Ohrid.gov.mk

РАБОТЕН СОСТАНОК НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ СО УПРАВНИОТ ОДБОР НА КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ

Општина Охрид  заедно со  охридските приватни компании наредниов период ќе работи  на зајакнување на соработката  со компании од шест земји на Западен Балкан : Македонија ,Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора, кои имаат свои претставници во  Коморскиот Инвестициски Форум (КИФ), со цел да се зајакне охридското стопанство. Ова беше заклучено  на денешниот работен состанок на градоначалникот Кирил Пецаков со  членовите на Управниот Одбор  на  Коморскиот инвестициски Форум ( КИФ)  кои се во дводневна работна посета на Охрид.  На средбата градоначалникот Кирил  Пецаков информира дека општината има интересни проекти,  кои во соработка со приватниот сектор  може да  бидат поддржани од Коморскиот Инвестициски Форум (КИФ). Со нив да се настапува пред Европските фондови заедно со градовите и компаниите кои имаат свои претставници во КИФ од шест Балкански земји.    – Го претставивме нашиот град, капацитети и инфраструктура  и можноста, каде тие големи компании коишто се во овие шест земји би можеле да инвестираат . Како општина се ставивме во функција на  олеснување на тој процес на соработка,  доколку некоја компанија сака да инвестира. Втората работа за која разговаравме   се проектите кои овој инвестициски форум може да ги поддржи, а се значајни за градов.  Општина Охрид има збратимени градови во шесте земји кои имаат свои претставници во КИФ. Би можеле заеднички да учествуваме во добивањето на некој проект ,се со цел,  олеснување на одредени форми  на соработка  како што се  обука на кадар кој ќе се вклучи во одредена индустрија, отворање на  нови бизниси или која и да е друга форма која ние заедно со коморите и приватните компании во иднина би можеле да ја реализираме –посочи градоначалникот Пецаков. Коморскиот Инвестициски Форум  кој е составен од претставници  на Стопанските Комори од шест земји од Западен Балкан  финансира проекти од приватниот сектор. – Еден од тие проекти е врзан за Охрид, каде што е направен конзорциум за воведување на дуалниот систем на образование во ЕМУЦ „Св. Наум Охридски  со три наши компании ЛТХ – „Леарница“, „ОДВ Електрик“ и „КОСТАЛ“. Разговаравме за инфраструктурата којашто е поставена помеѓу збратимените градови од шесте земји од Западен Балкан кои имаат свои претставници во КИФ. Ќе покренеме иницијативи со коишто заеднички, локалните самоуправи ќе учествуваат со проекти кои ќе бидат организирани во  минимум три држави и на тој начин ќе придонесеме во подобрување на комуникацијата. Нашата крајна цел е да има подобар проток на стоки и услуги меѓу државите, работната рака да циркулира онака како што тоа се прави на Запад и да исчезнат  редиците камиони на границите . Исто така ќе воведеме заедничка авионска линија меѓу овие шест земји по  принципот   на Нордискиот САС  и заедничко кредитно биро –  арбитража кои ќе помогнат  за развој на компаниите. Градоначалникот образложи убави и интересни проекти, кои ќе бидат од заеднички интерес   како за Општината така и за КИФ- рече потпретседателот на Коморскиот Инвестициски Форум, Бранко Азески.  Коморскиот инвестициски форум, со седиште во Трст е институција основана во 2015 година во рамки на Берлинскиот процес инициран од канцеларката Ангела Меркел, и претставува глас на приватниот сектор од регионот, застапувајќи 350.000 компании од подрачјето на Западен Балкан. КИФ е основан од страна на шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан (Стопанската комора на Северна Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Косово, Стопанската комора на Црна Гора и Стопанската комора на Србија) со цел, да се интензивира соработката помеѓу коморите во насока на спроведување на заеднички активности кои се од интерес за бизнис-заедницата од регионот.          

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ИЗВРШИ УВИД НА НОВИТЕ ИНВЕСТИЦИСКИ АКТИВНОСТИ ВО ОЕМУЦ „СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ“

Градоначалникот Кирил Пецаков денеска изврши увид на новите инвестициски активности во ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“.     Во моментот се врши поставување и инсталирање на 14 смарт табли во училниците, кои значително ќе го подобрат квалитетот на наставната програма и ќе придонесат за поголема интеракција на часовите. За набавка на овие електронски уреди, од буџетот на Општина Охрид се издвоени 1.200.000 денари. Исто така, во моментот се изведуваат и градежни зафати за поставување на лифт во училишната зграда и се врши уредување на два тоалети кои ќе бидат наменети за лица со посебни потреби. Овие активности се дел од проектот на Министерството за образование финансиран од Европската Унија во вредност од 120.000 евра. Во рамки на истиот проект, ќе бидат поставени и пристапни рампи и соодветна сигнализација за лица со оштетен вид. Градоначалникот Пецаков во својата изјава за медиумите рече дека ова училиште во текот на изминатиот период значително го променило својот изглед и содржините кои ги нуди за учениците. Поради добрите резултати во работењето донел одлука менаџерскиот тим на училиштето да продолжи со својот мандат. Градоначалникот истакна дека Локалната самоуправа и во иднина ќе настојува да ја следи и да ја воведе напредната технологија во образовниот процес на локално ниво и да ги опремува училиштата согласно современите стандарди за настава. Тој најави дека во наредниот период ќе следуваат уште низа нови инвестиции и во останатите училишни објекти во општината. Во иднина, со средства обезбедени од буџетот на Општина Охрид за ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ планирана е набавка на нов инвентар и опрема за училниците. Наскоро во истото училиште се очекува да започне и имплементацијата на проектот за опремување на сите кабинети за практична настава кој е финансиран преку гранд од од RCF-fond и Германската банка за обнова (KfW), во вредност од 580.000 евра.          

ИТАЛИЈАНСКИОТ АМБАСАДОР АНДРЕА СИЛВЕСТРИ ВО ПОСЕТА НА ОХРИД

Италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, денес беше во протоколарна посета на Општина Охрид. Градоначалникот Кирил Пецаков и италијанскиот дипломат, разменија мислења за повеќе прашања кои ги допираат двете земји. Силвестри, посебно беше заинтересиран за проектите кои се однесуваат на заштитата на Охридското Езеро и подготвеноста на Италија да ги помогне истите, како и за соработка на културно поле. Амбасадорот Силвестри не ја криеше својата воодушевеност, кога градоначалникот Пецаков го информира за проектот на локалната самоуправа – “Италијански јазик во основното образование“, што ќе се имплемантира од следната година во основните училишта “Св.Климент Охридкси“ и “Христо Узунов“. Градоначалникот Пецаков, беше поканет на манифестацијата “Вечер на Италија“, што ќе се одржи на 29 јули во Охрид.        

СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ СО ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДОРКА ХОЛШТАЈН

Градоначалникот Кирил Пецаков, денес оствари средба со германската амбасадорка во нашата земја, Анке Холштајн. На средбата градоначалникот Пецаков ја запозна високата гостинка со актуелниот миг од функционирањето на Општина Охрид и предизвиците со кои се соочува. Во таа насока посебно беа потенцирани активностите во однос на исполнувањето на критериумите за зачувување на статусот во УНЕСКО, како светско природно и културно наследство. Градоначалникот ја информираше својата соговорничка, за отворањето на Старт Ап Центарот, со помош на европските фондови, како и за одличната соработка со фирмите КОСТАЛ и ОДВ и проектите кои овие фирми ги реализираат со ОСУ “Св. Наум Охридски“. Од своја страна германската претставничка во Македонија, ја изрази подготвеноста амбасадата да помогне во реализацијата на одреди проекти, посебно кои се однесуваат на трансграничната соработка со Албанија за заштита на езерото.        

НОВИ МЕРКИ И ПРОЕКТИ ЗА ПОУСПЕШЕН НАСТАВЕН ПРОЦЕС ЗА СИТЕ УЧИЛИШТА ВО ОХРИД

Градоначалникот Кирил Пецаков, денес одржа прес конференција на која ги претстави новите мерки и проекти, кои ќе бидат реализирани во новата учебна година. – На мое особено задоволство, сакам да ја информирам јавноста дека Советот на Општина Охрид на својата вчерашна седница донесе многу важна одлука со која се прецизираат сите мерки кои локалната самоуправа ќе ги преземе во насока на поддршка на учениците и студентите од општината. За првпат оваа година општина Охрид воведува: Проект „Нашите првачиња“ со кој предвидува финансиска поддршка од 3000 денари за секое запишано прваче во општинските основни училишта. Ја зголемуваме вредноста на стипендиите за ученици од основните и средните училишта за учебната 2022/2023 година од 1500 на 2000 денари. Стипендиите ќе се доделуваат за 9 месеци и ќе бидат наменети за талентирани ученици, ученици со посебни постигнувања и за ученици од ранливи семејства. Исто така врз основа на јавен повик ќе се доделуваат и стипендии во месечен износ од 3000 денари за редовни студенти во неколку категории. За прв пат се воведува нова мерка „Образовен додаток“ која е наменета за  студенти  кои студираат надвор од Охрид, а потекнуваат од семејства со социјален ризик, многудетни и еднородителски семејства. Со оваа мерка е предвидено е да бидат еднократно доделени по 6000 денари на најмногу 120 студенти. И во текот на наредната година, Општина Охрид ќе ја подолжу поддршката за ученици во основно и средно образование, студенти, магистранти и докторанти кои се лица со ретки болести и посебни потреби. За учениците е предвиден е зголемен износ од 2000 денари месечно за 9 месеци, а за студенти, магистранти и докторанти износ од 3000 денари месечно за 9 месеци. Обезбедивме зголемување на надоместокот за наставниците ангажирани во продолжен престој. Од оваа учебна година тој ќе изнесува 15.000 денари за пола работно време, наместо досегашните 10.000. Се прават и напори за решавање на проблемот со работниот стаж на овие наставници кој досега беше нерегулиран. Предвидено е сите основни училишта да организираат продолжен престој од 15 ти септември. Овозможуваме дополнително вреднување на постигнатиот успех на учениците на напреварите во знаење кои се организираат по наставните предмети. За таа цел, покрај доделување стипендии и традиционалното доделување признанија на денот на сесловенските просветители „ Св. Кирил и Методиј„ ќе се доделуват  и парични награди за учениците и нивните ментори и тоа: – За освоено прво место на државен натпревар во знаење по наставен предмет ќе се доделува еднократно по 10.000 денари за ученикот и неговиот ментор; за освоено второ место ќе се доделува по 7000 денари, а за освоено трето место на државен натпревар ќе се доделува по 4000 денари; – За освоено прво место на меѓународни натпревари ќе се доделува еднократно по 18.000 денари за ученикот и неговиот ментор; за освоено второ место на меѓународни натпревари ќе се доделува по 15.000 денари, а за освоено трето место на меѓународни натпревари ќе се доделува по 12. 000 денари. Целта на овие мерки е да се поттикнат учениците и нивните ментори да учествуваат на натпреварите во знаење и да постигнуваат врвни резултати- истакна во своето излагање Пецаков. Градоначалникот подвлече дека од учебната 2022/2023 година за првапат во две основни училишта  во Општина Охрид: ООУ „Св.Климент Охридски“ и ООУ „Христо Узунов“, ќе отпочне да се реализира пилот-проектот „Италијански јазик во основното образование“. Факултативно изучување на  италијанскиот јазик ќе биде по два часа неделно за учениците од 5- то и 6 -то одделение. Со овој пилот –проект, на почеток ќе бидат опфатени  само последната година од одделенска настава и првата година од предметна настава( во овие две училишта), а понатамошниот  опфат  ќе оди  согласно потребите и интересот на учениците и родителите.  За учебната 2022/2023 година општина Охрид за првпат ќе додели награда и за „Првенец на генерацијата“ во основните и средните општински училишта. По изборот согласно процедурите на училиштето, директорот на училиштето доставува известување до општина Охрид по што на ученикот ќе му биде исплатена награда во вредност од 10.000 денари.          

ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ВТОРИОТ ПОВИК ЗА СОЦИЈАЛНИ УСЛУГИ ЗА ЈУГОЗАПАДНИОТ РЕГИОН

Денес во големата сала на Општина Охрид, се одржа презентација на вториот повик за социјални услуги за југозпадниот регион. Пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков. – Одржливи и квалитетни социјални услуги во локалните заедници според потребите на граѓаните  може да се реализираат со размена на искуства и практики меѓу општините, како даватели на социјални услуги,  но неопходна е и соработка  помеѓу централната и локалната  власт , но и граѓанскиот  сектор  во унапредување  на квалитетот на животот на граѓаните Развојот на локалните социјални услуги е модел кој ги обединува сите чинители на локално ниво да се вклучат во градењето на заедницата. Затоа, локалните самоуправи како први меѓу еднаквите на подрачјето на кое делуваат заедно со своите партнери од граѓанските организации се исправени пред обврската да обезбедат социјални услуги за своите граѓани. Социјалните услуги  играат клучна улога  во јакнење на отпорноста кај поединците, семејствата и заедниците , како и при поддршка  на човековиот и економскиот развој во земјата. Секој поединец или семејство заслужуваат шанса  за подобри услови за живот во заедницата. Затоа како Локална власт постојано работиме на унапредување на социјалните услуги и активности. Отворена е сензорна градина во ООУ „Григор Прличев“. Го поддржуваме  првиот регионален  саем на социјални претпријатија од југозападниот регион.  Општина Охрид додели стипендии на редовни ученици, студенти, магистранти и докторанти на лица со ретки болести и посебни потреби. Објавивме повик  за финансиска поддршка  за центар кој згрижува и третира деца со атипичен развој. Поддршката е наменета за деца  кои потекнуваат од социјално загрозени семејства. Објавен и спроведен е јавен повик  за прибирање проектни идеи  на здруженија на граѓани од областа на социјалната заштита. Тековен е проектот што општината го работи заедно со УНДП преку кој се ангажирани 9 образовни асистенти во рамки на средните училишта. И понатака ќе работиме на унапредување на социјалната политика на општина Охрид, за чија успешност е неопходна соработка со централната власт и граѓанскиот сектор – истакна во своето обраќање Пецаков. На презентацијата беше претставен Проектот за подобрување на социјалните услуги (ППСУ) како еден од инструментите на поддршка во успешното реализирање на сеопфатна социјална реформа, која има за цел зајакнување на човечкиот капитал, намалување на сиромаштијата и подгнување на квалитетот на животот во земјата. Носител на проектот е Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Светска банка.            

ТЕРИТОРИЈАЛНАТА ПРОТИВ ПОЖАРНА ЕДИНИЦА ОД ОХРИД ДОБИ ДОНАЦИЈА ОД ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ

Територијалната против пожарна единица од Охрид, од денес на располагање има и спасувачки систем за стабилизирање и подигнување при елементарни непогоди и комплексни сообраќајни незгоди и сет за спасување со поплави. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување истакна дека со опремата се овозможува полесно справување со елементарните непогоди во општината. – При крај сме со набавка на теренски противпожарни возила заедно со пумпи, за 14-те републички сили за справување со пожари. Целта е да сме што поподготвени да се справуваме со пожарите кои секоја година се во поголем број, рече Максути. Градоначалникот Кирил Пецаков се заблагодари за донацијата и истакна дека таа е доста значајна за градот. – Верувам и убеден сум дека ова ќе ја зголеми ефикасноста противпожарната единица. Сметам дека во иднина треба многу повеќе да вложуваме за да имаме максимално спремни противпожарни единици, кои ќе можат да реагираат во истиот момент кога ќе е потребно. Како Општина Охрид во изминатиот период почнавме да вложуваме во пожарната посебно во оспособување на возила кои не функционирале претходно, а секако дека и во наредната година ќе го зголемиме тој дел од помошта за ТППЕ и зголемување на капацитетите и сите оние работи кои се потребни за нормално функционирање, рече Пецаков. Борко Јанкулоски командир на ТППЕ Охрид забележа дека донацијата ќе ја подобри технички институцијата, каде недостасувале седум пожарникари, како и дополнителна опрема, со која според него, ќе заличи на европска пожарна. Ваква опрема доби и Територијалната противпожарна единица од Струга.            

ЗАПОЧНУВА СО РАБОТА ГРАДСКИОТ БАЗЕН „АТИНА БОЈАЏИ“

Од денес започнува со работа Градскиот базен „Атина Бојаџи“, на кој неодамна се изврши реконструкција. На пригодната свеченост свои обраќања пред приустните имаа градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и директорот на ЈП „Блијанини Извори“ , Теодор Андоноски. – Навистина е неописливо чувството повторно да се слушне детски џагор на Градскиот базен „Атина Бојаџи“. Денеска сме овде присутни да го означиме почетокот на функционирањето на градскиот базен, каде охридските пливачки школи ќе одржуваат часови за најмладите. До овој момент пријавени се околу 300 деца, од кои едни ќе се учат да пливаат, додека други ќе ги усовршуваат пливачките техники. Како Локална самоуправа успеавме за кратко време да го санираме базените, односно да се обојат коритата на олимпискиот и детскиот базен. Реконструкцијата на базенот е инвестиција на Општина Охрид и ЈП „Билјанини извори“, следната година ќе има дополнителни инвестиции во уредувањето на просторот околу базенот. Уредени се и трибините кои беа во распаѓање. Сето ова се прави првенствено за пливачките школи да може да тренираат бидејќи пливањето е еден од најдобрите спотови за развој на нашите деца. Охрид порано бил расадник на млади и успешни пливачи, а нашата цел е тоа да се возобнови. За прв пат Охрид после 20 години ќе биде домаќин на Државно првенство во пливање на кое покровител е Општина Охрид. Од 15 до 18 јули ќе се организира првенство на кое ќе настапат најдобрите пливачи од Македонија, за сите генерации. На тоа првенство ќе можат да остваруваат резултати кои во иднина ќе може да ги користат за добивање стипендии и тајминзи за настапи на европски и светски првенства. Во јули отворениот базен „Атина Бојаџи“ ќе биде домаќин и на Меѓународен митинг на кој ќе настапат пливачи од Србија, Бугарија и Македонија, во организација на Пливачкиот клуб „Аква спирит“, рече градоначалникот Пецаков. На крај од своето обраќање, градоночалникот испрати порака до пливачите. – За крај, како долгогодишен спортист, сакам да испратам една порака до сите оние кои денес за прв пат ќе се сретнат со пливањето, но и до оние поискусните. „Никогаш, ама никогаш немојте да се плашите да изгубите. Единствен начин да докажете дека сте добри во спортот е да изгубите и со кренати глави да го поднесете поразот. Бидејќи тоа ќе ви укаже каде грешите и каде треба да се подобрите. Надградувајте се постепено и успехот ќе биде неизбежен“, заврши градоначалникот. Директорот на ЈП „Билјанини извори“ , изрази благодарност до Локалната самоуправа и градоначалникот што пронајдоа можност за краток временски период да се изврши неопходната реконструкција на градскиот базен и им посака успешно фунцкионирање на пливачките школи.          

ОДРЖАНА КОНФЕРЕНЦИЈАТА „ГРАДИМЕ МОСТОВИ КОН ЗАЕДНИЧКА ИДНИНА ОД СОСЕДИ КОН СТРАТЕШКИ ПАРТНЕРИ“

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков денеска во Општина Охрид ги прими и им се обрати на учесниците на конференцијата  „Градиме мостови кон заедничка иднина: од соседи кон стратешки партнери“ што изминативе неколку денови се одржуваше во Охрид во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“ , а со поддршка на Општина Охрид и Центарот за европски студии  „Филфрид Мартенс“ од Брисел.  Учесниците на конференцијата беа  млади, талентирани, општествено одговорни лица кои  дискутираа и разменуваа искуства на теми од заеднички интерес: Регионални предизвици од влијание на надворешни актери; Дезинформации односно справување  со лажни вести; Важност од целосна евро- интеграција на земјите од регионот во насока на обезбедување  регионална стабилност.  Градоначалникот Пецаков објасни зошто е потребно одржување настани од таков тип. – Ми причинува особено задоволство, што денес сум меѓу Вас и имам можност да ги поздравам  младите, талентирани и општествено активни луѓе, стипeндисти на фондацијата „Конрад Аденауер“ кои учествуваа на конференцијата „Градиме мостови  кон заедничка иднина: од соседи  кон стратешки партнери“ што деновиве се одржуваше во Охрид. Ме радува фактот што   младите дискутираа и разменуваа искуства на теми кои  се од заеднички интерес,  како регионални  предизвици  од влијание на надворешни  актери, дезинформации односно  справување со лажни вести, како и важноста од целосна евро- интеграција на земјите од регионот во насока на обезбедување регионална стабилност. Ваквите средби се  доказ дека и покрај одредени политички прашања,  научните и образование достигнувања не познаваат граници и ги рушат сите бариери. Младите се тие на кои иднината  и  Светот остануваат и вакви средби се од големо значење во надминување на различностите и градење  Европска иднина. Јас се надевам дека прошетавте и ги видовте убавините на Охрид, градот кој заедно со Охридското Езеро како ретко и светски   важно  културно наследство  е под заштита на УНЕСКО. Овде, во Охрид , на секој чекор може да се почувствува  чудесниот спој на остатоците на цивилизациите  и природните реткости, амбиент кој континуирано  опстојува 7 илјади  години. Тука ве поздравувам и се надевам дека ќе има и наредни убави поводи повторно  да дојдете и да бидете гости  во нашиот убав  Охрид—рече градоначалникот Пецаков. На настанот се обрати и директорот на Фондацијата „Конрад Аденауер “во Македонија, Даниел Браун. Учесниците на конференцијата се стипендисти на фондацијата, а предавачи беа докажани експерти во релевантните области.          

ПРОТОКОЛАРНА СРЕДБА ПОМЕЃУ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ И ЗАМЕНИК АМБАСАДОРОТ НА АВСТРАЛИЈА АНДЕРСОН

Заменик амбасадорот на Австралија во Амбасадата во Белград, што ја покрива и Македонија, Филип Андерсон заедно со почесниот конзул на Австралија во Македонија, Зоран Костовски остварија протоколарна средба со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. На средбата разговараа за интензивирање на соработката, особено со збратимениот град Волонгог и со Квинбеин со кого Охрид има потпишано протокол за соработка. Заменик амбасадорот изрази задоволство да учествува во процесот на интензивирање на комуникацијата и соработката. Градоначалникот Пецаков, ги запозна гостите со културно – историските знаменитости на градот и со богатата историја со што се отвора поле за соработка во повеќе области помеѓу Охрид и Австралија. Заменик амбасадорот Андерсон го увери градоначалникот дека е заинтересиран да придонесе во развој на соработката во бизнис сферата, образованието и туризмот, со оглед на фактот дека во охридскиот регион има многу бизнисмени повратници од Австралија, но и жители од регионот кои мигрирале во Австралија. Како идеја произлезе отворањето на канцеларија за комуникација и соработка со Австралија која би се отворила во Охрид. Градоначалникот и Заменик амбасадорот се обврзаа активно да учествуваат во стимулирањето на невладините организации од Охрид што помасовно да испраќаат проекти за финансирање на повикот што во следниот период ќе го објави Амбасадата.