ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ ЗА НАЈДОБРА НЕОБЈАВЕНА ПЕСНА ЗА ДЕЦА ВО ЧЕСТ НА ТОДЕ ИЛИЕВСКИ
- март 7, 2024
- 0
Во чест на поетот и писател за деца, Тоде Илиевски денеска беа доделени наградите од распишаниот конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“. Конкурсот се распишува втора година по ред и е организиран од Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“.
На пригодниот настан кој се одржа во големата сала на Општина Охрид, во име на Локалната самоуправа се обрати советничката Ана Крстеска.
– Ми претставува голема чест што имам можност да ве поздравам во името на Општина Охрид и да бидам дел од овој културен настан, посветен на Тоде Илиевски, кој со својата поезија и значајна писателска дејност остави траен печат во македонската литература за деца.
Неговите дела посветени на најмладите ќе бидат вечен спомен, со кој се пренесуваат најубави желби и секое дете добива право да сонува и да верува во својата сопствена приказна.
Препознавајќи го неговиот клучен придонес во културата и литературата во Охрид, овозможуваме неговото значајно име да продолжи да живее, преку нови песни за деца, создадени од млади поетски имиња.
Упатувам искрени честитки до наградените поети на литературниот конкурс за детска песна и им посaкувам многу поголеми успеси во иднина. Децата се неисцрпна инспирција за творење и заслужуваат незаборавно патување во светот на уметноста и магијата на зборот.
Оваа можност сакам да ја користам да се заблагодарам и на организаторите на овој настан со надеж дека истиот ќе прерасне во традиција и ќе продолжи да ја чува и збогатува литературата за деца.
Нека е вечно сеќавањето на Тоде Илиевски и нека продолжи да опстојува неговиот стремеж за посреќна детска иднина, истакна Крстеска.
За ликот и делото на поетот зборуваше Славе Ѓорго Димоски, а избрани песни за деца од творештвото на Илиевски прочитаа учениците од ООУ „Свети Климент Охридски“.
Првата награда за најдобра песна за деца беше доделена на песната „Песна за една врана ненаспана“ од авторката Сузана Ѓеоргиеска. Второнаградена беше песната „Оглас на Инстагам“ од Јана Силјаноска, а третонаградена беше песната „Сватови зеленчуковци“ од Слаѓана Ставрева.
Најдобрите песни ќе бидат објавени во деветтиот број на електронското списание „(е)Лит“, што го објавува здружението „Креативна верига“.
Во знак на благодарност за поддршката на настанот, од страна на организаторите беше доделена благодарница на градоначалникот Кирил Пецаков.