ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ВО ОБИКОЛКА НА НЕКОЛКУ ГРАДЕЖНИ АКТИВНОСТИ ВО СТАРИОТ ДЕЛ НА ГРАДОТ
Активности за реконструкција на плочките на улицата „Климентов Универзитет“ се одвиваат деновиве. Градоначалникот Кирил Пецаков, изврши увид на градежните зафати, кои ги извршува фирмата „Бокоп“. Предвидено е реконструкција на плочките да се изврши на повеќе локации низ Стариот дел на градот каде има потреба. На улицата „Бранко Шотра“ активностите за изведување на нова водоводна линија завршија. Со цел подобрување на квалитетот во водоснабдувањето, се постави нов цевковод од полиетиленски материјал во должина од 66 метри, вклучувајќи и поединечно преприклучување на сите објекти од улицата во новата линија. Целосно завршија активностите фугирањето на потпорните ѕидови. Овој зафат придонесува кон превенција од оштетување и рушење на ѕидовите.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ НА СРЕДБА СО ПРЕТСТАВНИЦИ ОД ТУРИСТИЧКО – УСЛУЖНИОТ СЕКТОР
Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, денеска одржа работна средба со претставници од угостителскиот и чаршиски еснаф, ХОТАМ, Занаетчиската комора и Здружението на туристички водичи. Целта на средбата беше изнаоѓање решение за проблемот со кој туристичко- услужниот сектор се соочува откако стапи во сила Законот според кој недела е неработен ден за сите. На средбата беше заклучено дека градоначалникот ќе застане и ќе го поддржи заедничкиот официјален документ на сите даватели на туристички услуги и ќе лобира до надлежните владини институции со цел да има измени или отстапувања од Законот според кој недела е неработен ден. Измените би се однесувале за лицата кои работат во туристичко – угостителските и продажни дејности во туристичките центри во државава кои во период мај – октомври би работеле и во недела. – Во периодов што следи сите засегнати страни треба да донесат заеднички заклучок кој општина Охрид ќе го поддржи . Со него ќе се обратиме до релевантните владини институции и надлежната комисија со цел да се најде решение на проблемот што Охрид го има како туристички центар,а се однесува на неможноста да се работи во недела. Би сакал да излеземе во пресрет како општина . Лично ќе учествувам како посредник во тој процес со цел да имаме не само задоволни туристи туку и вработени лица кои се даватели на услуги во туристичката дејност. Факт е дека Охрид е посетуван град не само во туристичката сезона туку и вон неа и тоа во денот недела. Посетителите се домашни но и гости од соседството . Верувам дека со заеднички напори и засегнатите дејности, ние како општина и Владата на Република Македонија ќе најдеме заедничко решение кое ќе биде задоволувачко за сите– изјави непосредно по средбата охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков. Претставниците од различните туристичко- услужни дејности ја поздравија иницијативата на градоначалникот за денешниот состанок, тие посочија дека со законското решение недела да биде неработен ден за сите, не трпат само тие како поединечни дејности туку и градот Охрид како туристички центар затоа што посетителите кои со организирани тури доаѓаат во градов кога во недела ќе се соочат со затворени продажни места заминуваат на ручек или шопинг во соседна Албанија.
СЕ РЕКОНСТРУИРА СРЕДНОТО ЕКОНОМСКО УЧИЛИШТЕ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“
Во тек се градежни работи за реконструкција СОСУ „Св. Кирил и Методиј“. Вредноста на договорот за реконструкција изнесува 9.220.000,оо денари, средства одвоени од буџетот на Општина Охрид. Градоначалникот Кирил Пецаков, денес, беше во посета на училиштето. Согласно проектот предвидено е поставување на термо фасада, замена на кровот, санација на внатрешните простории, електрични работи и замена на осветлувањето во спортската сала. – За втората фаза обезбедена е проектна документација за промена на начинот на загревање на училишето, наместо на нафта ќе се затоплува со топлински пумпи и трет дел со што ќе се заокружи реновирањето на училиштето ќе има партерното уредување на дворот со што ќе добие нов лик. Како дел од реконструкцијата ќе се обнови и старата и дотраена електрична инсталација, рече градоначалникот Пецаков. Предвидено е во текот на оваа година да се отпочне со реконструкција на три училишта „Христо Узунов“, „Братство Единство“ – Лескајца и „Св. Наум Охридски“- Пештани.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ СО ПОДДРШКА ЗА ЛИЦАТА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ
По повод месецот на ретки болести, градоначалникот Кирил Пецаков денеска оствари средба со Гордана Лолеска, претседателка на здружението ,,Ретко е да си редок“. На средбата се разговараше за поддршката која Општина Охрид ја дава за лицата со ретки болести. Годинава за прв пат во општинската програма за социјална и здравствена заштита се воведени стипендии за ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести, кои учат и студираат во државни и приватни училишта односно универзитети. Градоначалникот Пецаков потенцираше дека децата и младите од оваа категорија заслужуваат подадена рака и дека ваквите стипендии значително ќе им помогнат во остварување на поголеми образовни успеси. Тој истакна дека потегот на Општина Охрид за воведување на нова категорија стипендии, треба да служи како пример за останатите општини во државата, во насока на помош и поддршка за лицата со ретки болести. На средбата градоначалникот Пецаков и госпоѓата Лолеска обоија по една дланка како симбол на поддршка за 5% од пациентите со ретки болести кои имаат пристап до лекови, со надеж и порака дека наредната година ќе може да се обезбеди пристап до лекови за 10% од лицата со ретки болести. Инаку, Општина Охрид и оваа година активно се вклучи и ја поддржа кампањата „Ги запознаваме ретките болести 2021“ со осветлување на општинската зграда во боите на ретките болести.
ОПШТИНАТА СО ПОДДРШКА ЗА УНАПРЕДУВАЊЕТО ВО СРЕДНОТО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ
„Унапредување на средното стручно образование“ беше тема на настанот што денес се одржа во Охрид во организација на Министерството за образование и наука , a со поддршка на Општина Охрид. Во своето поздравно обраќање охридскиот градоначалник Кирил Пецаков истакна дека ја поддржува секоја промена што е во насока на општествен напредок па оттука неминовно е да се применува дуалното образование во стручните училишта со цел квалификуваните кадри да можат да се вработуваат во компании во својата земја. – Унапредувањето на средното стручно образование е тема што максимално го одвлекува вниманието на секој поединец или институција кои сакаат и се стремат кон напредок и прогрес на државата. Се тече и се се менува, а ние доколку сакаме да одиме во чекор со современиот Свет и да обезбедиме подобра иднина на нашата младина мора да ги прифаќаме промените во образовниот систем. Токму затоа Општина Охрид секогаш застанува и ги поддржува промените кои обезбедуваат поголем развој и општествен напредок. Неопходно е формалното образование да се прилагоди на потребите на пазарот на труд. Училиштата мора да продуцираат стручни кадри какви што бараат компаниите , а тоа е можно само со училишна- теоретска но и практична настава во компаниите. Моделот на дуално образование, четврта година по ред се реализира во Електро машинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“ . 196 ученици веќе се добро обучени и како квалификуван кадар може својата професија да ја започнат во некоја од партнер компаниите каде оделе на практична настава: „Костал“, „ОДВ- Електрик“, „ЛТХ – Лераница“ ,а од неодамна и во „Магна“. Во тековнава школска година дуално образование се воведе и во Државното Средно училиште „Ванчо Питошески“, а од наредната дуални паралелки ќе има и во Средното училиште “Св. Кирил и Методиј“. Јас очекувам дуалниот начин на образование да обезбеди поголема атрактивност на стручните училишта кај идните средношколци, кои ќе бидат добро обучени и професионални кадри за потребите на индустријата. Платените работни места ќе значат добра иднина за младите кои наместо да заминуваат ќе остануваат во сопствената земја.Токму затоа го поддржуваме и поздравуваме дуалниот начин на образование, и максимално во рамките на своите надлежности работиме на унапредување на средното стручно образование. Инвестираме многу средства, труд и време за унапредување на сите сфери во образованиот процес и на тој начин вложуваме во нашата иднина. Започнати се многу проекти за подобрување на условите за реализација на наставните програми. Интензивно се работи на создавање услови за изградба на нова училишна зграда во ОУ “Братство Единство“, спортска сала ќе добие ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец. Во фаза на проектирање е проектот за изградба на нов објект во ОУ „Григор Прличев“. Средното економско училиште наскоро ќе добие нова енергетски ефикасна фасада. Внатрешно и надворешно ќе се уредува гимназијата „Св. Климент Охридски“, а лифт ќе добие ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“. Со средства во вредност од околу 1 милион евра ќе се реконструираат три охридски основни училишта: „Христо Узунов“, „Св. Климент Охридски“ и „Братство и Единство“ во Лескајца. Посветено и одговорно работиме на подобрување на условите за образование на нашите деца на кои останува нашава земја- рече градоначалникот Пецаков. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој беше дел од настанот посочи дека ресорното министерство работи на подобрување на средното стручно образование. Според него се спроведува анализа за да се утврди соодветноста на постојните образовни профили кои ги нудат училиштата, како и потребите од нови профили кои им се потребни на компаниите но не се вклучени во наставните програми. -Целта на денешната средба е да ја продискутираме потребата од стручни профили кои недостигаат во овој регион со намера уште за наредната учебна година во стручните училишта да формираме паралелки чии ученици покрај теоретски ќе се обучуваат и практично односно ќе одговараат на потребите на компаниите. Со компаниите, училиштата и општините дискутираме за потребата од одредени стручни кадри. Задно со други мерки , стипендирање, гарантирано работно место, пост дипломски студии и слично настојуваме да ги привлечеме младите да се запишат во средно стручно училиште – подвлече министерот Шаќири Наташа Јаневска од Стопанската Комора на Р. Македонија изрази надеж дека со вакви кампањи се разбива стигмата дека 80 % од луѓето во нашата земја се долгорочно невработени токму затоа што нема доволно стручен кадар – Ние секоја година правиме анализи врз основа на кои дознаваме дека компаниите навистина имаат недостаток на кадар 65 % не одговорија, што значи дека сериозно мора да работиме на оваа проблематика. Оваа кампања ја работиме две години и за тој период имаме сериозно приближување меѓу бизнис секторот од една и образованието од друга страна- истакна Јаневска. На настанот поздравни обраќања имаа претставници од платформата за јавен- приватен дијалог и од центарот за стручно образование и обука. Пред присутните се одржа презентација на Анализата на податоци за соодветноста на постојните и потребните профили за работа .На случувањето присуствуваа претставници од Центарот за стручно образование и обука, претставници од компании, директори на средни стручни училишта и претставници од меѓународни организации.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВО ОБИКОЛКА НА ДЕЛ ОД ТЕКОВНИТЕ И ЗАВРШЕНИ ГРАДЕЖНИ АКТИВНОСТИ
Градоначалникот, Кирил Пецаков, денес, изврши обиколка на дел од тековните и завршени градежни активности кои се одвиваат на територија на Општина Охрид. Во Стариот дел на градот се врши фугирање на потпорните ѕидови. Со овој зафат се превенира од оштетување и рушење на потпорните ѕидови, а со тоа се продолжува нивниот век на траење. Дополнително во зависност од потребите ќе се изврши и целосна санација на растурени или оштетени ѕидови. Активностите ги изведува фирмата „Бокоп“, а вкупната вредност на договорите е 750 000 денари. Градоначалникот заедно со директорот на ЈП „Нискоградба“ ги посетија улиците „Будва“ и „Винковачка“ каде претпријатието вршеше поставување на нова фекална канализација. Поставувањето се одвиваше во две фази, во првата фаза се поставија цевки Ф 300 mm во должина од 225 m и Ф200 mm во должина од 135 m со вкупна вредност од 1,977,516.00 денари и во втората фаза се поставија цевки Ф 200 мм во должина од 70 m со вкупна вредност од 489,903.00 денари. Вкупната вредност на зафатот изнесува 2,467,419.00 денари
УСПЕШНА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ОБУКАТА ЗА НАСТАВНИЦИ И УЧЕНИЦИ ВО „КОСТАЛ“ МАКЕДОНИЈА
Со пригодна свеченост во просториите на Општина Охрид, денес, беа врачени сертификатите на наставниците кои беа дел од обуката за наставници и ученици во „Костал“ Македонија – „Напредни технологии во автомобилскиот сектор“. Обуката се реализира во рамки на проектот за унапредување на средното стручно образование во општините. – Единствено само преку соработка помеѓу локалните компании и средните стручни училишта, може да ги подготвиме нашите млади за нивната идна професија, но во согласност со потребите на компаниите. Еден од позначајните сегменти е практичната обука на учениците во компаниите, бидејќи покрај теоријата, учениците се надградуваат и во работната средина, односно се подготвуваат за реалниот свет, истакна во своето обраќање градоначалникот Кирил Пецаков. Настанот претставува заокружување на процесот кој го реализираа „Костал“ , ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ со поддршка од швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија“. – Овој проект е рефлексија на потребата на „Костал“ за системско подобрување на младиот кадар кои произлегува од средното училиште ОЕМУЦ со паралелна обука на наставниот кадар. Самата обука не за подобрување на техничкото знаење потребно за индустријата, туку за многу понапредните процеси и производи кои ги развива групацијата „Костал“ во подолг временски период. Производот ја има најголемата додадена вредност како полупроизвод во автомобилската индустрија која се извезува од Македонија. Затоа овој проект е уникатен и го прави „Костал“ Македонија препознатлив бренд. Благодарност до ОЕМУЦ и Општина Охрид за соработката и се надеваме на уште многу вакви заеднички проекти во иднина за подобрување на образовниот систем и вештините на младите луѓе во Охрид и регионот, рече генералниот директор на „Костал“, Виктор Мизо. Ивана Георгиевска, експерт за стручно образование и обука, го истакна задоволството од соработката помеѓу Општина Охрид и „Костал“ и потенцираше дека токму оваа соработка и овој настан се пример во која насока треба да се движи стручното образование во државата. Во рамки на обуката, од април 2021 година, се спроведоа на 1800 часови обука за 14 наставници и презентации за 30 ученици од средното стручно училиште. – Овој концепт на учење ги унапредува практичните знаења и вештини на учениците кои по завршување на нивното школување ќе можат веднаш да ги применат во производствениот процес за кои се обучени, што е крајна цел на воспитно – образовниот процес. Часовите предвидени за учење преку работа се реализираат во корелација со сертифицирани обучувачи од компаниите и професори по практична настава од училиштето, што е суштина на проектот дуално образование, истакна директорот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, Сашо Недески. Од учениците кои веќе посетувале пракса во „Костал“, двајца се веќе во редовен работен однос, додека за другите изготвена е ранг листа согласно потребите од работни позиции во компанијата.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ И ДЕЛ ОД СОВЕТНИЦИТЕ ВО ПОСЕТА НА КОСТАЛ
На покана на компанијата „КОСТАЛ“ , градоначалникот Кирил Пецаков и дел од советниците од Советот на Општина Охрид беа во посета на компанијата. Генералниот директор на „КОСТАЛ“, Виктор Мизо, ги запозна присутните со историјата на компанијата, финансиското работење и со производите што се произведуваат во компанијата во Охрид. После презентацијата се изврши обиколка низ производствените линии каде градоначалникот и советници одблиску се запознаа со начинот и динамиката на производствените капацитети на компанијата. На крајот од средбата заедно беше заклучено дека е важна меѓусебната соработка и поддршка.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ОСТВАРИ СРЕДБА СО ОХРИЃАНЕЦОТ КОЈ Е ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКАТА „КАНТЕР СТРАЈК“ РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денеска оствари средба со младиот охриѓанец Александар Ќулукоски, член на Македонската „Кантер страјк“ репрезентација, која го освои првото место на Светското е-спорт првенство кое се одржуваше во Израел, во ноември минатата година. На средбата се разговараше за условите за развој на електронскиот спорт (е-спортот) во Охрид, како една нова спортска дисциплина која веќе доби и официјално признание од Агенцијата за млади и спорт, на ниво на нашата држава. Градоначалникот Кирил Пецаков во името на Општина Охрид на младиот Ќулукоски му врачи еднократна парична помош од 30.000 денари како поддршка и мотив за поголеми успеси на понатамошните натпреварувања. Александар Ќулукоски се натпреварува под псевдонимот „CacaNito“ и заедно со македонска репрезентација се очекува да се натпреварува на Европското првенство и на Меѓународниот турнир од светски ранг во Дубаи.
ВРАЧЕНА НАГРАДАТА “ГРИГОР ПРЛИЧЕВ“ ЗА НАЈДОБРА ПОЕМА
Со доделувањето на наградата за најдобра поема на лауреатот Трајче Кацаров, денес во НУЦК “Григор Прличев“ продолжија свеченостите на годинашните “Прличеви Беседи“. Програмата започна со изведбата на “1762 Лето“ и претставување на наградениот поет и поемата “ЦВЕТКО“. За животниот пат и творештвото на Кацаров, пред присутните зборуваше драматургот Зоран Пројкоски, а свое обраќање имаше и градоначалникот Кирил Пецаков. – Почитувани дами и господа, почитувани гости, драги охриѓани. Ми претставува особена чест, најискрено да му ја честитам наградата на познатиот македонски поет, есеист, раскажувач и драмски автор, Трајче Кацаровза поемата „ЦВЕТКО“ и да му посакамкрепко здравје и долги, долги години инспирација во создавањето на нови литературни дела. Годинашното чествување на делото на македонскиот и светски книжевен великан и преродбеник, овенчаниот со Лаворов венец во Атина, Григор Прличев збогатено е со уште една поема, со која се продолжува традицијата на Прличевата “Сердарот“. Наградата е достоинствен и високовреднуван дел од современата македонска книжевност. За нас Григор Прличев, бил и ќе остане не само врвна книжевна преродбеничка фигура, туку и народен трибун, човек кој влевал надеж за национално будење и културно самоидентификување. Во тој дух се и идеите на “Сердарот“ и „Скендербег“ поврзани со борбата за народна слобода и заштита на сиромашните, гладните и унесреќените. Ваквите манифестации посветени на великаните, каков што е Григор Прличев, се вистинското место гласно да ветиме дека ќе ја продолжиме традиција и секој на свој начин ќе придонесуваме за подобра иднина на својот народ и на Македонија. На тој пат водилки треба да ни бидат високопоставените, не само уметнички, туку и етичките и општоцивилизациските вредности на Прличев – истакна градоначалникот Пецаков. Претставувањето на наградената поема “ЦВЕТКО“, нејзините литературни и уметнички вредности пред присутните ги образложи претседателката на жири комисијата Маја Јакимоска Тошиќ, а делови од поемата рецитираа актерите Билјана Билаловиќ и Павел Маслов. Заблагодарувајќи се на наградата, лауреатот Кацаров, истакна дека во своето творештво секогаш се потпира на делата на големите писатели, поети и философи, прибележувајќи одредени мисли, кои понатака во процесот на творечката имагинација секогаш ја имаат во себе потребата да си биде љубен, зошто поетот не постои без љубовта. Во продолжение на денешната програма, беше промовирана монографијата “Прличеви беседи (1952-2022) Хроника на еден културен настан“ од авторите Гордана Змејкоска и Милчо Јованоски.
