
ВО САБОТА ЗАПОЧНУВА ТРЕТОТО ИЗДАНИЕ НА OHRID WATER FESTIVAL
- август 13, 2025
- 0
Денес на прес конференција беше најавено третото издание на Ohrid Water Festival, манифестација која ги обединува спортот и езерото. Градоначалникот Кирил Пецаков, претставувајќи ја програмата, истакна дека фестивалот со претходните две изданија ги оправда очекувањата во однос на промоција на потенцијалите на Охридското Езеро и водените спортови во комбинација со културната програма.
– Годинава фестивалот започнува на 16-ти август на пладне со Ревијалниот ватреполо турнир што ќе се одржи пред хотел Александрија, а попладнето на Старото пристаниште ќе се одржи Red Вull Педалинка. Наредниот ден на базенот „Атина Бојаџи“ ќе биде пливачкиот митинг. Од 18-ти до 21-ви август на плажата К’ј Дивоно ќе се организира Меѓународниот едриличарски тренинг камп, а на 22-ри и 23 ти август ќе се одржи Меѓународната едриличараска регата. За 24-ти август се предвидени Спортскиот риболеовен Куп – Хранилка и АКВАЛОН. Наредниот ден кај плажата Куба Либре ќе се одржи Меѓународната охридска веслачка регата , меѓународното штафетно нуркање за мир и СУП јога на вода. На 26-ти август ќе се одржат СУП 33 километарскиот маратон со старт кај селата Радожда и Љубаништа, а кај градското пристаниште ќе биде настанот „Запознај го едрењето, заштити го езерото“ по што ќе има и промоција на рекреативно нуркање за деца. На 27-ми август ќе биде „Меч рејс Европскиот куп“ по што е предвидено Балканското Јуниорско првенство на отворени води. За наредниот ден се закажани СУП трките на малото пристаниште пред хотел „Палас“. На 29-ти август во Струга ќе се одржи Кајак регата. Годинешното издание завршува со Охридскиот пливачки маратон на 30-ти август кога познати пливачки имиња ќе ја препливаат патеката Св. Наум- Охрид – истакна Пецаков.
Претседателот на Организациониот одбор на фестивалот, Никола Вретоски,истакна дека годинава фестивалот нуди рекордна програма со над 20 спортски настани, кои ќе понудат натпреварувачки дух со многу адреналин и незборавни моменти. Вретоски посебно ја апострофира социјално-едукативната компонента на фестивалот со изложби, ,предавања и работилници, се во насока на подигнување на свеста за заштита на природата, водата и заедницата што ја споделуваме.