ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА РЕКОНСТРУИРАНАТА УЛИЦА „АБАС ЕМИН“
- септември 3, 2021
- 0
- Категорија:
Градоначалникот Константин Георгиески и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска на пригоден настан официјално ја пуштија во употреба комплетно реконстуираната улица „Абас Емин“.
– Им честитам на граѓаните на Охрид и на сите оние кои беа вклучени и придонесоа во реализацијата на големиот инфраструктурен проект за комплетна реконструкција на улицата „Абас Емин“. Им благодарам за трпението, за соработката и за поддршката, како наш најголем мотив за успешно да стасаме до денешниот ден. Оваа улица децении наназад беше предмет за потсмев, лоша слика за Охрид и најголем проблем за жителите кои живеат во овој дел на градот. Сите добро се сеќаваме дека реконструкцијата на оваа улица беше ветувана и споменувана од сите мои претходници и локални власти, но никој не успеа да се зафати и да го реализира сложениот проект, на кој граѓаните чекаа повеќе од 30 години. Но јас, заедно со мојот тим и големата поддршка на Министерството за транспорт и врски покажавме дека сме подготвени да се соочиме со предизвиците, дека имаме волја за решавање на проблеми и дека поседуваме капацитет за реализирање на вакви крупни проекти, истакна градоначалникот Георгиески.
Должината на улицата е 1100 метри, а вкупната вредност на инвестиција е околу 40 милиони денари. Градежните работи за реконструкција на улицата започна во месец јуни 2020 година и течеа интензивно околу 13 месеци.
– Градежните активности од проектот за реконструкција ги започнавме во еден кризен период, исполнет со многу неизвесност, поради светската пандемија, но и покрај сите проблематични моменти, овозможивме континуирана работа на терен. Од денеска, Охрид и охриѓани добиваат современа и безбедна сообраќајница, а жителите од овој дел на градот, подобри комунални услови, потенцираше градоначалникот Георгиески.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека Владата на Република Северна Македонија заедно со локалните самоуправи работи посветено за подобрување на животот на граѓаните, за развој на општините и развој на регионите.
– Во овој период како Влада покажавме тесна соработка со општина Охрид, инвестираме за развој на патната инфраструктура, за подобрување на комуналната инфраструктура и секако бројни проекти со кои ја зголемуваме туристичката понуда на градот. Охрид е значаен регионален и светски туристички центар и затоа Владата реализира голем број на капитални проекти за да привлечеме што повеќе домашни и странски туристи, но приоритет сепак е подобрување на квалитетот на живеење на охриѓани. Во таа насока сакам да потенцирам дека преку Министерството за транспорт и врски реализиравме инфраструктурни проекти во делот на патната и комуналната инфраструктура со што овозможивме подобрување на урбаното живеење, подобрување на условите за живот и предуслови за економски развој на градот, рече министерот Бочварски.
Проектот за реконструкција на улицата „Абас Емин“ се одвиваше во два дела. Во рамки на првиот дел од проектот беше извршено поставување на нови главни линии од фекалната, атмосферската и водоводната мрежа. Се вршеше ископ во длабочина од 3,5 метри и ширина од 2 метри, а од страна на општинските јавни претпријатија беше извршено поединечно преприклучување на сите домаќинства од улицата. Реконструкцијата на целокупната подземна инфраструктура се реализираше со поддршка на Министерството за транспорт и врски и со средства од Eвропската инвестициона банка (ЕИБ).
Градежните активности во рамки на вториот дел од проектот, опфатија комплетна рехабилитација на коловозната лента со висококвалитено тампонирање на подлогата и поставување на два слоја асфалт. Беа реконструирани пешачките патеки од двете страни на улицата, извршено е нивелирање на шахтите и поставена е нова сообраќајна сигнализација. Овие активности се реализираа со средства од буџетот на Општина Охрид.