Ohrid.gov.mk

ОХРИД СЕ ПРЕТСТАВИ НА САЕМОТ ЗА ТУРИЗАМ ВО БЕЛГРАД

Денеска,  во рамки на Самот за туризам што  по 43-ти пат се  одржува во Белград- Србија беа презентирани туристичките вредности  на Охрид  и новините на туристичката понуда. Пред  учесниците на Саемот и српските туристички работници за  туристичките вредности и потенцијали на Охрид зборуваше градоначалникот, Кирил Пецаков.   – Верувам дека Охрид како најголем туристички центар во Македонија,е  неизбежен и значен дел од вашите бизнис планови и дестинација која перманентно се наоѓа во вашите понуди. Ние сметаме дека Белградскиот саем е вистинското место каде ќе ги претставиме новините во туристичката понуда на Охрид. Убеден сум, дека голем дел од вас се прошетале низ Охридската чаршија, низ старите камени охридски сокаци, сте ја почуствувале свежината на Охридското Езеро на некоја од неговите плажи, а во вечерните часови сте уживале во пријатната музика на охридските трубадури. Традицијата и достигнувањата на генерациите пред нас се наша неизмерна инспирација, која ни дава сила и искрена волја да го развиваме туризмот во Охрид, како наша најсилна економска гранка. Горди сме што во континуитет ја подобруваме туристичката понуда, а постојано ги следиме светските трендови и затоа покрај постоечките, креираме и нови облици на алтернативен туризам. Изготвуваме и заеднички проекти со соседните земји, со што на туристичките работници им овозможуваме да понудат нови пакети и кружни тури и ќе се побуди интересот на гостите од целиот свет. Охрид и Охридското Езеро, како заштитено културно и природно наследство се на светската листа на УНЕСКО. Таквиот статус не афирмира во светот, но не обврзува крајно рационално да ги користиме заштитените природни ресурси и да обезбедиме одржлив развој на туризмот, препознатлив во светот. Ние знаеме како да го направиме тоа и да обезбедиме хармоничен и компатибилен спој на повеќе типови на туризам, со кои ќе ја збогатиме туристичката понуда, ќе ја продолжиме туристичката сезона и ќе го зголемиме економскиот бенефит. Заедно со професионалците од туристичкиот бизнис, упорно работиме на промоцијата на Охрид и заедно се радуваме кога ќе слушнеме дека некоја асоцијација или познат медиум не вреднува во врвот на светските топ – дестинации што треба да се посетат.Драги пријатели една стара изрека на охридските угостители вели дека ако сакаш пристојни гости, тогаш тоа треба да бидат од Западна Европа, но ако сакаш пристојни гости, весела атмосфера и полн џеб, тогаш тие мора да бидат од Србија. Оние кои биле во Охрид, велат дека таму има нешто што силно ве тера повторно да му се навраќате на градот и езерото или со зборовите на нобеловецот Иво Андриќ: – Секоја убавина во Охрид, кратко трае, но се повторува безброј пати. Затоа драги пријатели, Ве повикувам – Дојдете ни во Охрид! –   подвлече градоначалникот Пецаков.    Самот  за туризам во Белград  се одржува по пауза од две години, поради Ковид кризата.  Годинава на него  учествуваат 250 туристички организации од 43 земји.                  

СВЕЧЕНО ПОТПИШУВАЊЕ НА ДОГОВОРИТЕ ЗА КОФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ ВО РАМКИ НА „ЕУ ЗА ОПШТИНИТЕ“ И „ПРЕКУГРАНИЧНА СОРАБОТКА“

На пригодна свеченост, денес, градоначалникот Кирил Пецаков, го потпиша договорот за кофинансирање на проекти во рамки на програмата „ЕУ за Општините“ и „Прекугранична соработка“. Општина Охрид преку програмата „ЕУ за Општините“ го реализира проектот „Ohrid GO“ кој е  во вредност од 716.766,00 eвра, а партнери на проектот се Општина Воден од Грција и Стелар Солушнс од Скопје. Договори за соработка  потпишаа 19 општини, од кои 8 општини во  рамки на програмата „ЕУ за Општините“, а 11 општини во рамки на програмата за „Прекугранична соработка“. По завршување на свеченоста се одржа панел дискусија на тема „Општинска дигитализација“ и „Прекугранични предизвици за локалните власти и поглед на ИПА III“.            

СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ СО ПРЕТСТАВНИЦИ НА „КОНРАД – АДЕНАУЕР“

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска оствари протоколарна средба со  официјалниот претставник на германската    фондација „Конрад- Аденауер”, Даниел Браун и проект менаџерот во Македонија,  Давор Пашоски. Целта на средбата беше    запознавање на германската делегација  со тековните и планирани проекти на  локалната самоуправа и проблемите со кои се соочува. Заеднички беше заклучено дека средбата ќе биде поттик за воспоставување активна соработка и силно партнерство помеѓу Охрид и Фондацијата „Конрад Аденауер“ преку заеднички активности кои ги промовираат демократските вредности, зaедништво и солидарност со цел градење на уште поубав и поразвиен град.          

ВТОРА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЈУГОЗАПАДНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков присуствуваше на втората  седница на Советот за  развој на Југозападниот плански регион што денеска се одржа во Струга. На дневен ред беа повеќе точки меѓу кои  Разгледување на годишните сметки за работење на центарот за развој на Југозападниот плански регион во 2021 година и за проектот  „Одржлив  и инклузивен рамномерен регионален развој- прва фаза на спроведување“. На средбата се разгледуваше информацијата за Грантова шема во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – втора фаза на спроведување“. Се дискутираше и  за повикот за регионални проекти за развој на планските региони  преку Програмата  за регионален развој 2022   -23 година на Бирото за регионален развој, а на дневен ред беше и информацијата за тековна реализација на регионалните проекти финансирани преку  Програмата за регионален развој 2021-22 година . Во вториот дел од седницата  се одржа презентација за легислативата за изработка и донесување на Просторниот План  на РСМ  од страна на Министерството за животна средина  и просторно планирање  и презентација на методологијата и видови на документи потребни како документациска  основа за изработка на ППРСМ од страна на Агенцијата за планирање на просторот. Покрај Охридскиот градоначалник Пецаков, на настанот присуствуваа и градоначалниците од општините: Вевчани, Дебар, Дебрца, Кичево, Македонски Брод,  Пласница,  Струга и Центар Жупа,  како и претставници од невладиниот  и бизнис сектор.           

АНГАЖИРАНИ НАСТАВНИЦИ ПО ФИЗИЧКО И ЗДРАВСТВЕНО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ЧЕТВРТО И ПЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ

Градоначалникот Кирил Пецаков, денеска, им ги врачи договорите за ангажирање на осум наставници по физичко и здравствено образование кои како тандем наставници ќе треба да ја реализираат наставата по ФЗО за четврто и петто одделение. Согласно законот за основно образование овие две генерации не се опфатени со тандем наставник по ФЗО, па затоа Општина Охрид преку сопствени средства во соработка со Сојузот за училишне спорт Охрид ангажира наставен кадар по ФЗО со цел и овие две генарации да бидат опфатени и часовите да  бидат реализирани од стручен кадар, односно од наставници по ФЗО. Општина Охрид е прва општина во државата што има добие позитивно мислење од Бирото за развој на образованието за реализација на ваков проект.        

ДЕЛЕГАЦИЈА ОПШТИНА ОХРИД ОСТВАРИ СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЈАЛОВА

Во рамки на работната посета на Република Турција, делегацијата на Општина Охрид, предводена од градоначалникот Кирил Пецаков и претседателот на Советот на Општина Охрид Сашо Донев, денес, оствари средба со градоначалникот на збратимениот град Јалова, Мустафа Тутук. На средбата беше разговарано за актуелни теми, како и за продлабочување на соработката помеѓу збратимените општини. Беа разменети мислења за туризмот и предизвиците со кои се соочува настанати како последица на кризните временски неприлики, а беа разменети и идеи за нивно надминување и привлекување на туристи за претстојната туристичка сезона. Беше разговарано и за размена на искуства во областа на образованието. Инаку ова е прва официјална посета на градоначалникот Кирил Пецаков во Република Турција.            

ДЕЛЕГАЦИЈА НА ОПШТИНА ОХРИД НА СРЕДБА СО ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА УНИЈАТА НА ОПШТИНИ

Делегација на Општина Охрид, предводена од градоначалникот Кирил Пецаков, денес, во Истанбул, Република Турција, оствари средба со генералниот секретар на Унијата на Општини, Фахри Солак. На средбата се разговараше за продолжување на добрата соработка со Општина Охрид и продлабочување на соработката во туризмот. Се разменуваа мислења за организирање на промоција на Охрид во Република Турција. Разговарано беше и за размена на вработените од општинската администрација во делот на туризам со други туристички развиени општини од Република Турција. Исто така беа разменети искуства и во други области и беше разговарано за реализација на заеднички проекти. Унијата има 30 земји членки со повеќе од 1000 општини.            

СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ СО МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА БИСЕРА КОСТАДИНОВСКА – СТОЈЧЕВСКА

Работна средба помеѓу градоначалникот Кирил Пецаков и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, се одржа денес во кабинетот на градоначалникот. На средбата градоначалникот и министерката разговараа за меѓусебната соработка, особено во делот што се однесува на УНЕСКО, како и за подобрување на комуникацијата помеѓу сите засегнати институции и организации. Градоначалникот ја запозна министерката со тековните проекти кои се одвиваат во градот, како и за активното учество на Општина Охрид во изработката на трите планови за Охрид и за процесот со дислокација на депонијата „Буково“. Заедно беше констатирано дека веќе воспоставената добра соработка помеѓу Локалната самоуправа и Министерството мора да продолжи во интерес на градот.            

УЧЕНИЦИТЕ ОД ООУ „ГРИГОР ПРЛИЧЕВ“ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНАТА

Третоодделенците од ОУ „Григор Прличев“ денес беа во посета на Општина Охрид.   Градоначалникот Кирил Пецаков ги пречека,  по што во големата општинска сала ги запозна со начинот на функционирање на локалната власт, статутот и симболите на општината, а одговараше и на бројните прашања од  младите гости. Посетите на ученици во Општина Охрид е согласно наставната програма што тие ја изучуваат по предметот општество.            

ЗА ПРВ ПАТ ДОДЕЛЕНИ СТИПЕНДИИ НА ЛИЦА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ И ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ВО ОПШТИНА ОХРИД

На пригоден настан кој се одржа денеска, градоначалникот Кирил Пецаков ги додели договорите за стипендирање на ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби, кои учат и студираат во државни и приватни училишта односно универзитети. Вакви стипендии се воведени за прв пат во Програмата за социјална и здравствена заштита на Општина Охрид и се финансирани од општинскиот буџет. Градоначалникот Пецаков во своето обраќање пред присутните истакна дека оваа поддршка значи почеток на една поголема соработка и обезбедување на подобри социјални услови за лицата со ретки болести и посебни потреби како и за нивните семејства.  Тој објасни дека Општина Охрид во согласност со можностите и законските регулативи за социјална заштита континуирано обезбедува поддршка на здруженијата и иницијативите за поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството и дека ваквата поддршка ќе продолжи и во иднина. Иницијатор на воведувањето на оваа нова категорија стипендии е здружението ,,Ретко е да си редок’’. Претседателката на здружението Гордана Лолеска искажа голема благорност до градоначалникот Пецаков за соработката, за покажаниот интерес и прифаќањето на иницијативата. Таа изрази надеж дека оваа мерка на охридската локална самоуправа ќе служи како пример за останатите општини во државата, во насока на помош и поддршка за лицата со ретки болести и посебни потреби. Оваа година ќе се исплаќаат вкупно 31 стипендија во оваа категорија. Стипендиите за ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби се доделуваат по претходно распишан конкурс за период од 9 месеци во учебната 2021/22 година. Месечниот износ на стипендијата е 1500 денари за ученици и 3000 денари за студенти. Општина Охрид како дел од програмата за образование и оваа година обезбеди стипендии за ученици од основните и средните училиштa како и редовни студенти запишани на додипломски студии во прва година.