Со свечена седница, денес, започна чествувањето на 11 Октомври – Денот на Народното востание. На свеченоста свое пригодно обраќање имаше градоначалникот Константин Георгиески.
– Почитувани дами и господа, борци и следбеници на идеалите на учесниците во Народноослободителната и антифашистичка војна, нека ни е честит и вековит 11 Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ. Овој ден е симбол на Македонскиот непокор и слободарскиот дух. Во очи на големиот празник, денес одбележувме 78 години од четиригодишната народно – ослободителна борба на Македонскиот народ во Втората светска војна. Благодарение на пожртвуваноста на храбрите борци и на нивните идеали за слобода, денес, ние сме свои на своето. Наша определба и денес, е сигурно и недвосмислено да чекориме по заветот што ни го оставија, да продолжиме да се бориме за да ги одржиме темелите на слободна Република Северна Македонија. Почнувајќи од 1893 година, од македонската историја исполнета со крв и саможртва, стана пример кој го следеа сите понатамошни македонски востанија и револуции. Темел врз кој се надградувале Илинден 1903, 11 Октомври 1941, АСНОМ 1944 и 8 септември 1991 – денот на прогласување на независноста. Нашата борба денес, е борбата за обезбедување подобар животен стандард, подобра инфраструктура, подобри услови во образованието…, истакна градоначалникот Георгиески
Свечената седница беше збогатена со културно уметничка програма. Чествувањата продолжуваат и утре со полагање на свежо цвеќе пред спомениците на борците од Народноослободителната војна.