охрид, на празникот Бадник, ден пред големиот христијански празник Божиќ ќе се одржи Бадниковата поворка со која се најавува христовото раѓање.
Во понеделник во 11 часот од црквата „Св. Георги“ во „Горна Влашка Мала“ над 700 деца ќе ја започнат Бадниковата поворка. Пеејќи ја возобновената старо христијанска песна „Вечниот Бог“ тие ќе се движат по улиците „Јане Сандански“ и „Туристичка“ и низ охридската чаршија . Околу пладне на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ кај божиќната пештера, децата ќе ги пречека градоначалникот Константин Георгиевски кој ќе ги дарува со божиќни пакетчиња.
Бадниковата поворка во Охрид која се одржува седма година по ред е во организација на Здружението за грижа и воспитување деца од Охрид и е поддржана од локалната самоуправа.
Втора година по ред Бадникова поворка ќе се одржи и во село Велгошти. Дечињата во 10 часот ќе тргнат од црквата Св. Димитрија, а околу 11:15 часот ќе стигнат во црквата Мал Св. Климент каде ќе ги пречека градоначалникот Георгиески кој ќе ги дарува со божиќни пакетчиња. Во рамки на прославите со кои се најавува христовото раѓање е предвидена културно уметничка програма со божиќни песни.