
Денеска во Охрид започна третото издание на Меѓународниот турнир во огнено оружје „Гранд При Лихнидос“ кој се организира со поддршка на Општина Охрид. Настанот се одржува по трет пат и годинава собра учесници од повеќе држави, кои се натпреваруваат во неколку дисциплини со огнено оружје.
На свеченото отворање, свое обраќање имаше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој ја истакна важноста на ваквите меѓународни настани за промоција на Охрид како спортски и туристички центар.
– Голема чест и задоволство ми е што денеска сум тука со вас и што имам можност, во мое лично име и во име на Општина Охрид, да ве поздравам и да го означам почетокот на овој значаен спортски настан.
Меѓународниот турнир во стрелање со огнено оружје е симбол на нашата посветеност кон развојот, промоцијата и унапредувањето на стрелачкиот спорт во Охрид.
Нашиот град има богата традиција и се гордее со истакнати стрелци кои постигнале забележителни резултати, како на национално, така и на меѓународно ниво. Особено не радува фактот што се појавуваат нови, млади генерации на стрелци, кои се талентирани и амбициозни и од кои очекуваме големи спортски успеси и нови рекорди.
Упатувам благодарност до организаторите на турнирот кои со својата посветеност и оваа година овозможија високо ниво на организација. Се надевам дека денешниот турнир ќе помине во духот на фер натпреварување, взаемно почитување и пријателство.
Како домаќини, искрено сме горди што можеме да бидеме дел од оваа спортска традиција и што имаме можност да го споделиме прекрасниот Охрид и нашето културно, историско и природно богатство со сите вас.
Нека овој турнир биде уште еден чекор кон зајакнување на спортскиот дух и меѓусебната соработка. Им посакувам голем успех на сите натпреварувачи, а на гостите пријатен престој во Охрид, истакна Пецаков.
Организатор на меѓународниот турнир е охридскиот стрелачки клуб „Лихнидос“, а натпреварите се одржуваа во стрелиштето „Бејбунар“ во Охрид.