Ohrid.gov.mk

ДОДЕЛЕНИ ДИПЛОМИ И ПРИЗНАНИЈА НА НАЈДОБРИТЕ МЛАДИ МАТЕМАТИЧАРИ

Градоначалникот Кирил Пецаков денеска на пригоден настан кој се одржа во големата сала на Општина Охрид ги додели дипломите и признанијата на најдобрите млади математичари од Охрид.  Во своето поздравно обраќање пред присутните градоначалникот упати честитки до сите наградени ученици со желби за уште поголеми успеси во иднина. Тој истакна дека Општина Охрид секогаш ќе биде подготвена да ги поддржи и да ги мотивира сите ученици кои остваруваат исклучителни образовни успеси, како и сите активности кои придонесуваат за подобрување на условите во наставниот процес. Дипломите и признанијата се доделуваат од страна на Здружението на математичари од Охрид, врз основа на постигнатите резултати од регионален и државен натпревар по математика за учениците од основно и средно обазование за учебната 2021/2022 година. Дипломи и признанија добија вкупно 54 ученици од сите нивоа на образование. Сертификати за успешно менторство беа доделени на сите наставници и професори кои  биле анагажирани како ментори на наградените ученици.          

ЧЕСТИТКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА СВЕТИТЕ КИРИЛ И МЕТОДИЈ

По повод 24.Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, градоначалникот Кирил Пецаков упати празнична честитка. –Светите браќа Кирил и Методиј имаат бесценето историско, духовно и културолошко значење за македонскиот народ и за сите народи кои имаат старословенско потекло. Нивната мисија за ширење на христијанската мисла и нивните дела претставуваат неисцрпна инспирација за човештвото и целокупниот цивилизациски напредок. Со создавање на словенската азбука – глаголицата, овие светители ги поставија темелите на просветителството и ни го дадоа најважниот патоказ кон иднината. Затоа како нивни горди потомци треба посветено да го продолжиме аманетот за ширење на писменоста, зачувување на идентитетот и препознатливите културни вредности.  Денешното потсетување на нивниот творечки пат и неизмерната љубов кон Бога нека одекне силно и нека биде водилка во борбата за подобар живот за нашите поколенија. Вечно нека е името на светите браќа Кирил и Методиј, нека ни е честит и вековит денот на македонските и сесловенските просветители, стои во честитката на градоначалникот Кирил Пецаков.          

ЧЕСТИТКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ЗА НАЦИОНАЛНИОТ ДЕН НА ВЛАСИТЕ

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков  упати честитка до припадниците на влашката етничка заедница  по повод 23 Мај, Националниот празник на Власите –Почитувани сограѓани, припадници на влашката етничка заедница ми претставува особена чест да ви го честитам Националниот ден на Власите  со желба за добро здравје, љубов и среќа во Вашите семејства. Придонесот на влашката заедница во Република Македонија е сеприсутен и значаен за севкупниот општествен живот на земјата. Власите во Македонија, се составен дел од историјата и нераскинлив дел од сегашноста и иднината на државата. На овој ден  ја одбележуваме посебноста на Власите како дел од нашето мултиетничко општество и почитта кон влашката традиција, култура и историја. Меѓусебното почитување и  негување на  културата, обичаите и традициите од различните етнички заедници отсекогаш било приоритет во нашето мултиетничко општество. Така  ќе биде и во иднина.  Заедно и сложно ќе работиме за подобра иднина на сегашните и идни генерации во развиена и просперитетна држава – стои во честитката на градоначалникот Пецаков, по повод Меѓународниот ден на Власите.

ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ ОПШТИНА ОХРИДИ И ГРАДЕЖНИОТ ФАКУЛТЕТ ОД СКОПЈЕ

Градоначалникот, Кирил Пецаков и деканот на  Градежниот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје проф. д-р  Златко Србиноски, денеска во Охрид  потпишаа меморандум за соработка. Според потпишаното двете страни  се обврзаа на развој на стратешки документи, студии, анализи и трансфер на знаење од областа на градежништвото, хидротехниката, геодезија и геотехничкото    инженерство.   Соработка во реализација на заеднички проекти од различни сфери на интерес на двете страни и нивно аплицирање  пред домашни, европски и други фондови за финансирање на проекти. Организирање и реализација на практична настава  и овозможување на кариерно  унапредување за студентите  од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – Градежен факултет. Стипендирање на студенти  од прв и втор циклус  на студии чие поле  на интерес е во делокругот  на работа на втората страна потписничка. Соработка при дефинирање  на теми за дипломски, магистерски  и докторски трудови  во рамките на образовниот процес на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – Градежен факултет, а кои се во интерес  на потписниците. Различни облици на научна, истражувачка и техничка помош. Воспоставување на контакти и презентација на договорените страни пред домашни и странски субјекти. Организирање на тркалезни маси и размена на искуства. Според  потпишаниот Меморандум , активностите и соработката не предизвикуваат никакви финансиски импликации  и ги почитуваат правилата и прописите воспоставени од страните потписнички.          

МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ПО ПОВОД 75 ГОДИНИ-ИНСТИТУТ ЗА ПЕДАГОГИЈА

Во организација на Институтот за педагогија при Филозовскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ денеска започна Меѓународната конференција „75 година Институт за педагогија-Воспитно образовни предизвици и перспективи“ која до 18-ти мај ќе се одржува во Охрид. Во своето поздравно обраќање пред присутните градоначалникот Кирил Пецаков упати големо признание до организаторите за целокупниот придонес, како најстара високообразовна институција за едукација на педагози, наставници и воспитувачи во нашата држава. – Одржувањето на овој академски собир токму во Охрид има голема симболика, затоа што ова е центар на словенската писменост и култура. Ова е духовно светилиште на Свети Климент и Свети Наум, дом на ловороносецот Григор Прличев и град кој низ својата долговековна историја израснал повеќе личности кои играле важна улога во афирмацијата на просветителството и оставиле белег на своето време. Педагогијата е најблагородната наука, бидејќи таа е темелот и расадникот на сите други науки и на сите други професии. Во животот на секој голем доктор, правник, инженер, научник, уметник или политички лидер, постои барем еден учител, кој оставил значајна трага, кој бил мотив и патоказ кон остварување на соништата. Сите ние треба да им оддаваме посебна почит на нашите учители, затоа што тие ја имаат најголемата заслуга за она што сме денес, тие не научија да чекориме кон успехот и да бидеме најдобрата верзија од себе.  Учителот е нашиот прв авторитет по нашите родители и има голема заслуга за нашето воспитание, поведение и нашето знаење. Учителот е збир на мудрост, дисциплина и емпатија. Учителот е интелектуален и духовен водич кој дава мотивација и инспирација за младите умови да растат и да го достигнат својот потенцијал. Се надевам дека на оваа конференција ќе бидат разменети значајни искуства од воспитно образовната политика и дека истата ќе придонесе за развој на нови и современи педагошки мерки, истакна Пецаков во своето обраќање. Тој ги покани високите гости на конференцијата да ги запознаат и да уживаат во уникатните туристичките потенцијали кои ги поседува Охрид. – Охрид е скапоцен бисер не само за нашата држава туку и за целиот свет, па затоа неговото природно и културно богатство е под закрила на УНЕСКО. Охрид е една жива разгледница и вистинска привилегија е можноста да се доживеат сите негови убавини. Затоа Ве поканувам, вашиот престој тука да го искористите за посета на впечатливите културни знаменитости и да уживате во сите природни убавини на нашиот град, потенцираше Пецаков. Од страна на Институтот за педагогија на градоначалникот Пецаков му беше врачена плакета во знак на благодарност за поддшката на настанот. Во рамки на Меѓународната конференијата ќе бидат презентирани 123 апстракти од страна на 202 автори, од вкупно 21 држава. Целта на конференцијата е афирмација и промоција на педагошката дејност пред пошироката академска јавност, како и создавање можност за продлабочена соработка со универзитетски професори, образовни експерти, истражувачи, едукатори, практичари и студенти од различни земји.          

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ОСТВАРИ СРЕДБА СО АМБАСАДОРОТ НА СЛОВЕНИЈА ВО МАКЕДОНИЈА МИЛАН ПРЕДАН

Градоначалникот Кирил Пецаков, денес имаше средба со амбасадорот на Словенија во Македонија, Н.Е. Милан Предан. На средбата се разговараше за политичко-економската ситуација во Македонија, а посебно за актуелната состојба на Општина Охрид и работењето на локалната самоуправа. Градоначалникот Пецаков го информира словенчкиот дипломат за тековните активности и проекти кои ги спроведува Општина Охрид и за очекувањата од престојната туристичка сезона. Амбасадорот Предан изрази подготвеност, Словенија преку CMSR – Центарот за меѓународна развојна соработка да донира средста во висина од 140 илјади евра на ЈП “Водовод“ за филтри за пумпни станици. Соговорниците се согласија дека Општина Охрид има одлична соработка со Амбасадата на Словенија и дека постои простор таа да се зајакнвуа и продлабочува.          

ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ

Со низа настани, денес, се одбележа Меѓународниот дена на физичката активност. Ученици од сите општински основни и средни училишта учествуваа во одбележувањето. Градоначалникот ги поздрави присутните и организаторите, потенцирајќи ја неопходноста од секојдневата физичка активност. – Уште од античко време е позната максимата „Во здраво тело, здрав дух“, што ја отсликува посакуваната оптимална здравствена состојба на секој поединеци укажува на неопходноста од сејдневната физичка активност. Токму денес на Меѓународниот ден на физичката активност, Општина Охрид и Сојузот на училишен спорт Охрид, ја организираат оваа манифестација, за да ја поттикнат физичката активност и спортот кај најмладите, но и кај повозрасните, рече градоначалникот Кирил Пецаков. За почеток присутните ученици се загреваа со аеробик, а ревијални натпревари се одгираа во футсал, баскет, пинг понг, велосипедизам, одбојка, шах. Потоа едрење и кајак во организација на ЕК „Акватика“ и КК „Стрмец“, а дел од учениците од средните училишта планинареа заедно со Жанко Голабоски и шампионот во планинско трчање Дејан Ангелоски.            

ГОЛЕМА ДЕТСКА ТРКА ВО ОХРИД

Околу 500 првооделенци од сите охридски основни училишта беа дел од големата Детската трка која се одржа денеска на стадионот „Билјанини извори“ во организација на „Охрид ТрчаТ“. Спортската манифестација чија цел е да ги промовира спортските навики кај најмладите и да ја подигне свеста за поголема физичка активност, беше поддржана од Делегацијата на ЕУ во нашата држава и од Општина Охрид. Официјалниот слоган на трката беше „Run and be GREEN“.  Трката за отворена ја прогласи градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков. – Овој прекрасен ден за мене носи тројна радост, најпрво како родител кој е тука да го бодри своето дете, како спортист кој ужива во ваква неповторлива спортска атмосфера и како градоначалник кој е неизмерно горд што неговиот град од година во година прераснува во спортски центар, што организира вакви спортски манифестации. Спортот дава мотивација и храброст и не збогатува со доблести кои се важни за развојот на една личност. Ова е еден од ретките настани кои имаат за цел да го промовираат спортот и здравите навики кај децата уште од најрана возраст, па затоа заслужува вистинско внимание и поддршка. Благодарам на посветениот тим на „Охрид ТрчаТ“, кои со многу љубов и внимание ги планираале и ги организирале сите детали, за градскиот стадион да изгледа вака како што изгледа денеска. Упатувам благодарност до Делегацијата на Европската Унија за поддршката на овој настан и до сите верни покровители. Оваа можност ја користам да го честитам Денот на Европа со единствена порака дека преку градење на здрави животни навики може да имаме здрава и напредна младина, која ќе може да го продолжи нашиот пат кон посветла иднина, во мир и толеранција. Општина Охрид и во иднина ќе продолжи да ги поддржува сите вакви проекти кои го јакнат спортскиот дух кај најмладите. Преку слоганот на овој настан испраќаме и важна порака за зачувување на животната средина, што е од особено значење за нашиот регион кој изобилува со уникатна природа која сите заедно мораме да ја заштитиме. Но денеска тука најважни сте вие драги дечиња! Денеска сите вие сте наши победници! Вашиот весел џагор е нашата сила! Ви посакувам секогаш да бидете вака радосни и насмеани! Трчајте, спортувајте, дружете се! Детството нека ви биде исполнето со среќни и незаборавни мигови, кои ќе бидат ваш мотив за многу успеси и ќе ве водат кон нови животни предизвици. Секогаш ќе ја имате мојата добра мисла и поддршка, рече градоначалникот во своето обраќање. Детската трка немаше напреварувачки караткер, а сите учесници добија приананија за своето учество. Трката е дел од организацијата на овогодинешното издание на атлетскиот викенд „Охрид ТрчаТ“ што од 3-ти до 5-ти јуни ќе се одржи во Охрид.          

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ОСТВАРИ СРЕДБА СО ЗАМИНИК АМБАСАДОРТ НА КРАЛСТВОТО ХОЛАНДИЈА РОБЕРТ ДЕКЕР

Градоналаникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, оствари средба со заменик амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија Н.Е. Роберт Декер. Тема на разговор беше продлабочување на соработката во областа на туризмот. Потенцирано беше дека традицонално Охрид и Кралството Холандија имаат добра соработка во туризмот. Градоначалникот ги запозна гостите со плановите за развој на градот и унапредувањето на услугите во туризмот.  Се разговараше и за организирање на промотивни активности во Кралството Холандија со цел доближување на убавините и туристичката понуда на Охрид до холандските туристи. На средбата се зборуваше и за организирање средби помеѓу туристичките работници од Охрид и Холандија со цел разменување на искуства, особено во развојот на алтернативниот туризам. Градоначалникот го запозна заменик амбасадорот и со процесот на спроведување на препораките од УНЕСКО и за идните чекори кои градот ќе ги презема во оваа насока. Заменик амбасадорот изрази поддршка во намерата за зачувување на статусот во УНЕСКО. По завршуање на средбата, заменик амбасадорот оствари средба со туристичките работници од Охрид и со претставници на ХОТАМ.            

СЕМИНАР ЗА ЗАШТИТА НА УРБАНИТЕ ЈАДРА СЕ ОДРЖУВА ВО ОХРИД

Во организација на „Sites & Cites“ од Франција, во Охрид, денес, се одржува семинар на темна „Заштита на урбаните јадра“. Присутните ги поздрави градоначалникот Кирил Пецаков. – Заштитата на урбаните јадра е клучна обврска, но тоа не треба да подразбира ставање крај на развојот на градот. Сето ова треба да биде една симбиоза за да се создаде одржлива иднина за градот и идните генерации. Клучна обврска на менаџментот на еден град, од една страна треба да биде заштитата на културно – историските знаменитости и животната средина, а од друга страна подеднакво важно е и градењето и развивањето на градот со цел креирање иднина за младите. Заштитата и одржливоста на градските јадра не смее да се сведе на обврска само на надлежните градски институции. Во неа мора дел да бидат и државните институции, а особено тоа мора и треба да биде обврска на секој поединец, чинител на живеењето во еден град. Во безброј случаи, институциите се немоќни да го превенираат и заштитат градското јадро, онолку пати колку што локалното население може да го уништи. Затоа велам дека исклучително важен е придонесот на секој поединец. Од големо значење е одржувањето на токму вакви настани, каде може да се разменат искуства и идеи кои успешно се спровеле во други градови. Токму преку размената на искуствата можеме да ја унапредуваме заштитата и одржливоста на градските јадра, истакна градоначалникот Пецаков. На семинарот учество зедоа заменик градоначалникот на Елбеуф од Франција, градоначалникот на Битола, претставници на Француската и Албанската амбасада, претставници на Министерствата за култура од Македонија и Албанија. Свои презентации имаа општините Кавадарци, Куманово, Велес, Битола, Берово, Кавадарци, Кратово, Куманово, Охрид, Штип, Берат и Елбасан.