ДОДЕЛЕНА СВЕТСКАТА НАГРАДА ЗА ХУМАНИЗАМ НА ДАЛИМИР ХАЈКО
- јануари 18, 2022
- 0
- Категорија:
Во очи Богојавленските празнувања, а согласно протоколите за заштита од КОВИД 19 денеска се одржа Меѓународна онлајн конференција: „Охридската школа на хуманизмот од Средниот век до денес во Европа и Светот“, посветена на годинешниот добитник на Светската награда за хуманизам, академик Далимир Хајко од Словачка.
Во чест на годинешниот добитник пригодно обраќање имаше градоначалникот на Охрид, Кирл Пецаков кој беше дел од случувањето.
– Ми претставува голема чест и задоволство, уште на почетокот на мојот мандат како Градоначалник на Охрид да ја поздравам оваа светска елита која учествува на оваа меѓународна конференција. Посебно ме прави горд што му ја врачувам Светската награда на хуманизмот за 2022 година на Далимир Хајко од Братислава, Словачка и со тоа долговековните духовни врски меѓу Македонија и Словачка, доживуваат една своевидна екслузивна круна, со која ќе се гордеат генерациите од далечното минато, до нашата сегашност и во далечната иднина. Името на Далимир Хајко стои заедно со нобеловците, Александр Солжењицин од Русија и Херта Милер од Германија, големиот заљубеник во Охрид Питер Брук, Претседателот на Интернационалниот пен центар Џон Ралстон Сол од Канада, Жан-Патрик Конрад од Империал колеџ од Лондон, Мануел де Оливеира, легендарен синеаст од Португалија, светската музичка легенда Рави Шанкар од Индија и многу други, со кои Охрид станува Светски центар на хуманизмот.Бидејќи во преписката што Охридската академија на хуманизмот ја имаше со Далимир Хајко, овогодишниот лауерат изрази желба со бескрајна љубов да го посети Охрид, јас како градоначалник и член на Претседателството на Охридската академија на хуманизмот свечено се обврзувам дека, доколку условите на пандемијата ни дозволат, Далимир Хајко ќе биде специјален гостин на церемонијата на инаугуриурањето на Спомен-обележјето на светскиот хуманизам кое мислиме да го промовираме на Св. Климент-летен, на 9 август, оваа година. Почитуван проф. Хајко, Ви ја врачувам статуата на Св. Климент на која е врежано Вашето име и свечената плакета што деновиве ќе ја предадам на Амбасадорот Хенрик Маркуш во Скопје и до скоро видување во Охрид– рече градоначалникот Пецаков.
Беседа за добитникот одржа и претседателот на Интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш. На конференцијата присуствуваа и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, претседателот на Европската академија на науките Жан-Патрик Конрад, амбасадорот на Р. Словачка во Р. Северна Македонија, Хенрик Маркуш и останати претставници од светската научна фела.
Годинешниот добитник на Светската награда за хуманизам Далимир Хајко е светски познат филозоф, есеист, литертурен критичар и професор на Универзитетот од Жилина, Словачка.
– Чест и задоволство ми е да ја добијам за оваа престижна награда и да се приклучам кон истакнатите добитници од минатот. Мојата најдлабока благодарност оди до Охридската академија за хуманизам, на меѓународното жири и неговите членови и на претседателот, што ме номинираа – рече годинешниот добитник на наградата Далимир Хајко.
Со ова исклучително признание, Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент Охридски на сите светски меридијани, додека професорот Хајко е шеснаесетти добитник по ред.
Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.